Окно анкета за СК014 (8)

17.10.2012 11:35
Окно анкета за СК014 (8)

Прашањата на Окно
1. Кое дело од многуте скулптури, споменици и згради од СК014 би го издвоиле како симбол или квинтесенција на целиот проект?
2. Што друго би издвоиле од „Скопје 2014“, во позитивна или негативна смисла?
3. Вашето мислење за целокупниот проект СК014?

 

Инес Ефремова, уметница

1
Дефинитивно, споменикот „Паднатите борци“, особено современиот македонски Адам - Прометеј, кој откако го вкуси јаболкото на викторијанското морализирање, доби долна облека и го сокри својот „срам“.

Разгледувајќи го само визеулно, од стилски аспект, несомнено потсетува на Die Partel од Arno Breker - статуа го симболизира духот на Нацистичката партија. Ова естетско „сродство“ со „нашиот“ Прометеј кажува многу за целиот проект. Тука е и безмалку апсурдниот момент на облекувањето на скулптурата и уште поиндикативното објаснување на авторот за истиот чин.

Сево ова ја прави скулптурата одлична репрезентација на природата на СК014, како и на сите оние кои се инволвирани во неговото реализирање.

2
Како позитивен аспект би ги издвоила малите инфраструктурни подобрувања кои беа „нус-продукт“ во реализацијата на проектот.
А, веројатно и тоа што резултираше со нов „уметнички“ правец кој ќе се изучува како некоја бизарна инцидентна појава - “македонски турбо-фолк барок“.

3
Ако треба да изберам придавка/именка со која би го опишала СК014, тоа би биле: „криминално“ и „пораз“.

Криминално затоа што станува збор за естетски и финансиски криминал. Естетски и културно тоа е проект со кој на варварски начин се обидува да се избрише непроценливо вредното наследство на модерната и да се замени со „Франкештајн“ создаден од некаков бизарен спој од нео-класицизам, маниризам и кич, или како што сакам да го наречам, македонски турбо-фолк барок.

Не помалку важен е и фактот дека СК014 е и грабеж и „расфрлање“ со парите на граѓаните.

За крај, проектот го доживувам како пораз - пораз на културата, пораз на демократијата и личен пораз. Поразена сум затоа што на идните споменици оставаме еден симбол на кич, невкус и ароганција на власта. Уште повеќе, поразена сум затоа што СК014 се изведува со мои, твои, наши пари, целосно нетранспарентно и сомнително, кршејќи ги демократските начела и принципи. А најмногу сум поразена зашто досега не успеавме (како професионалци и како граѓани) да го сопреме сево ова, иако можевме.
Сепак, можеби, се’ уште можеме?!

 

 

Томе Аџиевски, уметник

Среќна нова 2014

Пред три години бев поканет на една дебата по повод Скопје 2014. Тогаш реков дека не е ништо ново антиката циклично да се повторува во европската култура, нешто како традиција во која и самите Европјани не веруваат, па требa дополнително да се потсетуваат на нејзините вредности. Исто така реков дека на Скопје му претстои уште еден земјотрес, во естетска смисла, со проектот Скопје 2014. После ова никој веќе не ме покани на друга дебата. Во секој случај мислам дека на вашите читатели многу поинтересно ќе им биде ако им раскажам нешто за мојот проект Паднатите Херои за Македонија, и тоа не за она што се гледа од прва, туку за оние неколку загатки што ги најавив пред неговото отворање, со цел да ја испровоцирам јавноста на малку повнимателен поглед. Ќе зборувам само за оние работи кои веќе се открија или загатнаа во јавноста. За останатите ако ги има, авторот не е коректно да зборува.

Во големата џамија во Кордоба - Мозкита од осмиот век постои една мала фонтана, не многу атрактивна, но огромна со својата идеја. Тоа е идејата за живата вода која никогаш не мирува. Фонтаната на Паднатите Хероите нема базен со вода, туку извира и непрестано тече.
Ви се допаѓа ли логото на UNESKO. Доколку ви се допаѓа, тогаш свесно или не го поддржувате најрасистичкото и хегемонистичко лого. Асоцијациите што се појавија за можни опасни времиња, за портата, и мимикрија над колумните го прават овој сегмент контроверзен, IM MORTALIS ANTICA, зошто гази на тенката линија меѓу вкусот и артизмот и прави едно дело да биде уметност или сенка.
Антиката е добра за придобивање на широките народни маси, лесно се лепи, потоа лесно се вклопува во историјата. За неколку години ќе мислите дека отсекогаш ви била тука.

