Неуспех на капиталистичкото производство (1)

22.10.2012 17:23
Неуспех на капиталистичкото производство

„Неолиберализмот“ и „финансијализираниот капитализам“ – сроден помодарски збор што ние го слушаме овие денови – се опашката, не кучето што ја мае. Карактеризирањето на еден период на капиталистичкиот развој како „неолиберален“ поради тоа не е засновано на факти колку во силна тенденција кон политички детерминизам – идеја дека законите на капитализмот можат да бидат темелно изменети со политичка волја и сила. Оваа тенденција го проби својот пат во марксистичката мисла на различни начини, како преку Франкфуртската школа, структурализмот и посtструктурализмот, и Регулациската школа во Франција и Школата на социјална структура на акумулација во САД. Можело да се очекува дека неуспехот на кејнзијанистичките политики наспроти економската криза од средината на 1970-те, и неуспесите на социјалдемократијата и сталинизмот, ќе провоцираат оддалечување од политичкиот детерминизам. Сепак, еден таков пресврт не се случи, а популарноста на оваа тенденција изгледа дека се зголеми во екот на последната економска криза.

Додека „неолиберализмот“ може да биде израз од помош кога се користи да се повика на доминантната политика и идеологија на одреден период, доказот што јас ќе го презентирам долу ме доведе да заклучам дека тој не е корисен концепт за објаснување на маршрутата на стопанството низ последните неколку децении. Она што го сметам како покорисно е една идеја на Маркс што политичките детерминисти често ја испуштаа: политиката и идеологијата се засновани на и условени од односите на производството кое е вистинскиот темел на општеството. Оваа идеја беше централно важна за Марксовата Критика на Готската програма и неговите критики на сродни напори да се дадат „политички“ решенија на општествено-економските проблеми. Во светло на ограничената експликациска моќ на концептот на неолиберализмот и неуспесите на политичкиот детерминизам, сметам дека оваа идеја вреди да биде повторно разгледана.

Ендру Климан, Неуспех на капиталистичкото производство, 2011, стр. 51.

Сакам да зборувам за мојата книга, Неуспехот на капиталистичкото производство. Нејзиниот поднаслов е Темелни причини за Големата рецесија. Таа е повеќе за Големата рецесија отколку за финансиската криза од 2007- 2008. Многу луѓе, како кејнзијанци така и левичари, ги анализираа причините за финансиската криза и Паниката од 2008. Повеќето од она што беше напишано е многу важно и проникливо. Сфатив дека навистина немав било што да додадам кон она што веќе беше напишано за финансиската криза, па наместо на тоа, одлучив да се сосредоточам на Големата рецесија, особено на долгорочните темелни услови што доведоа до неа.

Книгата се сосредоточува на САД, делумно бидејќи за нивното стопанство има детална анализа на податоци. Податоците кои се на располагање за стопанствата на другите држави не се целосни и често не се толку веродостојни колку податоците за стопанството на САД. Па секој – не само јас, но исто така авторите како Жерар Думенил и Доминик Леви – мошне се потпира на податоците на САД. Другата причина зошто се сосредоточувам на САД е што тие беа епицентарот на последната криза. Не може автоматски да се претпостави дека анализата на случајот со САД се применува на другите држави. Бидејќи откако САД станаа епицентар – кризата прво избувна во САД и потоа се прошири – од суштинска важност е да се разбере што се случи во САД за да се разбере Големата рецесија и воопшто нејзините последици. Се разбира, макар што податоците се за САД, што и да се случило каде било ширум светот што имаше влијание на стопанството на САД, е одразено во овие податоци.

Се повикав на финансиската криза, Паниката од 2008 и Големата рецесија. Да направам разлика меѓу овие настани. Може да биде утврдено дека финансиската криза започна од средината на 2007, кога централните банки започнаа да даваат средства за да го потпомогнат банкарскиот систем. Кризата се продлабочи и настана Паника во септември, 2008, посебно откако владата на САД допушти Lehman Brothers да банкротира, а две седмици подоцна Претставничкиот дом одби прво да ја изгласа TARP (Олеснувачката програма за проблематични обврзници). Но, до крајот на годината паниката опадна и кризната ситуација во основа заврши. Рецесија, за споредба, е опаѓање на активноста на стопанството – производството, вработеноста, приходот и продажбите. Големата рецесија официјално започна во САД во декември 2007, и официјално заврши после 18 месеци. Стопанската активност започна да се зголемува уште еднаш – но не за многу. Стопанството сè уште никако не е близу до нормалната ситуација. Оваа ситуација понекогаш се нарекува „нова нормална“.

