Децата на Анслингер

28.06.2012 09:04
Децата на Анслингер

УМС на ДПМНЕ излезе со доста „креативни“ решенија по повод кампањата за Денот на борба против дрогите. Едно е што целиот концепт е комплетно пресликан од некоја стара американска кампања. Другиот, пак, проблем е што е политички некоректен во начинот на кој ја пренесува пораката. Имено, повеќето од луѓето на постерите кои треба да претставуваат наркомани се – обоени. Ова неверојатно наликува на кампањите на фашистот Анслингер од триесеттите години на минатиот век, во кои Афроамериканците и Латиноамериканците биле посочувани како директни виновници за ширењето на култот кон марихуаната во САД.

Третото и она најважното е, секако, марихуаната во друштво со хероинот, екстази и кокаинот! Една веќе толку исвиркана и толку научно оспорена приказна што е прилично неразумно сè уште да се верува во неа.

Постои некоја особено ригидна конзервативност во која млади луѓе се трудат од петни жили да бидат поконзервативни дури и од старите. Глупаво е да се дискутира дали тие имаат или немаат пристап до информации. А исто така сум уверен дека добар дел од тие млади и надежни демохристијани се и самите конзументи на марихуана. Не би навлегувал во психологија за да откривам зошто се однесуваат вака идиотски, а не ме ни интересира. Она што ме интересира е дали тие навистина мислат дека ние ги голтаме овие лаги? Дали тие мислат дека светот на просечниот Македонец се сведува на неколку контролирани телевизии и по некое про-порталче кое редовно известува за полициските подвизи во борбата со марихуаната?

Нема да ги коментирам сите „штетности“ набројани на постерот, бидејќи оној што сака да знае ќе се информира вака или онака. Она што е важно е дека постерот за марихуаната, како таков, доживеа големо фијаско по социјалните мрежи и порталите. Не знам дали УМС ова го очекуваа или не, но добро е да се знае дека архаични дезинформативни кампањи веќе не поминуваат како порано. А тоа можеби значи и дека бројот на конзументи и поддржувачи во Македонија не е за занемарување.

Еве нешто интересно што се надевам ќе ги замисли сите кои страдаат од хронична неинформираност на оваа тема.

Your browser is not able to display this multimedia content.

Извор: legalise.blog.mk