Нашите медиуми се дел од пропаганден монструм

27.06.2012 12:03
Нашите медиуми се дел од пропаганден монструм

Има многу индиции дека бизнисот со медиумите е „потежок“ и од тешката индустрија. Но, прашање е колку реалните трошоци, пред сè за партиската пропаганда, се реално покриени со пари, односно колку обртот е фиктивен заради муфте рекламите?!

Ако многу работи во земјата се делат на период пред и по 2006 година, тоа секако важи и за положбата на медиумите. Владата на чие чело тогаш стоеше СДСМ, одеше кон крајна либерализација на пазарот на медиуми - не ги помагаше воопшто, но и не се мешаше во нивната работа.

Според анализата на угледниот истражувачки Центар Форум во 2006 година, непосредно пред големата промена на власта, во медиумите од реклами се слевале 40 милиони евра. Некои компании, пред сè телевизискиот гигант А1, преку комбинацијата на сите свои дејности (пред сè, трговијата) и преку условување на продажбата во своите продавници на разни форми на стока, собираше голем дополнителен приход. Се смета дека преку разни компензациони зделки, често и на работ на легалноста, во медиумите, главно електронските, се слеале уште 20 милиони евра (или вкупно 60). Од владини фондови, како што рековме, нема значителни приходи, а се јавува и битен странски инвститор кај печатените медиуми (ВАЦ) кој купува три тиражни дневни весници, главната печатница и дистрибутивната компанија (според многу закони, меѓу кои и американските, тоа е недозволива концентрација и монопол), ги обединува и се обидува да ја спроведе политиката на синергија.

Истражување

Според истражувањата на независниот Центар за економски истражувања (ЦЕА), најдобра економска година за медиумите е 2005 година. Секој медиум во просек имал обрт од по 300 илјади евра, маркетинг пораките носеле приход од 53 отсто од вкупните приходи (68 отсто биле пораки од страна на големите компании), со 64 вработени во просек кои имале релативно задоволувачки примања (плати) и профитабилност со коефициент од околу 5,5, што е добро за една гранка која по природата е хаотична. Медиумите зеле 4 отсто од БДП, што е еден голем колач, но битно е што не го добивале од власта, што подоцна радикално ќе се промени.

Во периодот 2006-2008 година новата влада, во рамките на својата политика на завладејување со медиумите, оди по пат на селективно субвенционирање на медиумите и тоа доста обилно и со завладејување на парите кои ги даваат компаниите во форма на реклами. За таа цел се создава (или „окупира“) мрежа од неколку големи рекламни компании, каде што компаниите ги даваат своите пари за реклами, планирани или непланирани, генерално изнудени, бидејќи економијата нема голема можност за контрола врз нив. Во рекламните компании се концентрираат големи средства - освен оние 40 милиони од фирмите, дваесетте милиони од компензациите, тука се парите од државата, поточно од буџетот, кои збирно прават концентрација од близу (често и над) 100 милиони евра! Тоа е многу повеќе од најголемиот дел од стопанските гранки во земјата и може да се носи со нив.

Бесплатно

Ова овозможува дел од печатените медиуми да се продаваат без пари, без цена и тоа на киосци каде се продаваат весници кои имаат цена, без државата да се обиде да реагира на тој дампинг, бидејќи тоа главно се медиуми кои ја поддржуваат владата и го учат населението дека не треба да плаќа „за да има вести“. Селективното издвојување на пари за реклами создава големи турбуленции на пазарот на медиумите, кога одредени медиуми стануваат привилегирани без за тоа да постои економска (пазарна) логика. Се оди кон содржински и уредувачки промени (завладејува „жолтиот“ печат) кој се состои и во евтино и небазирано на факти пропагандно четиво на медиумите.

Како пример може да се земе 2009 година. Според податоците на Советот за радио дифузија, само телевизиските и радио станици фактурирале - им испратиле сметки на порачувачите на рекламирања - вкупно 240 милиони евра! Според Роберто Беличанец, еден од истражувачите на медиумскиот пазар, од тоа се наплатени само 50 милиони (25 милиони дало стопанството, а 25 милиони државата). Тоа се чудни бројки? Ако фактурирате услуга, на тоа плаќате данок, а за споменатите пари би требало да дадете околу 40 милиони евра или речиси целата сума која сте ја добиле повратно, како реален приход!

Фактури

Во 2010 година сумата која радиодифузерите (радио и ТВ станиците) ја фактурирале изнесува 450 милиони евра (или околу 8 отсто од БДП!). Јасно е дека таа испорака не е вратена со реален приход?! Тоа значи дека нарачателите на реклами - пред сè државата или владејачката партија - потрошила рекламен простор во вредност од повеќе стотици милиони евра, но за тоа платила неколкукратно помалку! Тоа е пропаганден монструм кој ги јаде капацитетите и програмските минути на своите деца, и самиот одредува кој од нив ќе преживее. Нема пари, се разбира, за независните и слободни медиуми!

Оттаму, во оваа дејност има многу пари, многу повеќе фиктивни фактури, нема реална финансиска контрола на државата (тоа е како самата да се контролира) и како парадокс има огромен број на невработени новинари, кои веќе еднаш имале редовен однос. Проценка на Глобус е дека се работи за најмалку 700 лица. Тоа се исто така лица кои селективно и ја изгубиле работата.

Извор: globusmagazin.com.mk

Фотографии: Catalina Bartolome