Бугарските еколози ги победија бизнисмените

02.08.2012 07:41
Бугарските еколози ги победија бизнисмените

Бугарските активисти за заштита на природата, со масовни протести ги принудија политичарите да го одбијат законот што се закануваше со уништување на шумите. Во Бугарија тоа е прв таков успех за дигитално организирање на културата на протестирањето.

„Орловиот мост“, во главниот град Софија, во Бугарија е место исполнето со симболика. На оваа преполна раскрсница во центарот на градот, која е оддалечена само неколку чекори од зградата на Парламентот и Универзитетот, во јуни 1990 година беа одржани најголемите протести против комунизмот во Бугарија.

Дваесет и две години подоцна, во јуни 2012 година, овде се разви една нова протестна култура, илјадници млади, организирани преку твитер и фејсбук, го заземаа овој мост во знак на протест заради спорниот закон за користење на шумите. Меѓу другото, тој закон ја олеснува изградбата на скијачки терени во заштитениот шумски предел, на југот од земјата.

Предлог-законот предвидуваше скијачките терени, жичарниците и хотелите да можат да се градат во заштитеното планинско и шумско подрачје, а притоа да не биде задолжително да се бара екстензивна и скапа пренамена на земјиштето во градежно. Претходно таквите барања се поднесувале пред започнување со какви било градежни работи. Инвеститорите и градителите на скијачките патеки се правдаат со економски причини: помалку бирократија - поголема корист за туризмот. На тој начин, бугарските скијачки подрачја ќе станат поконкурентни.

Скијачкиот туризам против заштитата на шумите
Не е неважно тоа што скијачкиот туризам игра огромна улога, особено во економски неразвиените планински подрачја на југозападот од Бугарија, каде невработеноста е многу голема. Тоа беше и главниот аргумент на министерот Мирослав Најденов, кој е одговорен за овие прашања. Највисокиот скијачки службеник во земјата, стопанственикот Цеко Минев, изјави: „Општеството е заведено. Развојот на скијачкиот туризам не претставува никаква опасност за околината“.

Со тоа сакаше да ја намали силата на сомнежот што владееше кај оние кои протестираа, меѓу кои беа и претставниците на Светскиот фонд за заштита на природата.

Младите активисти за заштита на природата беа уверени дека ќе дојде до големо сечење на шумите. Затоа беа налутени, но мирно протестираа против алчноста и незнаењето, кои ѝ се закануваат на природата. Бугарската влада пак, се обиде да им излезе во пресрет на претставниците од бизнис секторот.

Откриена политичка сила
Во врска со овој закон постојано се изразуваше и сомнеж за можните економски интереси на членовите на владата, за корупцијата и системот на врски и познанства. Во ваква напната атмосфера, заговорниците на законот им возвратија со иста мерка на активистите за заштита на природата.

Тие ги обвинија дека се финансирани од претставници на австриската, швајцарската и германската зимска туристичка бранша, со цел бугарските скијачки центри да не им претставуваат конкуренција.
Кога конфликтите помеѓу лобистите за скијачките терени и еколошките активисти се заострија, како посредник се јави бугарскиот премиер Бојко Борисов. Иако тој претходно се залагаше за новиот закон, рече дека ќе го послуша гласот на јавноста и ако таа се противи, тој ќе го повлече спорниот предлог-закон. Затоа, претседателот на државата и партискиот колега Розен Плевниев, му стави вето на законот. Како причина за тоа ја наведе некомпатибилноста на законот со законодавството на ЕУ.

Претседателот заклучи дека стравувањата на критичарите се оправдани и дека законот „не одговара на темелните начела од уставот и граѓанското право“.

На овој начин, барем засега, заштитниците на природата ја освоија победата. Но, победник е и протестната култура во Бугарија. Собирот на мостот беше првиот успешен масовен протест, организиран преку социјалните мрежи, а со тоа една нова генерација во Бугарија го откри сопствениот политички глас.

Извор: http://www.dw.de

Шубчо е ем Б’лгарин ем

Шубчо е ем Б’лгарин ем бизнисмен. Уште еден пораз за него?

That saves me. Thanks for

That saves me. Thanks for being so snsbeile!

ОкоБоли главаВицФото