Бебето од катран (3)

03.09.2012 10:29
Бебето од катран (3)

Повторно во Скопје и поблиску до Струга

Во 1965 се вративме во Скопје. Бевме среќни што се враќаме дома. Се сеќавам дека сите песочни плажи на Медитеранот или национални паркови на Источна Африка не можеа да го спречат татко ми да оди или да мечтае за лето во – Струга, Македонија. Вљубеник во својата земја но свесен за нејзините големи недостатоци, често не му преостануваше ништо друго освен си ја олеснува душата со шеги. Како кога некаде по војната со гостинот од Франција, познатиот поет и член на комунистичката партија Луј Арагон, излегувајќи од вардарската клисура, застанале на правливиот пат да ја гледаат панорамата на Велес чии црвени покриви блескотеле на утринското сонце. Восхитен од глетката, поетот дојден од секогаш прекрасниот Париз кликнал: „О, колку би сакал да живеам и да умрам тука“. Владо, го погледнал и кусо прокоментирал: „Да умреш, да, но да живееш – не“. А , сепак, срцето му беше само тука – во Македонија. Во неговите раскажувања, помнам уште од најраното детство, зборот емигрант имаше трагично значење, а кога подоцна српскиот писател Милош Црњански се врати во Белград по долги години емиграција, тоа беше само уште една потврда за неговата теза. За разлика од него мајка ми Милка знаеше да рече нешто што на татко ми ни на сон не му паѓало:„ Ма шта сте се забили у ову рупу,Скопље, бре... Идите у свет“. Јас, пак, иако растен надвор, сè уште бев своевиден македонски националист, иако без елементот наречен „омраза кон другиот“.

Разговорите за политиката, било домашна или светска, беа значаен дел од она што би можело да се нарече семејната атмосфера. Во таа исполитизирана атмосфера, почнаа првите несогласувањата. Мене, имено, во политичкиот систем на моите родители ми недостасуваше слобода. Меѓутоа, несогласувањата не ги нарушуваа нашите односи. Всушност, тие симпатизираа со мојот немир и незадоволство. Дамна беа свесни за опасностите на полицискиот систем на владеење, истиот оној кој и’ ја обезбедуваше владеачката позиција на партизанската генерација во Југославија. Се сеќавам, уште како дете, на долгите разговори на родителите за некаков состанок во Каиро на амбасадорите од регионот на Блискиот исток со тогашниот министер за надворешни работи Коча Поповиќ. Имено, сите тие протестирале против улогата на вторите луѓе во југословенските амбасади кои биле луѓе на полицијата, кои, се сеќавам, по правило беа прилично осилени индивидуи. Осиленоста, пак, произлегуваше од нивната привилегирана позиција. Имено, шифрата со која комуницираа амбасадорите со Белград, им беше позната на советниците, но затоа шифрата на советниците не им беше позната на амбасадорите. Ривалитетот меѓу амбасадорот, номинално првиот човек на југословенското претставништво во странство и советникот, реално првиот човек кој својата моќ ја црпеше од директна врска со полицијата, се случуваше на врвот од таа мала пирамида на власта во амбасадите. Меѓутоа, атмосферата на сомничење беше присутна и на најниските нивоа. Добра илустрација е признанието на домарот кој, на збогување му се извинил на татко ми за работите што ги пишувал за него во своите извештаи. Така, уште како дете, учев за интриги меѓу човечки суштества во борба за превласт и доминација, но и за кардиналниот дефект на една иделогија којашто целосно ја игнорираше човековата природа, тој неисцрпен резервоар и на зло, не само на добро.


