Дваесет и три нешта кои не ви ги кажале за капитализмот

09.11.2012 17:22
Дваесет и три нешта кои не ви ги кажале за капитализмот

Денес преживуваме многу тешко време. Тоа веројатно не изгледа толку тешко од перспектива на еден студент од една многу привилегирана институција како што е London School of Economics или професор од привилегирана институција како што е Кембриџ, но светот поминува низ голема траума. Поминаа повеќе од четири години од пропаста на корпорацијата Lehman Brothers, која ја турна светската економија во најголемата криза од Големата депресија во 1929 година. Учинокот во многу земји, особено во развиените земји како Британија, не се врати на нивото пред кризата, дури ни по четири години.

Тоа е многу чудно, затоа што во изминатите кризни периоди, да речеме кон крајот на осумдесеттите и крајот на деведесеттите, погодените земји успеваа да го вратат нивото на приходот за неколку години. Помина двојно повеќе време и нема многу изгледи дека земјите како Велика Британија ќе се вратат на приходот од претходниот период во наредните година или две, па така почнуваме да размислуваме за „изгубена деценија“. Невработеноста упорно останува висока и покрај тоа што официјалните бројки неизбежно ги намалуваат размерите на проблемот. Кога ќе ги погледнете статистичките податоци за невработеноста, мора да знаете дека тука се сметаат само луѓето кои неодамна активно барале работа. Значи, ако сте отпаднале од пазарот на трудот обесхрабрени затоа што сте аплицирале 200 пати и два пати сте биле повикани на разговор, а не сте ја добиле работата, официјално ќе се водите како некој кој е невработен како резултат на сопствената волја, па така нема да ве вбројуваат во статистиката на невработените.

Иако процентот на таканаречените „обесхрабрени невработени“ вообичаено расте за време на криза, овој пат е интересно тоа што многумина се вработени официјално, но работат хонорарно. На нив им е потребно и тие сакаат постојано работно место. Ако ги пресметате и тие луѓе, стапката на невработеност, да речеме во САД би била 16-17 проценти, наместо 8-9 проценти како што наведува официјалната статистика. Се разбира, ако ги погледнете државите како Шпанија и Грција, невработеноста се ближи до стапката од 25 проценти со стапка од 50 проценти кај младата популација. Можете ли да поверувате? Секоја втора млада личност, а се подразбира дека тоа се личности помеѓу 16 и 24 години, нема работа. Во многу земји драстично е намалена социјалната потрошувачка во име на намалувањето на дефицитот и закрепнувањето на стопанството. Така се создадени изразено сиромашни области.

Во Британија повторно се појавуваат банки за храна, значи луѓето гладуваат. Но, во некои земји, целото општество е доведено до работ на пропаста, Грција, Шпанија, сè повеќе и Португалија, а наскоро можеби и Италија. Чудно е тоа што моите колеги економисти, препорачуваат мерки што ги туркаат луѓето во провалија, а кога ќе избувнат немири, тие се чудат. Затоа имаме навика да забораваме дека зад овие бројки се кријат вистински луѓе кои мораат да јадат, да се лекуваат, да ги школуваат своите деца. Додека сето ова се случува, малкумина банкари кои ги предизвикаа овие проблеми, т.е не само банкарите, затоа што тука има и финансиери, малкумина од нив останаа без работа и поголемиот дел од нив секогаш добиваат астрономски плати и додатоци. Ситуацијата е малку подобра во земјите во развој, особено во Индија и Кина, каде растот беше прилично брз. Но, дури и во тие земји се забележуваат знаци на забавување на растот. Не е чудо, кога многу од овие земји во голема мерка се потпираа на извозот во богатите држави.