Фактот што оваа ситуација опстојува четири и пол години откако рецесијата започна, и три и пол години откако првобитната финансиска криза заврши, покажува дека стопанската рецесија не е само поради финансиската криза. Како што Пол Кругман и Робин Велс, познати конвенционални кејнзијанистички економисти, истакнаа пред две години: „Ако темелниот проблем лежи кај кризата на доверба во банкарскиот систем, зошто обновувањето на банкарската доверба не доведе до враќање кон силен стопански раст? Веројатниот одговор е дека банките беа само дел од проблемот.“ Оваа идеја е почетната точка на мојата книга. Токму како што повеќе лежи зад Големата депресија од 1930-те отколку сломот на берзата од 1929, повеќе лежи зад Големата рецесија и новата нормална ситуација отколку пропаста на станбено-ценовниот меур од последната деценија.

На пример, за тоа колку закрепнувањето беше слабо, да ја земеме предвид вработеноста. И понатаму има пет милиони помалку работни места отколку во екот на кризата во 2007, а загубата на работни места би била околу осум и пол милиони ако не ги сметаме како вработени луѓето кои сакаат работни места со полно работно време, но работат само половина работно време. А досега поминаа повеќе од четири и пол години. Населението растеше. Само за да се продолжи растот на населението, ќе мораше да бидат создадени дополнителни шест и пол до осум милиони работни места, меѓутоа не беа. Па, за да се има истиот процент на население кое е вработено со полно работно време како што беше вработено во екот на кризата, сега би требале да бидат петнаесет до шеснаесет и пол милиони работни места со полно работно време отколку што всушност има. Тоа е пад од екот на кризата за повеќе од 10%. За да се отстрани овој проблем до крајот на деценијата, вработеноста би морала да се зголеми двапати побрзо отколку населението низ целата деценија; дури најоптимистичните предвидувачи не очекуваат тоа да се случи.

Всушност, книгата не е нешто што решив да го напишам. Во почетокот на 2009, истражував прилично ограничена тема, и открив нешто изненадувачко. Па, почнав да копам подлабоко. Колку повеќе копав, толку повеќе сметав дека беше изненадувачки. На крајот, открив толку многу изненадувачки факти што имав материјал за цела книга, и прилично различно објаснување на темелните причини на Големата рецесија од оние со кои вие можеби сте запознати.

Она што го открив беше изненадувачки за мене бидејќи тоа противречи на клучните бранители на конвенционалното објаснување, во левицата, на економската историја на последните неколку децении. За да ја разберете значајноста на моите откритија на кои ќе се осврнам за момент, ќе помогне запознавање со конвенционалното левичарско објаснување. Еве еден вид на мешовит краток приказ на ова објаснување, кој се заснова на она што неколку автори го напишале. Според конвенционалното левичарско објаснување, пресвртната точка на неодамнешната економска историја на САД беа раните 1980-ти, почетокот на нова етапа на капиталистичка експанзија предизвикана од неолиберализмот. Неолибералистите, тие велат, успеале да го зголемат степенот на експлоатација. Уделот на работниците во приходот, и нивната реална – прилагодена на инфлацијата – плата, опаднаа, а ова предизвика профитната стапка да отскокне од ниската точка што ја достигна во рецесиите од средните 1970-ти и раните 1980-ти. Според тоа, имало многу додатен профит, а стопанството ќе можеше да расте побргу, ако дополнителниот профит беше инвестиран во производство.

Но, според конвенционалното левичарско објаснување, прилично малку дополнителен профит беше инвестиран во производство, поради финансијализацијата, важна компонента на неолиберализмот. Наместо тоа, профитот беше свртен од продуктивното инвестирање кон финансиското шпекулирање. Забавеноста на инвестирањето доведе до забавеност на стопанскиот раст, што за возврат доведе до забавеност на растот на приходот. А забавеноста на растот на приходот доведе до пораст на должничките бремиња; на луѓето, бизнисот и владите им отежнало да ги отплаќаат своите долгови. И овој синџир на настани ја постави основата за финансиската криза и Големата рецесија.

Сепак, открив неколку факти кои противречат на ова објаснување. Прво, пресвртната точка на неодамнешната економска историја на САД беа 1970-те – пред појавата на неолиберализмот. Јас веќе бев донекаде свесен за ова, но другите факти ме изненадија. Стапката на профит на американските корпорации никогаш не закрепна од падот што го имаше во доцните 1970-ти и раните 1980-ти. А нивната стапка на акумулација, или инвестирање во производство падна, бидејќи падна нивната профитна стапка, а не затоа што го пренасочиле профитот од производството кон финансиските пазари. Всушност, такво скршнување не се случи. И на крајот, уделот во приходот на американските работници беше стабилен, а нивната реална компензација порасна, во текот на последните 40 години. Овој последен факт е тој што најмногу ме изненади. Поминаа само три години откако објавив статија во која напишав дека „профитабилноста беше потпомогната со опаѓање на реалната плата за повеќето работници во САД“. Пред да ги проучувам податоците, претпоставував дека падот на реалната плата беше јасен факт. Зборувајќи технички, тоа е факт, но тоа не значи она што повеќето од нас мислат дека значи, како што ќе видиме.

Во ред. Сега сакам да разгледаме подетално некои од моите откритија. Првиот принцип на конвенционалното левичарско објаснување е дека пресвртната точка на неодамнешната економска историја на САД беа раните 1980-ти, почетокот на новата етапа на капиталистичка експанзија предизвикана од неолиберализмот. Но, јас открив дека многу главни економски промени се случија и долгорочните трендови започнаа во 1970-те или порано, пред појавата на неолиберализмот. И повеќе отколку нова експанзионистичка етапа, она што ние го искусивме беше релативна стагнација (застој). Стопанството никогаш не закрепна целосно од рецесијата од средните 1970-ти.

Во САД, 1969 година беше почетокот на долгорочен пораст на приходната нееднаквост и долгорочниот пад на стапката на раст на државната потрошувачка за инфраструктура. Долгорочниот раст на задолжување од страна на Благајната на САД и домаќинствата започна околу 1970. Во 1971, Бретон-Вудскиот систем на меѓународни трансакции чија вредност беше прицврстена за цената на златото пропадна. Ова, на крајот, доведе до остар раст на цената на нафтата, во вид на долари, во 1973, а повисоката цена на нафтата доведе до Третата светска државно-должничка криза. Многу држави во Јужна Америка и на други места не го исплатија својот долг во предвидениот рок или мораа да го преструктуираат. Должничката криза не се појави сè до раните 1980-ти, но основата за неа беше поставена во 1970-те.

Длабоката глобална рецесија од средните 1970-ти го одбележува почетокот на многу други трендови кои траат уште оттогаш. Самото остро опаѓање на стапката на раст на БДП (Бруто домашен производ), во САД и во светот, започна околу 1974. Во САД, долгорочниот пад на растот на индустиското производство на САД започна околу истиот период, кога започна и долгорочниот пад на стапката на раст на работничките плати и долгорочниот пораст на луѓе кои ги губеа своите работни места. А долгорочниот пораст на просечното траење на невработеноста започна следната година.

Ги составив моите откритија на следниот начин. Постојаниот пад на профитната стапка на САД доведе до постојан пад на нивната стапка на акумулација, или продуктивно инвестирање. Ова не изненадува; создавањето профит е она што го овозможува продуктивното инвестирање на профит, според тоа, ако профитабилноста паѓа, ние би требало да очекуваме стапката на инвестирање во производството да паѓа. Опаѓањето на стапката на акумулација доведе до опаѓање на стапката на стопански раст, а забавеноста на растот е една од главните причини за зголемување на должничките бремиња. Друга главна причина е дека владата на САД и Федералните резерви повторно и повторно се обидуваа да го неутрализираат падот на профитабилноста, инвестирањето и растот со помош на политики кои ги влошија должничките проблеми. Тие го одложуваа, прекривајќи го, или допуштајќи им на приватните позајмувачи да го прекриваат, лошиот долг со дури повеќе долг. А растечките должнички бремиња доведоа до низа од должнички кризи и распрснати меури. Јас гледам на неодамнешната финансиска криза и рецесија само како последни епизоди во низата од должнички кризи и низата од распрснати должнички меури, иако тие беа во голема мера најголемите.

Заради само еден пример за тоа како владата на САД одговори на релативната стагнација со политиките кои ги влошија должничките проблеми, да го разгледаме овој график. Полната линија е реалниот долг на Благајната на САД, како процент од БДП, пред неодамнешната криза. Долгот се удвои меѓу 1981 и 2007. Но, растот може сосема да биде припишан на падот на профитната стапка на корпорациите во САД и владиниот одговор на тој пад. Владиниот приход од оданочувањето на корпорациите значително опадна. Ова беше делумно бидејќи владата ги намали даночните стапки на корпорацискиот приход – што овозможи корпорациите да задржат повеќе од својот профит за себе – и делумно бидејќи оданочениот приход од корпорациите имаше тенденција да паѓа во секој случај, бидејќи профитите паѓаа како процент од БДП. Но, ако тие нешта не се случеа, она што ние ќе го имавме е испрекинатата линија; сразмерот на долгот на Благајната кон БДП немаше да се удвои; долгот ќе беше значително понизок од тој што беше во 1970 година.

(продолжува)