Вулгарниот социјализам на СИРИЗА (2)

01.11.2012 08:16
Вулгарниот социјализам на СИРИЗА (2)

13. Отворање мензи во јавните училишта за давање бесплатен појадок и ручек на децата.
14. Бесплатно здравство за невработени, бездомници и оние со ниски плати.
16. Зголемување на трошоците за невработените. Зголемување на социјалната заштита за семејствата со еден родител, стари лица, лица со инвалидитет и семејства без приход.

Социјалната сигурност на невработените, децата, студентите и учениците би морала да биде обезбедена преку „оданочување“ на трудот, или во услови на капитализам, преку данок на приход. Но, треба да се има предвид дека невработеноста не е неизбежна, дека и децата можат да бидат вклучени во производството, како и студентите и учениците во производство коешто им соодветствува на нивната изучувана струка. „Од фабричкиот систем, како што може во детали да се проследи кај Роберт Овен, се јави никулецот на воспитанието на иднината, што ќе ги сврзува за сите деца над извесна возраст производниот труд со наставата и гимнастиката, не само како метод за зголемување на општественото производство, туку како метод за производство на сестрано развиени луѓе“ (Маркс).

Стопанството може да функционира со целосна вработеност. Социјалната сигурност бара висока стапка на данок на приход за да биде финансирана, со индиректни ефекти на дестимулација врз работноспособните луѓе вклучени во производството, оти тие нема да сакаат да гарантираат општествен доход без оглед на тоа дали корисниците работат или не. Социјалната сигурност де факто е трошење на општественото богатство, а не негово акумулирање. СИРИЗА, според тоа, треба да биде против принудна социјална сигурност на одредена категорија на луѓе а на сметка на мнозинството работно население што ќе ја издржува таа категорија на луѓе.

Социјалната сигурност им овозможува на пензионерите да бараат дел од идниот производ на општеството. Но, пензионерите всушност се поддржани не од своите заштеди, туку од работата на помладите членови на општеството. Младите сè уште ќе бидат единствената поддршка за старите. Меѓутоа, кај селанството оваа поделба на трудот на непроизводствен и производствен не постои. Сите членови на едно селско домаќинство учествуваат во заемна корист. И стари и млади. Значи, и пензионерите во социјалистичкото општество работат според своите способности, бидејќи суштината на социјализмот е спречување на секакво егзистирање врз нечиј туѓ труд.

18. Национализација на банките.

„Илузиите за чудотворната сила на кредитниот и банкарскиот систем, во социјалистичка смисла, произлегуваат од потполното непознавање на капиталистичкиот начин на производство и на кредитниот систем како една од неговите форми. Штом средствата за производство ќе престанат да се претвораат во капитал (во што е вклучено и укинувањето на приватната земјишна сопственост), кредитот како таков повеќе нема никаква смисла, што впрочем го согледале и самите сен-симонисти. Од друга страна, сè додека продолжува да постои капиталистичкиот начин на производство, ќе продолжува да постои интересоносниот капитал како една од неговите форми и ќе ја сочинува всушност основата на кредитниот систем. Само истиот автор на сензации, Прудон, кој го остава и натаму да постои стоковното производство, а сака да ги укине парите, беше способен да ја измисли грдоста за некој credit gratuit…“ (Карл Маркс, Капиталот).