Кина се провлече зголемувајќи ја државната потрошувачка на неколку години, но затоа што извозот се намалува, сè потешко ѝ е да го одржи темпото на растот. Луѓето често не знаат дека растот во овие земји се движи добро. Кинеското стопанство бележи раст од 10 проценти, индиското од 10 проценти, но постојат огромни тензии дури и во тие земји, затоа што нееднаквоста на приходите се зголемува, а сиромаштијата сè уште владее во многу подрачја. Надворешните набљудувачи не знаат дека има стотици и илјадници штрајкови, демонстрации, немири, разни работи се случуваат секоја година во Кина. Во Индија се обновува маоистичката герила, таканаречените наксалити, кои беа многу силни во седумдесеттите, но сите мислеа дека веќе ги нема. Овие луѓе контролораа многу области во источна Индија, барем ноќе. Значи, дури и во државите со голем раст ги има овие социјални тензии и многумина сметаат дека нешто мора да се направи, затоа што ја изгубивме способноста да ја контролираме сопствената економија и да ја натераме да работи за општо добро. Но, кога се обидувате да зборувате за овие неопходни реформи, повеќето економисти ќе кажат дека всушност не постои алтернатива на пазарниот капитализам, која владее со светот барем од почетокот на осумдесеттите.

И покрај фактот дека многумина, вклучувајќи го и Роберт Вејд, укажуваа дека растечката нееднаквост на примањата во богатите развиени земји беше една од главните причини за оваа финансиска криза и покрај тоа што наспроти теоријата trickle down, растечката нееднаквост не произведе поголем раст, постојано слушаме како не смееме да ги исплашиме „создавачите на богатството“. Овдешната, британска конзервативна влада како приоритет си ја постави грижата за „создавачите на богатството“ и покрај тоа што токму овие банки го срушија нашиот систем. Ни зборуваат дека без лондонскиот City оваа земја ќе отиде по ѓаволите, па тогаш ајде да воведеме некои козметички прописи и да се трудиме да не им ги ограничуваме бонусите. Велат, не е дека нам не ни се допаѓа тоа, но што да правиме, пазарниот капитализам нема алтернатива. Оваа книга ја напишав за да покажам дека постојат неколку алтернативи на пазарниот капитализам и таа доведува во прашање некои од основните претпоставки, теоријата и бројките кои вообичаено ги земаме здраво за готово кога размислуваме за нашите економски проблеми.

Во духот на доктор Сус, поглајвата ги нареков „нешта“, како Нешто 1 и Нешто 2 од „мачорот в чизми“. Првото „нешто“ е дека не постои такво нешто како што е слободниот пазар. На многумина ова ќе им звучи нелогично. Луѓето велат, можеби не знам точно што е слободен пазар, но умеам да го препознаам кога ќе го видам. Можеби е тешко да се опише како на пример слон, но кога ќе го видите знаете што е. Но, моето прашање гласи, дали навистина знаеме што е тоа. Обидувајќи се да одговорам на ова прашање, го наведувам примерот со детската работна сила. Кога започна индустриската револуција, кон крајот на 18 век во Британија, детската работна сила стана голем проблем. Се разбира, сиромашните деца работеа отсекогаш. Значи, детскиот труд не го измислија луѓето од 18 век, но сега е проблем што тие деца работеле во многу нездрави и опасни услови. Особено затоа што новите машини овозможија постарите работници да се заменат со овие суштества со слаби мускули.

Тоа предизвика голема загриженост. Во 1819 година, група прореформски британски пратеници се обиде да воведе прописи против детскиот труд. Изнесоа предлог во парламентот и тој беше многу рудиментарен според денешните мерила. Се сведуваше на тоа дека многу малите деца не би смееле да работат. Што значи „многу мали“? Даниел Дефо рече дека децата треба да почнат да работат од четвртата или петтата година, но ова беа фини луѓе, па рекоа дена никој кој е помал од девет години не смее да работи. На своите деца до шеснаесет години, затоа што од шеснаесеттата се третираат како возрасни, треба да им овозможат да работат, но работното време би требало да биде ограничено. На колку часови дневно? Дванаесет. Во тоа време, просечното работно време беше петнаесет часови дневно, па овие деца не можеа да се провлечат со шест или седум. Овие прописи требаше да се применуваат само во фабриките за памук. Работата во фабриките за памук се сметаше за многу опасна, тогашниот процес на производство ослободуваше голема прашина, која работниците ја вдишуваа, страдаа нивните гради и тие умираа.