Пред петнаесетина години во Берлин присуствував на една огромна изложба на предвоената уметност во СССР и Германија. Намера на организаторот беше да направи равенство помеѓу овие два идеолошки детерминирани уметнички процеси. Дел од уметниците во Германија, а особено во СССР по познатиот харковски конгрес, заради неповратната отуѓеност на авангардната уметност од револуцијата, доброволно му ја отстапуваат својата авангардна улога на пролетеријатот односно на народот. Најмаркантната скулпторка од тој период Вера Мухина е херој на Советскиот Сојуз, а скулпторот Георг Колбе национален уметник на Германија и близок соработник на Мис Вад Дер Рое на павиљонот Барцелона. Двајцата работат во академски, неокласичен стил, со намера нивните дела јасно да ја изразат пропагандната мисија за која се создадени. Мислам дека денес од оваа временска дистанца, ослободени од разни индоктринации и предрасуди, можеме слободно и критички да се навратиме на овие бурни уметнички процеси. Токму заради отуѓеноста на уметноста од народот, скулптурите на Паднатите Херои со намера се работени во манирот на предвоената Советска односно Германска скулптура, не да се цитира, туку да се рехабилитира едно анатемисано уметничко поглавје, кое во себе има снажен ангажман и вера во идеата да му се обраќа на народот. Отуѓеност на уметноста во институциите и инстант идеологизацијата на уметноста во карневалска смисла се случи и кај нас, со една мала разлика што нашиве уметници немаа поим што им се случува. Но, што им понуди на уметниците откачениот и храбар концепт за неокласицистичка разгледница за градот. Мисија да му се приближат на народот и реално да излезат на улица. Да го охрабрат во неговата честопати ретуширана национална историја со приемчив реализам, кој притоа и немора да биде виртуозно изведен. Да ја покријат дупката во неговата западна мемореја со градби кои брзо ќе добијат патина.Да понудат лесна естетска едукација за недоволно писмената нацијата. И сето тоа како замена за еден десет годишен непродуктивен инертен и недефиниран период во естетска смисла, здодевен до солзи. Од сето ова мене највеќе ми се допаѓа идеолошкиот контекст и чувството дека сум дел од возбудлив историски момент на мојот град. Во Њу Јорк на Менхетан поставен е огромен дијамант, скулптура на Џеф Кунс, да ги потсетува сограѓаните на нивниот естетски невкус и алчност, се разбира сето тоа е добро платено. Пред да започне проектот Скопје 2014, со потсмев и жалење се гледаше на скулпторите кај нас, сега работите се сменети.

За еден дневен весник ја раскажав приказната за фратарот Салваторе, лик од романот “Во името на розата” од Умберто Еко, кој во иста реченица зборува различни латински дијалекти. Реков дека и јас го употребив истиот постмодерен говор во натписите im mortalis, libertas, justicija и дека тоа не е грешка туку намера. Некој по тој повод напишал на интернет – “немој да ме јебеш бре”. Исто така се чувствував и јас кога за прв пат го прочитав овој текст на Умберто Еко, за подоцна да ми ја предодреди целата моја уметничка иднина.

Пред неколку години во Лондон присуствував на најморбидната изложба што некогаш сум ја видел. Тоа беше изложба за субкултурата на Мексико. Таму видов човечки костур облечен во невестински фустан ,фигура на богородица облепена со бебешки цуцли, претпоставувам од мртви бебиња,таму го видов и Исус облечен во спортски шорцеви, веројатно го облекле за да не му се гледа срамот. Истата акција му се случи и на Прометеј во Скопје. Јас фигурата ја замислив да биде првиот машки акт во нашиот град, така и ја поставив. Но, некои жени-пуританки беа навредени од таа постапка, и ја извојуваа својата битка, и на културата и се накалеми субкултура, и стана дел од нашата култура. Бев приморан на отстапка, и бев корумпиран како и многу други уметници пред мене кои работеле за газди и мецени, кога ги правеле поубави и повисоки, им ги зголемувале градите, го намалувале носот, го покривале срамот на голите фигури. Сепак како артистичко алиби ми остана концептот за агората и јавниот простор, и моето убедување дека граѓанството има право да побара да го сменам мојот став за јавниот простор. Сепак за да не се заборави оваа анегдота, на покривката на Прометеј ја ставив малата маска да потсетува дека делото е цензурирано.

Скулпторите во ренесансата за да ја покажат својата одушевеност од античката скулптура, ги патинирале своите скулптури со намера да личат на античките оригинали откопани од земја, без да знаат дека во античко време тие биле боени. Оваа пракса на патинирање, односно брзо остарување се задржа до денес. Скулптурите на Паднатите Херои не се одлиени во злато, не се ниту патинирани, туку ја имаат природната боја на материјалот во кој се одлеани, сјајна и по малку кич. Ќе поцрнат по природен пат после 2000 години.

Што се случуваше со споменикот до сега. Очекував напади од разни мегафони, што е нормално за нашиов простор. Сепак, потајно се надевав дека проектот со својата потполно нова визура за паркот, со својата содржински амбиентална архитектоника, со мултиплицираните реплики на коњите, со храбрата еклектика на неокласицизмот од амбиентите на Де Кирико и цитатите од модернизмот на Бранкуси со постмодерните контексти, и својата беспрекорна изведба, ќе ги надмине предрасудите за нечија припадност. Напротив, дел од интелектуалната и новинарска бригада уште не завршен проектот, што е многу непрофесионално, жестоко го нападнаа со намера да го девалвираат, мене ме обвинија за корумпираност и ме посочија како дисидент без причина. Пред некој ден видов невеста што се фотографира кај споменикот, а и она дисидент без причина некако добро звучи.
На крајот доколку некој не е убеден во ова што јас го напишав нека појде кај споменикот и нека провери на лице место, без да се плаши дека таму ќе биде виден.

(Томе Аџиевски е автор на споменикот „Паднатите херои за Македонија“)


Колажи: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото