MMФ, капитализмот и законот на вредноста

18.06.2012 10:34
MMФ, капитализмот и законот на вредноста

Главниот заклучок што сакам да го истакнам е овој: Она што ја контролира светската економија не е ММФ или СБ или Американската благајна или Вол Стрит. Она што ја контролира капиталистичката светска економија е поскоро безличниот закон, законот на вредноста. Тој е безличен мошне на начин на којшто е законот на гравитација: тој функционира независно од нечија волја или намера. Покривот на вашата куќа пропаѓа не поради тоа што некој го планирал тоа на тој начин, туку поради законот на гравитација.

Исто така, капиталистите и нивните организации не планираат да има кризи. Попрво, законот на вредноста е природно самопротивречен, самонегирачки и ова ги предизвикува кризите на капиталистичкиот систем.

И ова е каде што меѓународните кредитни организации добиваат слика. Во неодамнешните години, ММФ особено презел нова улога, различна од онаа што ја имал во текот на своите први 30 години, и различна дури од својата улога во менаџирањето на должничките кризи во Третиот свет од 1980-те години. Неговата нова улога е таа на менаџирање на глобалната економска криза, обидувајќи се да ја поправи светската економија и да ја чува од пропаст. Она што ММФ го прави, всушност, е да го минимизира лошиот долг со нов долг, и да ги преобрази државите, коишто усвоиле нов долг, во машини за отплаќање долг. Учтивиот збор за тоа е „структурно прилагодување“.

Клучната цел е да се обнови довербата на инвеститорите – доверба дека тие всушност ќе ги добијат своите пари назад, со профит. Само ова ќе го одржува кредитниот промет и ќе овозможи лошиот долг да биде минимизиран со нов долг.

Обновувањето на довербата е една таква важна цел не поради тоа што ММФ или Министерството за финансии не сака да ја задоволи алчноста на инвеститорите. Тоа е поточно поради тоа што, иницирајќи кризи на довербата, економските кризи се закануваат да предизвикаат пропаст на целата светска економија. Она што го продолжува капитализмот на секојдневна основа, она што му овозможува да добива од денес до утре, се ветувања и верба, посебно ветувањата дека денешните задолжувања ќе бидат отплатени утре, како и вербата дека овие ветувања ќе бидат исполнети. Ова е, се разбира, многу несигурна потпора, според тоа, финансискиот систем е природно кревок и тежнее кон пропаст секогаш кога довербата е разнишена.

Како што Азиската криза од 1997-1999 покажа, кризите на довербата можат да се шират многу бргу, и низ светот, од Тајланд сè до Русија и Бразил. А денес, должничките бремиња во двете светски најголеми економии, САД и Јапонија, се на рекордни нивоа кои веројатно се неодржливи. И во случај на сериозна криза или во САД или во Јапонија, ММФ, се разбира, не би можел да скрпи помош која е доволно близу голема за да пак ги соединат Humpty-Dumpty.

Без оглед на тоа дали тоа сценарио ќе се случи, должничките кризи и последичните кризи на довербата се чини сигурно дека ќе се повторат. Ова е поради тоа што, како што сугерирав претходно, тие се дел од функционирањето на законот на вредноста којшто владее со капиталистичкиот систем. Овој закон не владее само со она што се нарекува „корпорациски капитализам“ или „глобализација“, но исто така со државниот капитализам кој постоеше во Русија и Кина и всушност со капитализмот во сите свои различни форми.

Кој е овој закон на вредност и како тој предизвикува кризи? Како што Карл Маркс дискутирал во својата книга Капиталот, постојат два аспекти на производствениот процес во услови на капитализам. Тоа е производството на материјални добра и услуги, но исто така и производство на вредност. Целта на производството не е само да произведува повеќе материјали, но и да произведува повеќе вредност. Но, постои повторувачка противречност помеѓу овие цели, помеѓу ширењето на физичкото производство и ширењето на вредноста. Како што производството се зголемува, вредностите на стоките опаѓаат. (Тоа е најконцизната дефиниција на законот на вредноста што можам да ја дадам.) Со други зборови, трошоците на производството опаѓаат и цените тежнеат да опаѓаат како резултат на тоа. Овој неуспех на вредноста да се „самозголеми“ доволно за возврат води кон кризи на физичкото производство, токму бидејќи физичкото производство во услови на капитализам секогаш е поврзано за производството на вредност и се занимава само ако произведува вредност.

Овие денови, ние слушаме како многу се зборува за „Нова економија“ во којашто зголемувањето на продуктивноста, поради информациската технологија, наводно ќе биде еликсир за сите проблеми на капитализмот – сиромаштијата, невработеноста итн. Она што ова гледиште го превидува е тоа дека капиталистичкото производство не е само систем на производство на материјални нешта, туку и систем на производство на вредности. Напредната технологија ги прави сите видови на нешта поевтини – информациското обработување, телекомуникациите, транспортот итн. Овие намалувања на трошокот изгледа би им сугерирале на капиталистите дека можат постојано да ја зголемуваат својата профитабилност, сè додека не се сфати едно нешто: трошокот на некое претпријатие е приход од продажба на друго претпријатие. Ако трошоците опаѓаат, тогаш опаѓаат и приходите.

Чуден факт е што многу марксистички економисти (Анвар Шаикх итн.) исто така мислат дека зголемувањата на продуктивноста се благослов за капиталот бидејќи тие наводно ја зголемуваат профитабилноста. Но, врз основа на она само што го реков, лесно е да се сфати дека зголемувањето на продуктивноста може да ја снижува профитабилноста и да води кон кризи. Замислете капиталист кој инвестира денес во машина, и ја искористува во текот на следната година, за да произведе две нови машини. Во физички изрази, проширувањето е извонредно, 100%. Но, што ако, поради зголемувањето на продуктивноста, двете нови машини вредат не повеќе од првобитната? Сè друго да е исто, приходот од продажба следната година не е поголем од вредноста којашто претпријатието ја инвестирало денес. Профитот е нула. Вредноста не се зголемила. И ако сиромашниот капиталист зел на заем пари за да ја добие првобитната машина, тој не може да ја плати каматата што ја должи. Следат должничка криза и криза на довербата.

Секако, во стварноста работите се прилично покомплексни, но мислам дека овој пример во одредена мера ги разјаснува кризите коишто ја рушеле глобалната економија. На пример, неодамнешната Азиска криза доби форма на должничка криза и недостаток на побарувачка. Стана многу популарно да се вели дека она што ја „предизвика“ кризата било прекумерно задолжување. Ова тврдење, сепак, не објаснува ништо. Тоа што се случило изненаден одлив на капитал значи токму тоа дека претходниот прилив, гледајќи назад, се покажал како прекумерен. Сепак, во однос на што приливот станал прекумерен? Зошто способноста на економиите не можела да апсорбира кредит паралелно со нејзиното стварање?

Она што мојот едноставно мал пример предлага како одговор е тоа дека, поради законот на вредноста, зголемувањето на продуктивноста и опаѓањето на вредностите, не се произведувало доволно нова вредност. Секогаш кога стапката на раст на вредноста не постигнува стапки на профит, следи должничка криза. Нов долг мора да се усвои, не за да се присвојат дополнителни ресурси или да се прошири производството, туку само за да се плати каматата на неплатениот долг. Но, сега мора да се плати дури повеќе камата, па должничките бремиња зајакнуваат и финансиската структура станува нестабилна, сè повеќе склона кон кризи кога е спротивставена со „шок“. И, според тоа, ние се обидуваме да го одложиме денот на пресметка, минимизирајќи го лошиот долг со нов долг, како и со други манифестации како што се масивните зголемувања на владиниот и приватниот долг во САД, Јапонија и всушност во скоро секоја развиена држава, што може да се покаже како неодржливо.

Има многу повеќе што би можело да се каже преку економска анализа, но се надевам дека суштинскиот заклучок е јасен: кризите на капитализмот се неопходни за него, и периодични, бидејќи системот е заснован на нерешлива противречност помеѓу ширењето на физичкото производство и ширењето на вредноста. Како што Маркс го истакна тоа: „Вистинската граница на капиталистичкото производство е самиот капитал: капиталот и самооплодувањето на неговата вредност се појавуваат како излезна и крајна точка, како мотив и цел на производството; производството е производство само за капиталот а не обратно, средствата за производство да бидат само средства за сè пошироко развивање на животниот процес за општеството на производителите“.

Овој заклучок, кој мислам дека е точен, покажува дека она што ни треба во борбата против не е само оваа или таа манифестација на капиталот, како што е глобализацијата или ММФ. Ние треба да се бориме против – и да го укинеме – самиот капитал, самото производство на вредност. Ние треба да оствариме нови односи, човечки односи, нови начини на живеење и работење, засновани на нов мотив и цел, не на зголемување на вредноста туку на развој на секој поединец како цел на самата неа или самиот него.

Ова е, се разбира, застрашувачка задача. Но, јас мислам дека треба да биде дел од нашите погледи. Ние треба секогаш да се фокусираме на наградата. Неуспесите на движењата од 1960-те години да го изменат општеството, и тмурната историја на сталинизмот и социјалдемократијата, можат да нè научат важна лекција. Ако на крајот погрешно го идентификуваме непријателот, правејќи грешка за една или друга манифестација на капиталот поради самиот капитал, ние само ќе му дозволиме на вистинскиот непријател да се врати дури посилен, да си ги поврати придобивките и да ги врати работите на старо.

Извор: akliman.squarespace.com

Превел: Томислав Захов

Илустрации: Хара Катсики

ОкоБоли главаВицФото