Не знам дали сте ја гледале екранизацијата на романот „Север и југ“ на BBC, каде хероината, девојка од југот, прв пат во животот заминува во фабрика за памук и кога се враќа вели: „Го видов пеколот и тој е бел како снег“. Значи, се обидоа да го регулираат трудот во фабриките за памук, а тоа не го направија дури ни во рудниците, само во фабриките за памук, значи минимум од минимумот. Парламентот дури и го одби тоа. Најпосле, законот сепак помина, но остатокот од парламентот не одобри буџет за спроведување на овие прописи, па тие останаа мртво слово на хартија. Но, дури и таквата минимална регулација беше спречувана, со образложение дека ги поткопува основите на пазарната економија, имено, слободата на договарањето. Противниците велеа, гледајте, овие деца сакаат да работат, а овие луѓе сакаат да ги вработат, во што е проблемот? Не е дека тие луѓе ги киднапирале децата и ги држеле како робови. Станува збор за слободен договор, заснован на меѓусебна согласност. Ако го забраните, ќе ги затресете темелите на пазарното општество.

Денес, ретко кој, во Британија и другите богати земји, вклучувајќи ги и најзакоравените поддржувачи на слободниот пазар, има нешто против регулацијата на детскиот труд. Добро, постои еден исклучок, Њут Гингрич, кој сакаше да го обнови концептот за детската работна сила и да ги вработи сиромашните деца за одржување на хигиената во училиштата, под надзор на еден постар работник. Но, поголемиот дел од луѓето мислат дека детскиот труд мора да биде регулиран. Поголемиот дел од земјите го забранува, освен разнесувањето на весници на неколку часови и слично. Но, кога ќе размислите, ова е исклучително значаен пропис, особено во многу од земјите во развој, каде практично половина од населението го чинат деца. Значи, забраната на детскиот труд во таков контекст е слична како кога британската влада би рекла дека од утре никој со лична карта која се завршува со непарен број веќе не смее да работи. Тоа е исклучително значајна регулатива, но денес никој не ја доживува како пропис, затоа што нејзините премиси се потполно прифатени, дека децата треба да имаат детство и да се школуваат и дека не смеат да работат и луѓето, едноставно, тоа веќе не го гледаат како регулација. Слободата на пазарот е како убавината, се наоѓа во окото на набљудувачот.

Ако се сложувате со тоа етичко поимање, дека на децата не смее да им се дозволи да работат, тогаш нема ни да ја забележите регулацијата. Но, ако случајно не се сложувате, ќе речете, каков е овој пазар на трудот? На половина од потенцијалната работна сила структурно ѝ е забранет пристапот до пазарот на трудот. Поентата е дека секој пазар се базира на бројни прописи, што смее да се продава и купува, кој може да продава и да купува и како може да се изврши размената, а пазарот го сметаме за слободен само затоа што потполно ги одобруваме прописите и веќе не ги забележуваме. Ќе ви наведам пример. Ако разговарате со некој професионален економист, поставете му провокативно прашање дали навистина постои слободен пазар како од учебник. Ќе ви одговори дека најверојатно не постои, но веројатно ќе додаде дека на идеалниот пазар како од учебник, најблиска му е берзата. Дали тоа значи дека јас би можел утре да влезам во зградата на Лондонската берза, со куп акции од својата компанија и таму да ги продадам? Не, не ми е дозволено да продавам, затоа што првин морам да бидам регистриран. Дали тоа значи дека треба само да напишам нешто и да кажам, сакам да се регистрирам и да продавам акции?

Па, тогаш тие ќе ми речат, се разбира, дојдете утре. Не, потребно е многу време и труд, треба да доставите многу податоци за вашите сметки, потврди дека членовите од вашиот управен одбор не се осудувани во последните три, четири, пет години, во зависност од берзата. И дури потоа тие ќе ве регистрираат. Дали тогаш тоа значи дека по пет години можам да се појавам и да продавам акции? Не, не можам. Акциите можат да ги продаваат и купуваат овластени брокери. Дури и кога продаваат акции, постојат секакви прописи. Постојат „автоматски прекинувачи“, а тоа значи дека ако цената на некоја акција падне под одредена граница, тргувањето се запира, со уверување дека таква промена на цената може да биде резултат само на ирационална паника, а не на рационална пресметка. Ако целата берза падне под одреден процент, берзите се затвораат на неколку дена, додека луѓето не се смират. Така што дури и берзата, која ја сметаме за слободен пазар, ги има сите тие прописи. Но, ако сте искрен верник во слободниот пазар, што ќе ви се тие прописи? Некогаш, компаниите не морале ниту да ги откриваат своите биланси за да продаваат акции.

До 1900 година, во оваа земја, која тогаш имала најразвиена берза на светот, не сте морале да објавувате биланс на состојба за да бидете регистрирани на берзата. Тогаш е воведен законот кој пропишувал дека компаниите мораат да покажат биланс на состојбата на годишниот состанок на акционерите, но некој заборавил да додаде дека билансот треба да биде од тековната година. Така, многу компании покажувале биланси од претходните години. Да речеме, секоја година би покажувале биланс од 1900 година. Не го прекршувале законот, сè додека тој закон не бил исправен во 1928 година. Ако дејствувате во таа рамка, можете да наведете цврсти аргументи во одбрана на слободниот пазар. Најпосле, луѓето како Хаек мислеа дека треба да постои конкуренција помеѓу валутите. Би можеле да речете дека различни берзи треба да се натпреваруваат, со поцврсти или послаби прописи, па ако една постигне најдобра комбинација на регулација и слобода, таа ќе преживее, така што државата нема да има причина да наметнува вакви или онакви прописи. Зошто да не? Се обидувам да кажам дека пазарот, во суштина, е политички конструкт.

Пазарните економисти секогаш ќе се обидуваат да ви кажат дека од одредена точка преминуваме во доменот на пазарот и дека не смееме да дозволиме политичката логика да ја поткопува оваа област. Создадете независна централна банка, создадете независни регулаторни тела, па дури и политички независни тела за државните приходи, како што Светската банка им препорача на некои африкански земји. Значи, тие сакаат да ја претставуваат целата регулатива како политички мотивирана интерференција во слободното делување на еден природен систем, но ако не постои начин научно да се дефинира слободниот пазар, пазарниот став, политички е како и кој било друг став. Значи, заклучокот од првото „нешто“ е дека раскинот со илузијата за објективноста на слободниот пазар е првиот чекор кон разбирањето на капитализмот. Второто „нешто“ е уште поскандалозно, дека компаниите не треба да се водат во интерес на нивните сопственици. За што зборувам? Звучи ненормално. Акционерите се сопственици на компаниите, а сите знаеме дека сопствениците треба подобро да се грижат за својата сопственост, отколку некој, кој на пример, ги изнајмува.

Сопствениците имаат најголем интерес во долгорочниот успех на компаниите, па со самото тоа, она што е добро за нив мора да биде добро и за компанијата. Тоа е точно, во случај еден поединец да го поседува долготрајниот материјален имот, но тоа не важи и за современите компании. Затоа што тоа се друштва со ограничена одговорност, што значи дека луѓето го ризикуваат само капиталот што го инвестирале во своите акции. Некогаш, ограничената одговорност не постоела, па тогаш, кога вашата компанија ќе банкротирала, сте морале да продадете сè што имате, садови, облека итн. Ако и тогаш не ги отплатите долговите, одите во должнички затвор. Значи, друштвата со ограничена одговорност се понов изум, од 19 век. Во современите компании со ограничена одговорност, кои понекогаш имаат десетина илјади акционери и покрај тоа што тие се законски сопственици, акционерите понекогаш се најмалку посветени кон долгорочниот успех на компанијата. Затоа што имаат најголема слобода да ја напуштат. Акциите се продаваат лесно, но ако сакате да се вработите како работник во друга компанија, можете да сметате на значајните трошоци за наоѓање на нова работа.

Така немате толкава слобода за да заминете. Особено во последните три децении, со засилена финансиска дерегулација, „летечките“ акционери станаа уште помоќни од порано. На пример, во Британија во шеесеттите, просечниот период на поседување на акции беше околу пет години, значи кога ќе купите акција, во просек таа ќе биде пет години во ваша сопственост. Денес тој период е седум месеци. Во медиумите се споменува „квартален капитализам“, што практично значи дека управата ја води компанијата имајќи ја в предвид максимизацијата на профитот во наредниот квартал. Не е баш квартален, но практично под притисок сте на таканаречените сопственици, да направите профит за два, најмногу три квартали. Како резултат на тоа, наемните менаџери одлучуваат да ја водат компанијата во интерес на максимизација на профитот на акционерите. Како се прави тоа?

Прво се максимизира краткорочниот профит. Како? Ќе отпуштите секого кој ќе ви падне на ум, нема да инвестирате, особено не во долгорочни работи како истражувања и развој. Се разбира, тоа предизвикува проблеми. Работниците се деморализирани, исцрпени, технологијата застарува. Но, дали тоа ве засега вас? Затоа што сето тоа ќе се рефлектира на компанијата за три, четири, пет години. Како наемен менаџер, веројатно нема ни да бидете таму кога тоа ќе се случи. Откако веќе сте го максимизирале профитот, акционерите имаат сè поголема заработка, преку зголемена дивиденда и откуп на акциите, тоа е постапка кога компаниите ги купуваат своите акции за да ја зголемат нивната цена, па затоа акционерите се задоволни.

Овој податок не е наведен во книгата, затоа што е објавен подоцна, но според пресметката на американскиот економист Вилијам Лазоник, најголемите 500 американски компании потрошиле 94% од својата заработка на дивиденди и откуп на акции, а слични британски компании потрошиле 88%. Имајќи в предвид дека поголемиот број од компаниите во богатите земји како Америка и Британија инвестираат од задржаниот профит, тоа значи дека тие воопшто не инвестираат. Процентот на профитот кои се издвојува за акционерите, дури и во Америка, каде тоа е најразвиено, некогаш бил помеѓу 45-50%. Значи, половина од профитот се вложува во машини, истражување и развој, а другата половина оди кај акционерите. Денес тој размер е 5% наспроти 95%. Немате пари за вложување. Не е ни чудо што компанија како што е General Motors банкротирала. Луѓето често не разбираат колку е историски значаен банкротот на General Motors. Би рекол дека тоа е најзначајната случка од распадот на Советскиот сојуз. Во 1955 година General Motors произведоа 3,5 милиони автомобили.

Истата година, сите дванаесет јапонски произведувачи на автомобили, вклучувајќи ја и Тојота, заедно произведоа 70 000 автомобили. Тојота произведе 35 000 автомобили, значи 1% од производството на General Motors. Педесет години подоцна, оваа мала компанија го презема General Motors, а две години подоцна General Motors банкротираше. Затоа Џек Велч, автор на изразот „максимизација на вредноста на акциите“, рече дека таа е, цитирам, „најглупавата замисла на светот“. Тоа е како Карл Маркс да го осудува комунизмот. Ете, тоа се првите две нешта. Се разбира, не можам да зборувам за сите дваесет и три, па ајде да се сконцентрираме на оние со кои можам да покажам некои убави слики. Да речеме, третото „нешто“, поголемиот дел од луѓето во богатите земји заработува повеќе отколку што би требало. Пазарните економисти ни зборуваат дека луѓето заработуваат онолку, колку што вредат. Велат дека не треба да се жалиме на нееднаквоста во примањата. Фактот дека Боб Дајмнонд заработува 50 милиони фунти е рефлексија на пазарните сили. Тој вреди 50 милиони фунти, а вие заработувате 15 000 затоа што вредите само толку.

Ние ја прифативме оваа логика и мислиме дека сиромашните луѓе, особено во сиромашните држави, се сиромашни затоа што не се продуктивни. Дали навистина е така? Ова го илустрирав со приказната за двајцата возачи на автобуси, хипотетички возачи, но тие се доволно реалистични. Едниот се вика Рам, Индиец од Раџастан. Вози автобус во Њу Делхи. Другиот се вика Свен. Тој е од Стокхолм, одел во средно училиште, се школувал 12 години и тоа е тоа, па завршил како возач на автобус во Стокхолм. Според статистичките податоци на Меѓународната организација на трудот, Свен заработува приближно 50 пати повеќе од Рам. Дали е така затоа што Свен вози 50 пади подобро од Рам? Пред сè, не е сосема извесно дека продуктивноста на возачите може да се измери така, но дури и кога би можело, дали е можно некој да вози 50 пати подобро од некој друг. Особено кога споредуваме двајца возачи на автобуси. Според таа логика, би требало Рам да е повешт возач, затоа што вози по онакви патишта. Со сите тие силни крави, мотори, велосипеди, рикши и деца по улиците.

Дали Свен некогаш морал да избегне крава? Можеби, ако вози приградски автобус, некогаш му излетал лос, но не во Стокхолм. Меѓутоа и покрај тоа, тој заработува 50 пати повеќе. Зошто? Одговорот е едноставен, протекционизам. Контрола на населувањето. Свен заработува толку затоа што го дели пазарот на трудот со други луѓе кои се многу попродуктивни и кои се подготвени добро да ги платат луѓето што возат автобуси. Ако ја ослободите емиграцијата целосно, веројатно 80, а можеби и 90% од работната сила во богатите земји ќе биде заменета. Не зборувам само за возачите и чистачите. Зборувам за банкарите, инженерите, лекарите, економистите, знам за што зборувам, јас заменив еден Британец пред 22 години. Да се разбереме, не заговарам целосна либерализација на емиграцијата. Не морам да го правам тоа, јас не сум пазарен економист, па не морам да се залагам за либерализација на сè што е можно. Но, пазарните економисти мораат ова да го сфатат сериозно.

Кога ја застапуваат либерализацијата ма меѓународната трговија, протокот на капиталот, зошто не ја застапуваат и либерализацијата на протокот на луѓето? Тоа го потврдува мојот претходен аргумент дека пазарите се политички конструкти. Не постои ништо во економската теорија што наложува контрола на емиграцијата. Тоа е политичка гледна точка. Се извинувам, не ви го покажав работното опкружување на Свен. Како што гледате, секој кој умее да вози право, може да ја извршува неговата работа. Во секој случај, ако сето ова е точно, од оваа приказна произлегуваат многу работи. Пред сè, сфаќате дека сиромашните земји не се сиромашни заради своите сиромашни луѓе, туку заради своите богати луѓе. Ако разговарате со некој богат човек од сиромашна земја, тогаш тој може да се жали на овој начин: „Погледнете ги сите овие мрзеливи, бедни луѓе. Навистина ја соголуваат државата. Кога тие би работеле вредно како Јапонците, кога би биле дисциплинирани како Германците и иновативни како Американците, ние би имале прекрасна земја, но погледнете какви се тие“.

