Нобеловата награда за медицина им припадна на Британец и на Јапонец

08.10.2012 17:08
Нобеловата награда за медицина им припадна на Британец и на Јапонец

Нобеловата награда за медицина за 2012 година им е доделена на британскиот биолог Џон Б. Гурдон и на јапонскиот доктор и научник Шинја Јаманака за нивните откритија поврзани со матичните клетки, соопшти Нобеловиот одбор за доделување на наградата.

Одборот истакна дека нивните откритија од корен ги променија нашите сфаќања за развојот на клетките и организмите.

Двајцата добитници се наградени поради откритието дека возрасните матични клетки може да се препрограмираат за да бидат „плурипотентни“ (за да можат од нив да се создадат различни видови клетки), додава одборот. Од матичните клетки настануваат сите други клетки во човечкото тело.

Во 1962 година, британецот Џон Гурдон, роден 1933 година, открил дека ДНК во матичните клетки на возрасна жаба ги содржи сите информации потребни од нив да се развијат сие останати видови клетки.

Во 2006 година, јапонецот Шинја Јаманака (50) открил дека возрасните матични клетки на глушецот можат да се репрограмираат и повторно да станат млади.

Наградата за медицина е првата од Нобеловите награди што ќе се доделат годинава. Сите добитници на Нобелова награда за 2012 година ќе бидат познати во текот на оваа седмица, а најголемо е исчекувањето за наградите за мир и книжевност.

Се чини дека кинескиот книжевник Мо Јан и јапонскиот Харуки Мураками се фаворити за оваа година, една седмица пред објавувањето на Нобеловата награда за книжевност, додека коптската Египќанка Меги Гобран, претседателка на невладина организација за заштита на децата, е фаворитка за наградата за мир, според интернет обложувалниците.

Најрано утре ќе бидат објавени добитниците на Нобеловата награда за физика, а најрано во среда оние за хемија. Можен датум за објавување на добитниците на Нобелова награда за книжевност е дури четврток, 11 октомври. Шведската академија го објавува датумот неколку дена порано, но традиционално тоа е четврток во 13 часот.

Во петок се очекува објавата на добитникот на Нобеловата награда за мир, а најрано во понеделник на 15 октомври се очекува добитникот на Нобеловата награда за економија.

Наградите се објавуваат во Стокхолм, освен онаа за мир што се објавува во Осло.

 

Извор: hrt.hr