Нобелот за литература за Мо Јан

12.10.2012 08:13
Нобелот за литература за Мо Јан

Кинескиот писател Мо Јан е добитник на Нобеловата награда за литература за 2012 година, соопшти на 11 октомври Кралската шведска академија, истакнувајќи го во образложението неговиот „халуцинантен реализам кој ги спојува народните приказни, историјата и современоста“.

Мо Јан е првиот државјанин на Кина кој ја добил Нобеловата награда, бидејќи Гао Сјингџијан, кој беше награден во 2000 година, ја напушти татковината уште во осумдесеттите и кон крајот на деведесеттите стана француски државјанин.

Според наводите на Кралската шведска академија, по повод веста за доделувањето на Нобеловата награда, Мо Јан изјавил дека е одушевен и исплашен.

Роден како Гуан Моје во 1955 година во селско семејство во Шандонг, Мо Јан е познат по романите „Црвениот Соргум“, „Балади за лукот“ и „Република на виното“, како и по збирките кратки раскази, кои почнал да ги објавува во 1981.

Мо Јан почнал да пишува уште како војник во Народноослободителната војска, а светска слава стекнал со романот „Црвениот Соргум“, кој има и филмска верзија.

Неговите дела пред сè се занимаваат со бурната историја на Кина во дваесеттиот век, а често се обоени со мрачен, циничен хумор.

Со мешавина од фантазија и реализам, историски и социјални перспективи, Мо Јан креира сугестивен свет кој потсетува на делата на Вилијам Фокнер и Габриел Гарсија Маркес. Истовремено, неговото дело, како што Кралската шведска академија истакна во официјалните биографски податоци, се потпира на старата кинеска книжевна и усна раскажувачка традиција. Покрај романите, Мо Јан објавил и многубројни кратки раскази и есеи на различни теми, а наспроти критицизмот на општеството, во Кина ужива статус на еден од најзначајните современи писатели.

Неговиот последен роман „Frog“ (2009) се смета за најхрабар досега - поради описот на кинеската политика за планирање на семејството, која често значи и присилен абортус и стерилизирање. За тој роман, Мо Јан во 2011 година ја добива најголемата кинеска книжевна награда „Мао Дун“.

Мо Јан сепак не припаѓа на дисидентскиот круг писатели, туку напротив, приврзаник е на официјалната политика во културата и уметноста. Поради таквиот став трпи критики од одредени современици, но смета дека за него треба да се суди само врз основа на неговите книги.

„Писателот треба да искаже критика и противење на мрачната страна на општеството и грдата страна на човечката природа. Некои можеби сакаат да викаат на улица, но би требало да ги толерираме и оние кои се кријат во собите и ја користат книжевноста за да го изразат своето мислење“, изјавил своевремено Мо Јан, чиј псевдоним на кинески значи „молчи“.

Одредени писатели и активисти за човекови права кои сметаат дека Мо Јан не ја заслужува Нобеловата награда, особено му замеруваат поради тоа што го овековечил говорот на Мао Це Тунг, учествувајќи со уште неколку писатели во изработката на специјалното издание на книгата со која е одбележана седумдесетгодишнината од влијателниот говор на кинескиот лидер.

„На политичкиот фронт, тој ја пее истата песна како недемократскиот режим“, изјави непосредно пред доделувањето на Нобеловата награда еден од истакнатите активисти за човекови права, Тенг Биао, замерувајќи му на Мо Јан што не го искористил своето влијание за да проговори за интелектуалците и политичките затвореници. Тенг Биао особено му префрла на Мо Јан што како потпретседател на Кинеското друштво на писатели не ја коментирал Нобеловата награда за мир која во 2010 година му беше доделена на Лиу Ксиаобо, кој во 2009 година е осуден на повеќегодишна затворска казна поради наводна субверзија.

Јан студирал на Воениот институт за уметност и книжевност, а подоцна и на Пекиншкиот универзитет каде завршил постдипломски студии по книжевност и уметност.

Мо Јан е сто и деветтиот добитник на Нобеловата награда за литератра, вредна околу 920.000 евра.

Минатата година Нобеловата награда ја доби шведскиот поет Томас Транстромер, автор на дванаесет поетски и прозни книги.

Извор: e-novine

ОкоБоли главаВицФото