Мојата средба со нашата политичката реалност


Ангажманот во студентската организација, а потоа и како асистент на Правниот факултет во Скопје беше дел од осознавањето на политичката реалност во мојата држава. Целокупната политичка активност на државата се одвиваше внатре во еднопарискиот систем, зашто сите други политички алтернативи беа елиминирани уште веднаш по Втората светска војна. Во пресметката со опозиционерите на Грол во југословенското собрание, учествувал и татко ми со една своја дискусија, убеден, во тие револуционерни времиња, во неефикасноста на политички ситем со опозиција во кој „народната власт“ би била под контрола на „класниот непријател“. Меѓутоа, политичката историја на Југославија покажува дека и тука, во тој тесен простор на единствената партија и на институциите под нејзина контрола, перманентно се одвива неизбежниот конфликт меѓу човечки суштества во борба за власт и влијание. Судирот со Ѓилас во педесеттите или подоцна во седумдесеттите со либералите, на пример, се илустрација на овој закон на политиката. Првото искуство на дете кое штотуку научило да чита седнато скрстнозе среде работната соба и гласно чита некаков говор на некој човек со чудно име „Ѓилас“ и нервозната реакција на мајка ми Милка со „давај го тоа ваму“, беше наивно и збунувачки. Второто, дваесеттина годи подоцна беше нешто друго. Специфичната меѓународна положба на државата по судирот со Сталин се одразуваше и во политичкиот живот на државата која беше „нешто друго“ во однос на оние под директна контрола на Советскиот сојуз. „Сигнализирај лево а вози десно“, беше политичката девиза на времето.

Отвореноста на границите на Југославија и слободниот проток на информации со западните демократии му овозможуваше секому кој имаше љубопитност, слободно да ги пречекори границите на официјалната идеологија. Во амбиентот на Правниот факултет такви поединци не беа бројни. Луѓето, имено, се практични суштества кои сакаат да градат кариери, што беше невозможно надвор од владеачката идеологија. „Тие странски книги само ќе те збунат“, ме предупреди еден колега. Меѓутоа, останува фактот дека отвореноста на државата која прокламира некаков среден пат помеѓу еднопартискиот и повеќепартискиот систем, нарекувајќи го систем на општествено самоуправување со делегатскиот систем како негов политички израз, отвораше простор за политички предизвик на комунистичката догма на монолитност на мислата и на акцијата. Дури и истакнати западни политиколози, како Роберт Дал, на пример, во своите дела пишуваа со благонаклоност за југословенскиот политички експеримент како можна алтернатива на двата ривалски системи. Згора на ова, врз една мултиетничка заедница каква што беше Југославија тешко се наметнуваше целосен монопол на власт од еден центар, кој нужно мораше да биде во перманентно прилагодување на барањата на деловите. Тоа и го правеше со чести реформи на уставниот и политичкиот систем.

Онака како што елементите на спротиставување можеа да се најдат само внатре во еднопартискиот систем на државата, зашто целиот останат политички простор полицијата го „чистеше“ од идеолошки противници, и на Правниот факултет беше присутна истата контрадикција. Имено, Факултетот како извор на партиски и државни кадри стана и извор на идеи кои не секогаш беа во согласност со официјалната идеологија. Во еден период на овој факт се гледаше како на нешто бенигно, како на „богатство на внатрепартиската демократија“, меѓутоа кога, на почетокот од седумдесеттите, политичката пресметка во Југославија се заостри, работите станаа многу грди. Преминот од статус студент во статус асистент за мене беше некако нормален. Шеесет и осмата, годината на големите студентски демонстрации во светот, помина со еден состанок на студентите и на наставниците на Правниот факултет и еден таков на Универзитетот, со присуство на истакнати политичари, либерални комунисти. Учествував и зборував на двата состаноци. Девизата „сигнализирај лево, вози десно“ имаше свои економски и политички последици. Стопанската реформа остави луѓе без работа, така што една од главните стопански гранки стана извоз на работници во западна Европа. Судирот помеѓу идеологија којашто прокламираше работа, еднаквост и достоинство за сите, и реалноста отсликана во бранот црни југословенски филмови, ние студентите го доживувавме како предавство на револуционерните идеали од страна на „црвената буржоазија“. Малку знаевеме дека таквиот социјализам не може да се прокламира, ниту пак е возможен преку дефиниција. Имено, подоцна разбрав дека едно општество може да има онолку социјализам колку што создало, согласно човековата природа, со помош на капитализмот! Требаше да помине време за да разберам дека социјализмот може да биде само критика на едно општеството, но не и самото општество. Како студенти малку знаевме дека мораме да излеземе сосема од политичкиот модел на еднопартиската држава, како што мораме да ја напуштиме логиката дека ако реалноста не соодветствува со идејата, штета за реалноста. Ме очекуваа големи изненадувања за кои не бев ниту свесен.

Кон првиот дел

Кон вториот дел

Фотографии: Алексеј Мјакишев

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото