Стилот Сталин

30.10.2012 12:27
Стилот Сталин

Покрај „демијургот“ на СК014, Никола Груевски, и непосредните извршители и помагачи во злосторничкиот потфат (Канчевска-Милевска, Трајаноски, Тодоровиќ итн.), кога станува збор за одговорноста за еден од најлудите култур-инженерски проекти во современата историја на Европа не може да се заобиколи улогата на советниците од страна на власта во градот Скопје и во општина Центар. Преку тие марионетски фигури се одвиваа и сè уште се одвиваат некои од зделките од налудничавиот фараонски потфат. Затоа имињата на тие луѓе ќе треба да се запомнат во некоја идна историја на бесчестието на овој град и оваа држава. Денешен пример за тоа бесчестие и за тоа „безумие со систем“ ќе биде Бранислав Саркањац, универзитетски професор, советник во градот Скопје и еден од идеолозите на груевизмот. Непосреден повод да се позанимаваме со улогата на Саркањац во ширењето на груевистичкото системско безумие е неговото интервју за неделникот „Граѓански“ од 27.10.12. Вака Саркањац го завршува интервјуто:

„Имаше интервју во „Вест“ со некој италијански архитект и реставратор. Тој изјави дека измислуваме минато и дека ги фалсификуваме стиловите во градењето. Ова да се прифати значи пак да ги храниме деривативните дискурси, со кои не се мислиме самите себе. Наш професор треба да му одговори. (...) Јас сакам дрски одговори од типот: ова што ние го правиме е инспирирано од еквадорскиот неокласицизам. Што ќе каже сега еден евроцентрист на ова?“

Ароганција на паланчанец - во тоа се состои целиот Бранислав Саркањац. Режимски, слугински парохијализам споен со „постмодернизам“ (оти, нели, „anything goes“, така Саркањац го разбрал постмодернизмот, како алиби), не за друго туку за од себе да се отфрли секоја одговорност за мислењето и дејствувањето. Интересно е како таа простачка дрскост непогрешиво е намирисана од страна на преродбеничките ловци по кадри (Сталин велеше: Кадрите решаваат сè!) и како таа примитивност на нааканиот паланчанец како бетон е влеана не само во „триумфот на груевизмот“, СК014, туку и во целокупната култура на бруталноста што во Република Македонија се инсталира изминативе шест години. Таа брутализирана култура (или култура на бруталноста и бескрупулозноста) денес толку неумоливо ја цементира безнадежноста во земјата и можноста од воспоставување минимум цивилизациски и демократски стандарди, што метафорите со стврднат бетон воопшто не се случајни; повремено се добива впечаток дека сето она благородно во македонската култура (а малку било, признавам) како мафијашки леш да е закопано под бетонот на преродбата, како никогаш да не постоело.

Саркањац, инаку, е бивш комунист. Исто како и неговиот содружник во ширењето на преродбеничките хоризонти, Ѓорге Иванов, инсталиран за претседател на државава. Се разбира, дури и привикувањето (баш постмодернистичко, низ инсталации, инсценации, перформанси, куклен театар итн.) на тие ликови, во олку опустошен контекст, во олку растурена заедница како што е македонската под преродбата, звучи комично и марионетски, да не речам гротескно, особено зашто и двајцава мошне важни извршители на груевистичките налози се фриволни шегаџии и склони кон „деконструкции“ и „катехрези“, т.е. кон потполна неодговорност за сопствените чинови и позиции. Затоа и двајцата се ставени кајшто треба - на највисоките можни позиции (формални и неформални), за да си играат „пипиревка“ (што и да е тоа) со одговорноста, т.е. да ја мистифицираат, идеологизираат, трансмисионираат, или просто (одговорноста) да ја користат како реквизит (зајак, пресечена жена, врзопче од марами итн.) во кловновско-хипнозитерските сеанси по естетика, анестетика и протетика, „за народ“.

Та така Саркањац левтерно ќе изјави: „Не може да докажете дека ова со Скопје е отслик на некаква конзервативна идеологија. Кај е таа конзервативна идеологија? Во главите на некои, напишана е во некоја зелена или црвена книга? Второ, и да е конзервативна идеологија. Што значи тоа? Нешто лошо? Тогаш, тоа е веќе етикета. И таквото етикетирање е отслик на комунистичката идеологија.“

Затоа погоре посочив дека Саркањац, барем за мојот вкус, е тврдокорен комунистички кадар. За сегашниот режим - кадар од сништата. Знае да препознае етикета, ама знае, богами, и да ја шлапне, веднаш зад ќошот, баш како ортодоксен комунистички идеолог (самиот така вели, а и демонстрира). Преродбата испадна фарма, поточно инкубатор, за тие зафркантско-тоталитарни умови кои сè на шега, вицови и градски финти (не, не, не се тоа сељачки финти, не више, не под овој пастир) успеаја од ионака темниот вилает Македонија да направат најбезнадежна дупка во Европа. Од таа дупка деновиве се обидуваат да избегаат и старо и младо, и физички работници и високостручни кадри, и уметници и спортисти, и Роми и Албанци и Македонци - сите гледаат да фатат џаде одовдека, не прашувајќи за цена. Додека Саркањац се смешка и го подјебава Хабермаса, ни више ни мање: „Мојот став е дека еден Јирген Хабермас нема што да зборува за Македонија. И не сакам она што морам да го кажам - дека сум Македонец - да биде дериват на некој европски теоретичар.“ Национализам претворен во парохијализам, мрза претворена во ароганција, интелектуална инфериорност замаскирана со новостекнатото чувство на моќ, некадарност претворена во недуховити популистички вицови - тоа е профилот на груевистичките идеолози од типот на Саркањац (ист таков е Јован Донев, многу сличен е Паско Кузман итн.). Но, исто онака како што ние граѓаните сме незадоволни од „отелотворенијата“ (кои се нашата стварност) на единствената апсолутна волја во оваа држава, онаа на пастирот, исто така, претпоставувам, пастировите ПР махери се незадоволни од скапо платените преродбенички идеолози од типот Саркањац. Ако целиот епохален проект СК014 се брани со зборовите „ова што ние го правиме е инспирирано од еквадорскиот неокласицизам“ тогаш спин-докторите на груевизмот сигурно вријат од бес.

Зошто е важно комунистичкото минато на главните идеолози на преродбата? Затоа што преродбата е продолжение на комунизмот со други средства („национални по форма, а социјалистички по содржината“). Дотолку, ми се чини дека привлечноста на преродбата за многумина луѓе произлегува од „нешто толку добро познато“, од командната природа на комунизмот. Преродбата ја ползува комунистичката ефикасност: се знае кој треба да мисли и да носи одлуки. Другите можат да бидат релаксирани, да ги извршуваат зададените задачи и да уживаат во плодовите на револуцијата. Исто е под груевизмот. Додека идеолозите, некогашните комунистички младинци, Иванов и Саркањац, кажуваат гачки и вицови, пастирот мисли и го менува светот. Во име на ефикасноста под преродбата, еден одлучува, за сè. И за кадровите и за уметничките решенија и за историјата и за скопските улици и за клучните геостратешки насоки на државата... Стварноста - тоа е Сталин. Зад националната форма (и наци-социјалистичката содржина) се крие грандиозната визија на светот кој го создава единствената партија, се крие тоталното уметничко дело создадено од волјата на неговиот вистински творец и уметник - Сталин. Мимезисот на соц-реализмот е мимезисот на Сталиновата волја. „Типичното“ на соц-реализмот е опредметениот свет на Сталиновата фантазија, одблесокот на неговата вообразба. Се разбира, Саркањац, како солидно истрениран филозофско-политички кадар, ги препознава матриците и го препознава овдешниот демијург чијашто волја е нашата стварност.

Бившите комунисти, ми се чини, не само што непогрешиво ја чувствуваат обликовната енергија на новиот водач („со сонце во косата“, да потсетиме на еден друг вожд од просториве, школски пример за хаваријата на наизглед нескршливиот амалгам меѓу комунизмот и национализмот), туку се убедени дека ги препознаваат преовладувачките политичко-историски струи; на пример, и бившите комунисти значајно придонесоа изминативе шест години во Македонија целокупната култура да стане „дел од општопартиската кауза“ (според славната формулација на Ленин). Мајаковски велеше дека „бајонетот со перото треба да се изедначи“ за тој, како и секое советско претпријатие, да може да ја положи сметката пред партијата, подигнувајќи ги „сите сто томови на своите партиски книшки“, за „општиот споменик за сите нас“ да биде „низ борбите изградениот социјализам“. Отелотворение на сништата на Мајаковски станува Сталин, наследувајќи го „тоталниот уметнички проект“ (Gesamtkunstwerk).

Гротескна реплика (фарса која настапува по трагедијата) на движењата во Германија и Советскиот Сојуз од триесеттите години на 20 век ја „задеси“ Македонија веќе длабоко навлезена во 21 век. Матриците се речиси идентични, но, велам, атмосферата е фарсична. Епохата на сталинизмот, на пример, го воспостави моделот на уметник-тиранин кој го остварува преминот на уметноста сфатена како прикажување на животот кон негова преобразба со методите на тотален естетско-политички проект. Како што пишува теоретичарот на уметноста, Борис Гројс, приговорите дека Ворошилов, Каганович, или дури и самиот Сталин, не биле теоретичари на книжевноста или уметноста воопшто не биле земани сериозно. Водачите на партијата и земјата го создавале единственото битно, социјализмот, и едновремено биле единствените критичари на она што го создавале. Тие биле познавачи на единствената неопходна поетика - поетиката на новиот свет, и на единствениот жанр - демијуршкиот. Затоа тие имале право да даваат упатства во врска со производството на романи и скулптури исто како и упатства во врска со топењето на железото и садењето репка.

Зарем Гројс не зборува за груевистичката преродба кога вели дека уметноста на социјалистичкиот реализам со право може како образец да ја користи која било прогресивна уметност од минатото бидејќи со неа ги дели „историскиот оптимизам“, „љубовта кон народот“, „радоста на животот“, „вистинскиот хуманизам“ и другите позитивни обележја? Затоа уметноста на социјалистичкиот реализам нема потреба да тежнее кон формални иновации, вели Гројс; иновацијата автоматски ѝ е загарантирана со потполната новост на нејзината содржина, со нејзината надисторичност. Таа уметност исто така не се плаши ни од забелешките за еклектицизам, бидејќи правото слободно да презема обрасци од сите епохи за неа не е еклектика, оти таа ја избира само онаа прогресивна уметност која поседува внатрешно единство.

Што уште е заедничко за соц-реализмот и преродбата? Агитацијата. Агитационата уметност. Претворањето на уметниците во „инженери на човечките души“. Во творци на „идентитетот“. Во штанцачи на „историјата“. И соц-реализмот и преродбата, низ агитационата уметност, се потпираат на манипулацијата и симулацијата, остварени со средствата на масовното информирање кои се под потполна контрола на партискиот пропаганден апарат.

На крај, само пресретнувам можна забелешка: дали преродбата повеќе влече накај сталинизам или фашизам? Низа пати сум пишувал за структурната сличност на груевизмот со фашизмот. Многу поретко сум ги правел споредбите со времето на сталинизмот (но, инспирацијата Саркањац беше пресилна, овојпат). Треба да се каже: сталинизмот и нацизмот се поклопуваат во многу нешта. Како што вели Борис Гројс во книгата „Стил Сталин“, превладувајќи ги историските рамки на авангардата и укинувајќи ја нејзината позиција меѓу уметничкото и неуметничкото, традиционалното и новото, конструктивното и секојдневното (кичот), уметноста на сталинската епоха, како и културата на нацистичка Германија, ја истакна претензијата за изградба на нова вечна империја надвор од границите на човечката историја, едно апокалиптично царство способно во себе да го прими сето она што било добро во минатото, а да го отфрли сето негативно. Истиот утописки напор - пак велам, гротескен и јаден, но не безопасен - го прави и груевизмот и тоа го прави сличен на најголемите зла на (пре)долгиот 20 век.

Колажи: Свирачиња