Национализацијата на банките не е социјалистичка мерка бидејќи, како што веќе покажавме, должничката криза не избувна поради финансијализацијата туку поради конфликтот меѓу раширувањето на производството и оплодувањето на вредноста, и според тоа, национализацијата нема да го реши овој конфликт со задржување на капиталистичкиот начин на производство „кое содржи тежнеење за апсолутен развиток на производствените сили, без оглед на вредноста и на во неа содржаниот вишок на вредност и без оглед на општествените односи во чии рамки се врши капиталистичкото производство; додека, од друга страна, има цел да го одржи постоењето на вредноста на капиталот и оплодувањето на неговата вредност во најголема мера (т.е. постојано забрзано растење на оваа вредност). Специфичниот карактер на капиталистичкиот начин на производство е да ја насочи постојната вредност на капиталот како средство за колку што се може поголемо оплодување на оваа вредност. Методите со кои тој тоа го постигнува се следниве: паѓање на профитната норма, обезвреднување на постојниот капитал и развивање на производната сила на трудот за сметка на веќе создадените производни сили“[13]. Тогаш, ако вистинската граница на капиталистичкото производство е самиот капитал, не национализација на капиталот (банкарски или фиксен, независно) туку укинување на капиталот како општествен однос кој почива на наемното плаќање е социјалистичка мерка која ќе го реши овој конфликт и треба да биде промовирана од страна на СИРИЗА. Ако теоријата се прави врз основа на праксата а не обратно (според Иван Тороманоски), додека праксата имплицира дека вистинската граница на капиталистичкото производство е самиот капитал, тогаш она што треба е да изградиме интелектуално кохерентна социјалистичка алтернатива на политичката економија на сегашното општество. СИРИЗА наумила да прави теорија врз основа на капиталистичка пракса што беше случај со емпирискиот (квази)социјализам. Сума сумарум, она што го тврди Иван Тороманоски, иако не свесно, е точно, историјата ја потврди, еве на пример, „теоријата на социјалистичко стоковно производство“ проповедана ширум СФРЈ од државниците Глигоров и Кардељ, но со катастрофални последици по џебот на работните маси налик на првобитна акумулација на капитал, бидејќи „во онаа иста мера во која стоковното производство, сообразно со своите внатрешни закони, се развива кон капиталистичко производство, во таа иста мера законите за сопственоста, својствени на стоковното производство, се преобратуваат во закони на капиталистичкото присвојување“ (Маркс).

19. Национализација на поранешните јавни (услужни и комунални) претпријатија во стратешките сектори за раст на земјата (железници, аеротранспорт, пошта, водовод).

„...Во последно време, откога Бизмарк се фрли на подржавување, се појави еден вид на лажен социјализам – понекогаш дури се изродуваше во доброволно лакејство – кој секое подржавување, па дури и Бизмарковото, без неудобности го прогласува за социјалистичко. Кога државниот монопол на тутун би бил социјалистичка мерка, тогаш и Наполеон и Метерних би требало да ги вброиме во основачи на социјализам“ (Фридрих Енгелс, Развој на социјализмот од утопија во наука).

Работниците управуваа со средствата за производство, но не ги поседуваа во време на владите на Митеран, Атли, Палме и др. Наемниот систем, што го има за економска база, е нејзината Танталова мака да се разотуѓи себе како држава на работниците. „Модерната држава, каков и да е нејзиниот облик, во суштина е капиталистичка машина, држава на капиталистите, идеален колективен капиталист. Колку повеќе производствени сили таа презема во своја сопственост, толку повеќе станува вистински колективен капиталист, толку повеќе државјани експлоатира. Работниците остануваат наемни работници“, пишува Енгелс во Анти-Диринг. Емпириски доказ е немоќта на нордиската „држава на благосостојба“ да ги реши затегнатите односи помеѓу капиталот и трудот, кога моментално во рамките на една таква „социјална држава“ практично работниците се соочуваат со губење на своите работни места поради селење на капиталот во „азиските тигри“[14]. Ова е суштински проблем на „социјалната држава“.

21. Еднакви плати за мажите и жените.

Политичарите од СИРИЗА (како и апологетите на „анархистичкиот принцип на еднакви плати“[15]) забораваат дека зад парите стои објективизација на производителот, односно преобразба на истиот од субјект во објект на општествениот развој. Дури и „еднаквите плати“ се чист волунтаризам во научното решавање на општествените проблеми и положбата на работничката класа. Наемниот труд може да биде само „определен општествен карактер, кој општествениот процес на стоковно производство им го впечатува на индивидуите; производ на овие определени општествени производствени односи“, вели Маркс во „Капиталот“. Епилогот со категориите на „социјалистичката политичка економија“ (пазар, цени, кредит, наемнина, рента, камата итн.) ја докажува исправноста на претходното тврдење.

„Вулгарниот социјализам има наследено од буржоаските економисти да ја разгледува дистрибуцијата како независна од начинот на производство и поради тоа социјализмот да го претставува како тој главно да се врти околу дистрибуцијата. Откако вистинскиот однос е одамна разјаснет, зошто враќање назад?“ (Карл Маркс, Критика на Готската програма)

23. Проширување на заштитата на трудот и платата на работниците кои работат половина работно време.

Продуктивноста на трудот вработен на половина работно време не може да се зголеми без да се укине поделбата меѓу непроизводствениот и производствениот труд; според тоа, зголемувањето на платата на овој труд е контрапродуктивно и на товар на трудот кој е вработен на полно работно време.

„Сите членови на општеството, кои не фигурираат непосредно во препроизводството, со труд или без него, можат својот дел од годишното стоковно производство – значи нивните средства за потрошувачка – во прва рака да ги добијат само од рацете на класите, на кои производот им oде од прва рака – од производните работници, индустриските капиталисти и земјосопствениците. Доколку се нивните доходи материјално изведени од наемнината (на производните работници), од профитот и земјишната рента, и поради тоа се појавуваат спроти оние оригиналните како изведени. Сепак, од друга страна, оние што ги примаат овие доходи изведени во оваа смисла, ги примаат со својата општествена функција како крал, поп, професор, проститутка, наемен војник итн. и тие можат, значи, своите функции да ги сметаат како оригинален извор на своите доходи... Овие момци се појавуваат како купувачи спроти индустрискиот капиталист, и до толку како посребрувачи на неговата стока; и тие во соодветен размер ги фрлаат „парите“ во циркулацијата, а индустрискиот капиталист ги добива од нив. При што постојано се заборава од кој извор тие првобитно ги добиле и постојано пак сè одново ги добиваат“ (Карл Маркс, Капиталот).

Сега, кои се тие членови на општеството, кои не фигурираат непосредно во препроизводството а имаат своевидна општествена функција на услужни работници? а) Постојат оние кои даваат услуги за општото население – да речеме учителите во јавните училишта; б) Постојат оние кои даваат лични услуги за богатите луѓе – советодаватели за изглед, советодаватели за животен стил; в) Постојат оние кои даваат финансиски услуги – за богатите луѓе и големите корпорации; г) Постојат оние кои произведуваат нематеријални производи – филм, софтвер итн., кои влегуваат непосредно или посредно во општата потрошувачка. Некои од овие се производствени, а некои се непроизводствени. Категориите б) и в) се непроизводствени.

„Кога сите би морале да работат, би отпаднала спротивноста меѓу претераното работење и безделничење – и тоа секако би било консеквенција на тоа што капиталот би престанал да постои, што производот не би давал повеќе право на туѓ вишок на труд – и ако освен тоа се земе предвид развојот на производствените сили, како што капиталот ги создал, тоа потребниот општествен вишок ќе се произведе за 6 часа, повеќе отколку сега за 12 часа, и воедно сите работници би имале 6 часа „време со кое располагаат“, ќе имаат вистинско богатство; време кое нема да биде апсорбирано со непосредно производствен труд, туку ќе им останува слободно за уживање, за разонода, така што тоа дава простор за слободна дејност и развој. Времето е простор за развој на способностите. Знаеме дека економистите дури и ропската работа на наемните работници ја правдаат со тоа што таа создава разонода, слободно време за други, за другиот дел од општеството – а со тоа и за самото општество на наемни работници. Кога капиталот би престанал, тие би работеле само 6 часа, а безделничарите би морале да работат исто толку. Материјалното богатство за сите би било со тоа намалено на ниво на работниците. Но, сите би имале слободно време за развој.“[16]

32. Укинување на казните за конзумирање дроги, во корист на борбата против шверцот на дроги. Зголемување на финансирањето на центрите за одвикнување.

Во капиталистичко стопанство со пари забраната на дрогите е симболичен гест бидејќи тој противречи на односите на производство. Во капиталистичко стопанство најдобрата политика се контролирани рецепти на опивки за регистрирани зависници. Тоа го спречува црниот пазар. Бесплатната државна дистрибуција тежнее да го ослаби приватниот наркобизнис. Директната легализација би создала големи претпријатија со овластен интерес во промовирање зависност како со тутунот. Штом парите се укинати и имате планирано производство, вие можете да го прекинете производството на наркотици и тутун. Ако не постојат пари, нема монополизација на средствата за производство, сите се вработени, никој нема „општествена моќ преку разменската вредност да влијае на другите“ (Маркс), тогаш како ќе може наркодилерот да ја „продава“ дрогата, кому ќе му ја продава и со што ќе му се плаќа? Едноставно, тоа не е можно.

Системот на непренесувачки трудови сметки што Кокшот и Котрел го предлагаат во своето дело Кон Нов Социјализам (1993) како замена за парите многу би го отежнал овој вид на црн пазар. Во отсуство на готовина како би можеле уличните продавачи на дроги да бидат платени? Ние не би требале да ја потценуваме способноста на криминалците и ситните капиталисти да измислат нови средства на плаќање. Две непосредни алтернативи на готовината се странските банкноти и златото. Многу од парите за дроги веќе доаѓаат од кражби, а накитот отсекогаш бил примарна цел за кражба, но ако златото е украдено, единственото средство со кое увезените дроги би можеле да се добијат, обемот на трговијата на дроги би бил остро скратен. Останува проблемот да се спречи внатрешниот промет на странски банкноти. За да се справи со ова, социјалистичкиот комонвелт би требал едноставно да го забрани увозот на валута. Сите домашни купувања веќе ќе се извршуваат со користење на пластични картички. Може да се направат договори со капиталистичките банки да им овозможат на странските туристи да ги користат своите кредитни картички кога го посетуваат комонвелтот.

38. Укинување на воената соработка со Израел. Поддршка за создавање палестинска држава во границите од 1967 година.

Тоа би било само поддршка за создавање на буржоаска палестинска држава. Пуст левичарски популизам, имајќи предвид дека во програмата на СИРИЗА никаде нема запишано агенда на укинување на производството заради апстрактна вредност (или пари)! Каква корелација има отсуството на оваа агенда со надворешната па и внатрешната политика на мир и взаемно разбирање меѓу соседните народи и етноси во самата земја? „Погрешна апстракција е да се смета нацијата, чиј начин на производство се базира на вредноста и која е капиталистички организирана, за организирана целина која работи само за национални потреби“ (Маркс). Ете во што се состои противречноста на антинационализмот на СИРИЗА. Сè додека палестинскиот работник е поробен, никаква национална „сувереност“ и „рамноправност“ нема да му донесе подобрување на социјалната положба. Кога Жижек како самодеклариран левичар е за прекројување на националните граници[17] зошто да не биде еден обичен Албанец, да не зборуваме за „татковците“ Велиу и Ахмети? Зошто пак да не биде еден таму Артан Садику од „македонската СИРИЗА“[18]Движењето „Солидарност“? На Жижек и Садику не им е јасно дека СФР Југославија ја растурија националистички ориентираните и организирани сили кои погрешно сметаа дека виновници за лошата економска состојба на одредени републики е доминацијата на другите нации. Националистите наметнаа погрешно решение на класните антагонизми со формирањето на „суверени“ и „независни“ национални држави.


[13]Карл Маркс, Капиталот, том трети, Мисла, Скопје, 1976, 228.
[14]Финската компанија „Нокиа“ ќе отпушти околу четири илјади работници, бидејќи го сели своето производство во Азија, пренесува „ЦНет“. Ќе бидат отпуштени работници од фабриките во Унгарија, Финска и Мексико, а азиските земји во кои ќе се пресели производството најверојанто се Кина, Тајван, Тајланд и Малезија, каде се произведуваат уредите на речиси сите големи ИТ компании. Николас Савандер, еден од раководителите на „Нокиа“ рекол дека селењето пред сè значи побрз излез на пазарот на новите уреди. Она што е извесно е дека на овој начин „Нокиа“ ќе произведува поевтино.
[15]К. Маркс и Ф. Енгелс, Дела, том 3, Просвета, Београд, 1971, 225: „Дури и еднаквоста на надниците, таква каква што бара Прудон, само го претвора односот на сегашните работници кон својот труд во однос на сите луѓе кон трудот. Општеството тогаш се сфаќа како апстрактен капиталист. Надницата е непосредна последица на отуѓениот труд, а отуѓениот труд е непосредна причина на приватната сопственост. Според тоа, со отпаѓањето на приватната сопственост отпаѓа и наемнината.“
[16]Види Карл Маркс и Фридрих Енгелс, Дела, Том 26. Београд: Просвета, 1972, 184-199.
[17]http://okno.mk/node/19510
[18]http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=BEC753775405AB40858BF03775E28FC9

(крај)

Кон првиот дел

ОкоБоли главаВицФото