Окно анкета за СК014 (11)

07.11.2012 14:33
Окно анкета за СК014 (11) - Милице, не знам дали паметиш, али многу нешта отидоа у аут

Прашањата на Окно
1. Кое дело од многуте скулптури, споменици и згради од СК014 би го издвоиле како симбол или квинтесенција на целиот проект?
2. Што друго би издвоиле од „Скопје 2014“, во позитивна или негативна смисла?
3. Вашето мислење за целокупниот проект СК014?

 

Ивана Васева, историчарка на уметноста

За што зборуваме кога го имаме на ум проектот Скопје 2014? И која перспектива ја имаме на ум? Дали за генералната општествено-политичка и социјална ситуација во земјава заедно со бремето на поблиското минато во која се раѓа еден ваков продукт, дали за уметничката вредност на проектот во контекст на пошироките случувања на полето на уметноста или зборуваме за нашата позиција, како критичко настроени духови во целокупната реализација која има и тоа какво влијание на нашата егзистенција?

Сфаќам дека не можам да одоговорам на трите прашања, не само зашто се преопшти туку и зашто бараат осврт на поширокиот контекст. Згора на тоа, ми се наметнува цела друга серија прашања како, на пример, од која позиција тргнуваме, кои сме и каде делуваме и, едно од најважните прашања, кому се обраќаме?

Верувам во едно нешто – дека за да се помрднам од мојата „безбедна“ позиција потребно е не да седам во својот свет и не само да рефлектирам од него (тој свет во случајов е современата уметност) туку да го проширам кругот на моето делување со интервенции во многу социјални простори.1 Политичката теоретичарка Шантал Муф вели дека според агонистичкиот модел за кој таа се застапува, критичката уметност е уметност која поттикнува дисензус, која го прави видливо она што доминантиот консензус се обидува да го заташка и избрише.2

И како да се направи тоа?

Па, сведоци сме на многу начини кои се најчесто страстно ентузијастични, енергични и добро интелектуално потковани, а притоа соочени со длабоки дупки во системот и со егзистенцијална агонија. Најпрво, сè повеќе сум скептична дека досегашните форми на протести, дебати и публикации имаат некаков моментален или блиско иден фидбек којшто, се чини, е многу потребен бидејќи работите почнаа да ни се движат многу брзо. Второ, не верувам дека сите сме свесни што точно ни се случува - ова ми се чини многу важно. Трето, патиме од кратка меморија и забораваме на она што се случило минатата година. А меморијата исто така е многу важна. Четврто, си патиме од неверување меѓу себе, од поделби и имаме страв од притисоци.

И што да правиме?

Дали да помислиме уште малку имајќи го на ум она што Жижек го вели: „Не делувај. Само мисли!“,3 имајќи ја на ум генералната борба против капитализамот и разнишаните вредности како и псевдо-активистичкиот пристисок кој треба да се замени со потребата повторно да се мисли внимателно избирајќи конкретни теми, или да се фатиме за акција имајќи ги на ум последните активности на Pуssy Riot или пак на Occupy движењето?

И најнапочеток, за што имаме НИЕ сила, па и капацитет?

Не за многу нешта: гладни сме, сиромашни, засрамени и осрамотени. Скопје 2014 е само симптом на општата гнилост во државата „Данска“. Но највидлив! Со кој само се убронзува нашата духовна и материјална немаштија.

Што имам да кажувам за тоа, кога сè си оди според планот, беспрекорно, па дури и со додавки на веќе јавно презентираната замисла? И не можам веќе да се изненадувам, ниту за нови печурки, ниту за нови водоскоци со огнометчиња и трештави бои, а не можам да игнорирам бидејќи имам пресилен вид. Но кога тргнало по ѓаволите, сè влече со себе, па дури и квалитетот. А понекогаш и здравиот разум.

И каде се наоѓам јас со моето мислење?

Си мислам на Бартелби на Мелвил, кој ми е култен лик во последно време. Тој му вика fuck off на неговиот претпоставен давајќи ја постојано истата изјава кога тој го замолува да ги провери копиите кои тој ги направил (работи за правна фирма чија цел е препишување на официјални документи) - I PREFER NOT TO.

И не е само обичен пркос преку кој тој негира сè. Тоа е обид да се излезе од маѓепсаниот круг да се биде или не. Како што вели Жижек, тоа е начин да се биде надвор од играта, да му се даде среден прст на системот. Уште поинтересно ми е мислењето на Агамбен кој вели дека Бартелби е на највиското скалило на потенцијалноста кога одбива да ја провери копијата. Бидејќи тука е можноста да се случи нештото или не.4 Односно неговиот гест ги менува основните координати на една констелација; или „преминуваме од политиката на „отпор“ или „протест“ кој паразитира над она што го негира, кон политика која отвора ново место надвор од хегемонската позиција и нејзината негација“.5

Дали ова зборува дека постојат и други начини?

Бартелби си кажал што сакал да каже со неколку збора во својата правна канцеларија. Завршил трагично, но тоа е неговата борба.

Јас, пак, се обидувам да го замислам Бартелби, според Жижековите инструкции, каков е кога е активен, ама имајќи ја како основа на се неговата славна констатација.
Искрено не верувам дека нештата се „решаваат“ со насилство. Со целулитот и масните наслаги се справуваме на микро ниво и тоа со ревност, посветеност и одговорност. И со свесност за која борба станува збор.

Но немам формула и немам решение. Не знам дали некој има. Можеби некој имал во многу далечното минато, таму некаде малце пред новата ера.

Сега не е толку едноставно.

И на крај ќе цитирам една другарка која неодамна ми рече: „Мене на крај ми се свиѓа проектот Скопје 2014. Ама само од еден аспект. Ова се навистина интересни времиња.“ Знам што мислеше и ова не е кажано површно, туку јас се замислив за оваа реченица, надвор од нејзините размислувања.

Можеме ли да го направиме уште поинтересно? Онака антагонистички како што замислува Муф?

 

Post Scriptum

Бидејќи индиректно беше споменато моето учество во „Бела ноќ 2012“ во последниот текст од серијата „Окно анкета за СК014“, објавен на 29.10.2012 се наоѓам во ситуација во која морам да кажам уште еднаш (еднаш кажав преку изложбата) како беше конципиран целиот настан и зашто се нафатив да работам на него.

Секој си има право на свои читања и различни согледувања. Впрочем, се чини дека во нашиов јаден контект тоа е и најголемиот проблем. Премногуте недочитани и неразмислени ставови, но и надчитувања, како и очајната потреба да се навредиме, нападнеме, испровоцираме, недоволно да веруваме и да стануваме љубоморни ако некој нешто направил, па да го озборуваме каде и да стигнеме и да го саботираме, наместо да поддржиме и посебно да подучиме, ако веќе имаме поголемо искуство, сите тие работи доведуваат до истата атрофирана ситуација во која ни се наоѓа целата држава.


Ако некој навистина се потруди да ги сфати нашите идеи кажани во воведниот текст за проектот преку идејата за меморијата и преиспитувањето, за испишувањето на историјата, на тоа што се заборава а што се памети преку личните сеќавања на група уметници - за одредено време ќе ја сфатеше пораката на проектот. На тоа како ја ставивме временската рамка, но и кои институции ги вклучивме во проектот, ќе увидеше дека нашиот проект има врска со Скопје но во рамките на еден поширок временски период преку кој се посочува дека градов има што да понуди.

Затворени во глупоштаријата на нашата сопствена паланка, која постои, но која и понатаму си ја градиме, не можеме да сфатиме дека нештата не се црно-бели, дека постојат и други начини и дека под капата на таква манифестација се обидовме да направиме нешто друго кое е важно за културата во последните 50 години.

Конечно, си го визуелизирав мојот однос кон Скопје 2014. Притисок, неверување од драстичната промена (вчера беше ок, денес светот како да отиде по ѓаволите), страв од брзината на целата глупост и страшна непријатност, до повраќање. Како да ви се појавило едно туѓо тело кое ви боде во очи. И почнува да се шири а поради шокот не можете да останете трезвени. И сфаќате дека многу малку можете против тоа, освен хируршки да го отстраните. Можете и да го прифатите неговото постоење, ако не ви е битен изгледот, ама сигурно ќе остане огромна емотивна и психолошка лузна. Исто како кога некој ќе ви се закачи и почнува да смислува начини како да ви ја цица енергијата. Тешко е да побегнете на културен начин.

Фусноти

1 Парафраза на Шантал Муф која зборува за уметничката интервенција како опозит на тоталната социјална мобилизација на капитализмот во текстот Artistic Activism and Agonistic Spaces, ART&RESEARCH A Journal of Ideas, Contexts and Methods, Volume 1. No. 2, Summer, 2007

2 Chantal Mouffe, Artistic Activism and Agonistic Spaces, ART&RESEARCH A Journal of Ideas, Contexts and Methods, Volume 1. No. 2, Summer, 2007

3 http://bigthink.com/ideas/45126

4 Giorgio Agamben, Potentialities Collected essays in Philosophy, Stanford University Press, 2000

5 Slavoj Žižek, The Parallax View, The MIT Press Cambridge, Massachusetts London, England, 2006

Колажи: Свирачиња

Слични содржини

Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото