Завршив со Холивуд

08.10.2012 15:02
Завршив со Холивуд

Откако во март наполни седумдесет години, култниот австриски режисер Михаел Ханеке одлучи на гледачите да им го подари „Љубов“. Нормално, како и секогаш со овој контроверзен режисер, првиот поглед лаже, па „Љубов“ е всушност филм за умирањето и соочувањето со смртта на саканата личност, што е прикажано низ приказната за остарениот брачен пар париски интелектуалци.

Старите парижани ги играат актерските легенди Жан-Луј Трентињан и Емануела Рива, чиј живот се менува кога сопругата доживува мозочен удар.

Филмот е премиерно прикажан во мај во Кан, каде е и награден со Златна палма за најдобар филм, а неодамна светското здружение на филмски критичари FIPRESCI го прогласи за најдобар филм на годината.

Седуммина големи

На филмската сцена Ханеке се појавува релативно доцна. Иако како режисер дебитира во 1974 со телевизискиот филм „И што доаѓа потоа“, првиот „вистински“ филм го снима дури како четириесетиседумгодишник. „Седмиот континент“ таа 1987 година не поминува премногу забележано, но веќе во 1991 контроверзниот „Видеото на Бени“ го сместува меѓу интересните европски режисери. Првиот голем успех го постигнува десет години подоцна со „Пијанистка“, кога ја освојува Големата награда на жирито во КАН, а краткотрајниот излет во Холивуд, каде во 2008 година снима преработка на неговиот својот стар филм „Смешни игри“, поминува неуспешно. Идната година, пак, со „Бела панделка“ освојува Златна палма во Кан, а кога успеа да го повтори тоа и со филмот „Љубов“, се вброи меѓу седумте престижни режисери кои два пати триумфирале на најголемиот светски филмски фестивал.

Поради што одлучивте да снимите филм со тема за умирањето?

Бев инспириран од случувањата во моето семејство. Мислам дека затоа и многу гледачи можат да се поистоветат со филмот, затоа што речиси секој од нас барем еднаш се нашол во ситуација да изгуби некој близок.

Значи, колку од вашето лично искуство има во филмот?

Би било многу здодевно и кичесто да го пренесувам мојот живот на платно. Ова не е автобиографска приказна, туку само филм инспириран од нешто што ми се случи во животот.

Колку ви е важно описот на болеста да биде што пореален?

Ако се занимавате со олку сериозна тема, тогаш е исклучително важно да бидете што поточни. Инаку публиката брзо ќе забележи дека не ја прикажувате вистината. Подготвувајќи се за филмот поминав многу време во болница, а за сцената во која медицинската сестра објаснува како се ставаат пелени за возрасни навистина снимив вистинска медицинска сестра, која секојдневно им ги дава тие упатства на пациентите, па ѝ реков на глумицата да ја имитира. Исто така, кога се подготвував за „Бела панделка“, морав да читам католички книги од почетокот на XX век, па долго проучував како тогаш се живеело на село.

Родители глумци

Дали веднаш на почетокот на пишување на сценариото во глава го имавте крајот на филмот?

Не, всушност беше сосема спротивно. Додека го пишував сценариото, во еден миг се најдов пред ѕид, не знаев како да ја продолжам приказната. Со денови размислував што да направам, а бидејќи не ми доаѓаше ниту една паметна идеја, одлучив да се посветам на некој друг филм. Но, штом почнав да работам на друго сценарио, сфатив што треба да направам и потоа релативно брзо ја завршив работата.

Како вие гледате на смртта?

Моите чувства се подвоени. Има една прекрасна песна од Јоханес Брамс во која стиховите прво гласат „О, смрт, колку си горчлива кога ни го земаш саканиот среде животот“, а набрзо доаѓа и стихот „О, смрт, колку си слатка кога го ослободуваш човекот од неговите страдања“. Затоа и погледот на смртта зависи од човековата ситуација. Во моментов сум многу добро, здравјето ме служи добро и не сакам да умрам.

Се извинувам на ова банално прашање, но во што е тајната на правењето добар филм?

За да снимите добар филм мора да имате одлично сценарио и добра актерска екипа. Но, не е доволно само да викнете добри актери, туку да им пронајдете и соодветна улога и складно да ги вклопите со другите. Ако успеете да склопите сето тоа, тогаш филмот може да функционира. Во овој случај глумците беа многу важни, на пример, човечката топлина која со себе ја носи Жан-Луј Трентињан е неопходна за филмот. Не можете на глумецот, колку и да е добар, само да му кажете да ја одглуми таа топлина, тоа човек го има или го нема.

Како го убедивте да ѝ се врати на филмската глума после седум години?

Сценариото го пишував имајќи го токму него во главата за ликот на Жорж. За среќа, тој ги знае моите претходни филмови и особено му се допаѓа „Бела панделка“, па веднаш се согласи кога му кажав за што се работи во филмот.

Остар кон екипата

Како ја коментирате неговата изјава дека е тешко да се работи со вас затоа што сте перфекционист?

Ми се чини дека Жан-Луј го кажа тоа со мала насмевка на лицето. Вистина е дека на сетовите инсистирам на мојата визија за да го добијам филмот што го сакам, но не е вистина дека моите глумци страдаат заради тоа. Нему оваа улога сосема сигурно му беше физички тешка, затоа што по цели денови беше на нозе, што не е лесно за осумдесетгодишник, но мислам дека на крајот беше задоволен. Кога не оди сè онака како што замислувам, знам да бидам остар кон екипата, но никогаш кон глумците.

Уживате ли во снимањето на филмот?

Тешко е да се оствари сето она што сум го замислил, а речиси добивам нервен слом кога доаѓам на сетот и гледам, на пример, дека перницата е сина боја, а не бела како што сум побарал.

Уживам во пишувањето на сценариото, баш како и во постпродукцијата, но самото снимање за мене е голем стрес. Тешко е да се оствари сето она што сум го замислил, а речиси добивам нервен слом кога доаѓам на сетот и гледам, на пример, дека перницата е сина боја, а не бела како што сум побарал. Единствена добра страна е соработката со глумците, само тоа е забавна страна на режирањето. Мојата љубов кон глумците доаѓа од родителска страна, затоа што моите родители беа глумци, па уживам во нивно друштво и навистина им се восхитувам.

Зошто на филмот му дадовте наслов „Љубов“, а не, да речеме, „Смрт“?

Тоа беше идеја на Жан-Луј Трентињан, кој откако го прочита сценариото ми рече дека во приказната има толку љубов што филмот би требало да се вика „Љубов“. Одговорив само: „Фантастично“.

Паметна публика

Дали би можеле и овој филм да го снимите во Холивуд, како што го направивте тоа со вашиот филм „Смешни игри“?

Не, не... Завршив со Холивуд. Уште порано реков дека се решив за преработка само затоа што сакав да допрам до љубителите на насилните акциони филмови, но тоа не ми успеа со германската верзија, па мислев дека ќе успеам ако ја снимам истата приказна со холивудски глумци на англиски јазик. Публиката е секогаш попаметна отколку што мислите, па многу брзо сфатија дека не им нудам едноставно забавно насилство, туку насилни сцени кои се мачни и го тераат човек на размислување. Затоа и не е чудно што филмот пропадна. Не ми е жал што го снимив, но таа грешка нема да ја повторам два пати.

 

Извор: jutarnji.hr

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото