Окно анкета за СК014 (3)

24.09.2012 12:12
Окно анкета за СК014 (3)

Прашањата на Окно
1. Кое дело од многуте скулптури, споменици и згради од СК014 би го издвоиле како симбол или квинтесенција на целиот проект?
2. Што друго би издвоиле од „Скопје 2014“, во позитивна или негативна смисла?
3. Вашето мислење за целокупниот проект СК014?


Паско Кузман, археолог и историчар на уметност

1
Импозантниот споменик на Александар Македонски.

2
Спомениците на Св. Кирил и Методиј, Св. Климент и Наум, Гоце Делчев и Даме Груев, како и зградата на Археолошкиот музеј на Македонија во позитивна смисла.

3
Фасцинантно.

 

Јана Јакимовска, уметница

1
Првото прашање што ми паѓа на ум кога се зборува за Скопје 2014 е „Зошто?“ Зошто мораше толку многу работи да се напикаат на толку мал простор? Зошто мораше тоа да се направи за толку кусо време? Зошто не се слушнаа спротиставените мислења и не се послушаа конструктивните забелешки? За секое „зошто“ упатено кон поединечните дела (без разлика дали „ми се допаѓаат“ или не) можам да најдам каков-таков одговор. Но, бидејќи за целината никако не можам да најдам соодветно „затоа“, токму делото за кое немам никаков одговор го одбирам за симбол на проектот: Триумфалната порта. Најкритикуваниот и најнеоправданиот објект, истопорен во центарот на Скопје, светнат и дотеран, секој пат кога ќе поминам крај него, триумфално ми дофрла: „Зашто така!“

2
Секако, позитивно е тоа што почнавме да разговараме за тоа што е уметност, а што не е; многу од тие дебати сè уште се на ниво на детски караници, но и тоа е некаков почеток. Незадоволството од Скопје 2014 ги разбуди духот и креативноста на дел од граѓаните, се случија реакции, проекти и перформанси. Искрено се надевам дека засегнатите од овој проект природно ќе се спојат во некаква неформална, широка „креативна коалиција“ и ќе смогнат сили да го разбудат мнозинството од „златниот транс“ во кој се заборава дека Букефал има и задница, дека бронзата е поскапа од животот, дека врбата нема да роди грозје...

Ќе бидам сега малку субјективна и ќе се осврнам на еден не толку споменуван, но за мене многу значаен негативен аспект на овој проект: проблемот на авторството. Кој е всушност авторот на Скопје 2014? Дали се тоа луѓето потпишани на делата, или некој зад/над нив? Кога ќе се земат предвид оние тендери и конкурси што излегоа на виделина, во кои речиси сè е однапред смислено, останува да се запрашаме дали воопшто станува збор за слобода на уметнички израз, или само за материјализирање на туѓи идеи, што и да претставуваат тие. Кулминација на тоа медиокритетско сфаќање на уметноста од страна на оние кои ја имаат моќта се гаќите на Прометеј, таа навидум бенигна кастрација на позлатената скулптура. За мене тоа е зашеметувачка шлаканица на која мора да се возврати – со соодветно дело, се разбира.


3
Сметам дека не можам да дадам мислење за целокупниот проект дури не биде завршен, но и сега ми е нејасно што сè влегува во него. Не знам ниту што уште се планира, до 2014 има уште многу време да бидеме (не)пријатно изненадени со нови работи. Но, можам да кажам како го чувствувам Скопје 2014. Го чувствувам како имплант кој мојот организам сака да го отфрли; го чувствувам како непоканет гостин кој не знам како да го избркам; сè си мислам дека треба да „помине“, како некоја треска. Но, проблемот е во тоа што ваквите зафати не „поминуваат“. Тие остануваат тука да сведочат за нашето незнаење, за нашите пари кои се потрошиле, за нашите лични фрустрации отелотворени во наџиџани џинови кои, сепак, не успеваат да нè направат посреќни и поголеми луѓе. Единствено ќе успеат да ги збунат нашите деца, кои ќе треба да сфатат дека „скокалницата“ МНТ е постара од „стариот“ театар.


Мирко Попов, уметник и музичар

1
Споменикот на „Паднатите херои“ личи на некој нео-класичен (ако не се лажам:) монумент, со намера да се добие некаква епска димензија во тој простор, што е оневозможено од начичканите споменици директно пред него. Генерално не би имал нешто особено притив поставка од овој тип (иако делува малку наци), но навистина е грозно во комбинација со два или три споменици во различен стил директно пред неа. Во овој случај нема никаква поента и споменикот е уште еден показател за криминалните естетски критериуми на целиот проект. Гафовите со пелените на Прометеј и погрешниот латински се традиционални грешки на македонските „градители" низ децениите, кои редовно ја истакнуваат неукоста и простотилакот на духот.

2
Идејата за подобрување на ликот на главниот град е добредојдена во секое време, но се чини дека и покрај активностите во тој правец, овде „градителите" не се водат со таа идеја или, доколку се водат, тогаш сме паднале во рацете на естетски умоболни монструми. Не можам да го обвинам дури и сиротиот просечен Македонец за фактот што ги изгласал, од причина што во предизборните муабети Скопје 2014 не постоеше. Би ја издвоил целата изведба во негативна смисла, како неорганизирана, невкусна и како историски криминал кон просторот и разумот.

Ми се допаѓа споменикот на Гемиџиите. Мислам дека е ок да има ред згради од „другата" страна на Вардар. Ми се допаѓа идејата за Триумфална Капија - како симбол на триумфот над разумот на денешниот Македонец.

3
Мислам дека проектот, за жал, исклучиво служи на личните и партиски интереси на водството на партијата на власт. Сметам и дека засега мошне солидно успеваат во намерите, со оглед на терапевтскиот, но и анестетички резултат кој проектот го има врз пошироките маси. На крајот на денот, амнезија, анестезија, или било каков опиум-дрога му е неопходен на народецот кој натписите ТИТО со бели камења по ридови ги замени со светлечки крстови и параклисчиња. Се чини партијата на власт многу добро го знае тоа и маестрално го одработува во реалноста, меѓу другото и со овој проект. Не би да звучам негативно, но малку ми е страв дека наскоро општата амнезија спонтано ќе премине во еутаназија, но да го добиеш она што го заслужуваш е сосем во ред, не?

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото