Помина денот на жалост. Луѓе изгинаа, Некој Си даде оставка, ама карванот си врви, а сонцето, според прогнозата, денеска пак ќе сјае. И понатаму ја имаме истата стапка на невработеност, и понатаму ги имаме заебанциите со комшиите, и понатаму имаме неодговорни политичари и уште помалку одговорни медиуми.
Минатиот понеделник Ирена ве предупреди дека сум политички некоректен –
не ме интересира бон-тон и не ме интересира што ќе мислите за мене. Ми се чини дека сепак е поважно што самите мислите за себе. Како што вели мотото на
Пешчаник, „
Ако ви е добро, тогаш ништо“. Ниту вие ќе се замарате дали она што сум го кажал држи вода, ниту јас ќе се мислам дали сум допрел до вас. Можеби ќе ве пецне кога ќе кажам некој „срамотен“ збор, ама ќе си кажете „
Их, сељак!“ и ќе ви помине.
Она што Ирена заборави да каже е дека сум политички неподобен.
Најбитниот тренд за една од двете македонски партии во моментов е пласирање што е можно подесно на политичкиот спектар. Не е битно тоа што конзервативците во „нормалните“ држави, традиционално, се врзани со богатите, а кај нас им се удвараат на сиромашните (ако сте поминале низ градовите во источна Македонија, знаете на што мислам) – тоа е само уште еден симптом на болеста „Наопаку насадени“.
Мене ми е интересно тоа што нивното мавање во гради со конзервативноста ме враќа во детството, кога игравме партизани и германци. Првин се делевме на две групи – или со „Ком-па-ни-ја!“ или со „Еци-пеци-пец!“ Штом ќе се поделевме следуваше кечерското мавање во гради и мачо булшитот од типот „Ние сме појаки!“ Дури доаѓаше и до „дебати“ околу тоа кој е уствари Добриот, а кој Лошиот - „германците“ никако не сакаа да се помират со фактот дека се Лошите. Гледано низ призмата на историјата, не е многу тешко во случајов да се одреди кој е Добар, а кој Лош чичко. Едните се бореле за слобода, другите за територија, едните за еднаквост, другите за супериорност.
Пред да рипнете и како некој хибриден мајмун-папагал да почнете да мавтате со рацете и да викате „
Комуњар! Соросоид! Наркоман!“ дозволете да ви разбијам една илузија:
во Македонија не постои ниту левица, ниту опозиција. Нема ни комуњари, а не па комунисти. Она што фигурира како левица може да се спореди со издишан балон, дупнат куртон, импотентен маж, фригидна жена, скопски фраер... со други зборови: бескорисно и бесполезно нешто. Да постоеше (квалитетна) опозиција, немаше да има потреба од „колумњари“. А оние што живееле овие скоро дваесет години во Македонија знаат дека кога опозицијата беше власт не беше ништо поарна од сегашната власт. И тогаш бевме во „транзиција“ и тогаш не влегувавме во НАТО/ЕУ и тогаш имаше „проблем“ со името и тогаш имаше невработеност.

А иако сум бил стипендист на „Сорос“, немам ни грам љубов за нив. Во предизборната трка 2002 имаа огромна кампања „Моќта е во народот!“, ја прикажуваа власта како ѓавол (две работи со кои потполно се согласувам), а во 2006, 1998, 1994 ги немаше никаде. Во Македонија „Невладина“ не значи и „Непартиска“ организација. Се’ додека не се смени таа парадигма (не само на индивидуално туку и на колективно ниво), „граѓанскиот“ сектор ќе си остане „тринаесто прасе“, „задња рупа на свирали“ или безгласна буква.
Ако веќе сакате да ми залепите некоја етикета, наречете ме Прагматичар. Знам дека не е толку звучно како Комуњар, ама тоа повеќе одговара на мојата политичка определба. Еден од концептите за коишто имам зборувано на мојот блог е адаптабилноста на човекот како клучен фактор во неговата еволуција. Меѓутоа, не мислам на приспособливоста за која пишуваше Копач. Сончогледизмот како синдром во македонската политика укажува на недостаток на чест и придржување до принципите. Мене ме интересира адаптабилноста во контекст на решавање на проблемите. Нашиве конзервативци се трудат на проблемите да им пристапуваат од конзервативна гледна точка и неретко се случува законите да им паѓаат на Уставен суд. А после, повторно како мали деца, трчкаат наоколу и викаат „Не играме со иле!“
Самиот концепт на „влегување во рамка“ значи ограничување од кое нема мрдање лево-десно, напред-назад. За мене, ригидната политичка определба значи стоење во место. Држење до „партиска политика“ наместо размислување со сопствена глава. Со еден збор: Едноумие. А од тоа избегавме, нели?
Затоа, за мене, секој член, симпатизер или гласач за одредена „опција“ во Македонија е подеднакво виновен за состојбата во која се наоѓаме. Водењето според она што го кажуваат од „Централата“ воопшто не е поинакво од она што го имаше во СФРЈ. Ако веќе сме решиле да се одвоиме од таквото едноумие, тогаш треба да се одвоиме и од таквиот начин на размислување. Ако сакаме да бидеме индивидуалци во државна смисла, тогаш да бидеме индивидуалци и во политичка смисла.
И, пред да почнете пак да мавтате со рацете и да викате „Ама они го направија ова, они направија вака, они направија така!“ запомнете дека имањето чест значи преземање одговорност за сопствените грешки и нивно (евентуално) поправање. Покажувањето со прст кон другиот е повторно детска одлика: „Ама ти вчера го скрши џамот на комшијата!“ Доста веќе детско однесување! Доста веќе ставање во фиоки! Доста веќе метење ѓубре под тепих! Прифатете ја вината за денешната состојба, преземете ја одговорноста и ајде да ги смениме работите на поарно.
Нормално, „ако ви е добро, тогаш ништо.“ Само не се чудете ако ве собере цунами.
Чаре?
Испратено на 07 септември 2009 од АлекПроблемот е како да најдеме ефикасен метод да им укажеме на граѓаниве дека не се глувци да се кријат по партиските штабови за ситни интереси, а ни хиени за да се грабаат околу пленот, туку БИ ТРЕБАЛО да бидат хомо сапиенси во 21 век.
Испрати нов коментар