Тогаш треба да му кажете, затоа што вообичаено се работи за маж: „Можеби не сфаќате, но тоа е токму ваш неуспех, затоа што не сте ја повлекле земјата со вас. Затоа, вашата земја е сиромашна, а не заради тие луѓе. Тие навистина можат да се мерат со своите колеги од богатите земји“. Всушност, многумина од нив се поквалификувани и попродуктивни од своите колеги во богатите земји“. Потоа, ни остануваат богатите од богатите земји. Можат ли тие да се тапкаат по рамениците и да велат, зарем само ние го заслужуваме тоа што го заработуваме? Мислам дека не можат, затоа што луѓето не разбираат дека високата продуктивност на луѓето од богатите земји пресудно зависи од фактот дека тие се родени во општества со напредна технологија, добри институции и квалитетни инфраструктури или дека барем во такви земји емигрирале. Поголемиот дел од тие работи се колективно акумулирани со текот на времето, а тоа не се нешта што само тие поединци ги создале.

Ворен Бафет во едно интервју од деведесеттите тоа го објасни убаво. Рече: „Фрлете ме на среде Бангладеш и што ќе бидам јас? Ќе бидам земјоделец. И ќе бидам многу сиромашен земјоделец, затоа што не знам да одгледувам ништо. Значи, дури и според бангладешките мерила, би бил сиромашен. Јас сум богат затоа што случајно сум роден во оваа земја, која ја преценува мојата финансиска способност, па сметам дека поголемиот дел од моите пари ги заработило општеството, а не јас“. Тој е паметен човек, го разбира тоа. Барак Обама неодама се обиде да го артикулира истото кога рече, кога некој е успешен, значи дека во животот имал некого кој во тоа му помогнал, можеби наставник, можеби државна стипендија, можеби инфраструктура, но мораме да сфатиме дека нашата продуктивност е колективна. Таа не е поединечно достигнување.

Тоа значи дека постои добар аргумент зошто богатите треба да плаќаат повисок данок. Не разбирам едно нешто во оваа земја: вие сте толку исплашени дека ќе останете без своите богати луѓе и покрај тоа што истите тие ги предизвикаа овие неволји. Откажете се од нив. Навистина, ако даноците им се толку важни, зошто сите не се преселат во Јамајка? Данокот на добивка во Јамајка изнесува 5%. Зошто не ги преселат своите претпријатија во Албанија, каде данокот на добивка изнесува 10%? Остануваат тука затоа што оваа земја им овозможува прекрасни образовни институции како што е London Shool of Economics, добро, железницата е проблематична, но инфраструктурата е пристојна, правниот систем е добар итн. Сето тоа се колективно создадени работи, не ги создаде Ричард Брансон. Не ги создаде ниту Алан Шугар. Сега ќе поминам на „нештото“ број петнаесет, сиромашните луѓе во сиромашните земји имаат попретприемачки дух отколку луѓето во богатите земји.

Џорџ Буш еднаш рече дека проблемот на Французите е тоа што немаат збор за “enterpreneurship” (претприемништво). Мораме да му простиме затоа што слабо го познава францускиот јазик, затоа што тој само ја артикулираше вообичаената англо-американска предрасуда за Франција како нединамична и опуштена земја, полна со неспособни бирократи, надуени келнери и сточари што палат овци. Приказната за овците е малку комплицирана, па затоа сега ќе ја прескокнам, но во секој случај, таквата претстава за Франција е погрешна, како што ќе ви покажам подоцна. Но, перспективата зад оваа изјава е широко прифатена: потребни ви се претприемнички настроени луѓе за динамична економија. Потребни ви се луѓе кои сакаат да заработат пари, кои умеат да заработат пари. Според оваа гледна точка, сиромаштијата во земјите во развој се припишува на недостатокот на претприемнички дух во овие земји.

Кога луѓето од богатите земји ќе посетат некоја земја во развој и ќе видат нешто такво, велат: „Знам зошто е сиромашна оваа земја. Погледни ги овие луѓе како по единаесетти пат пијат чај во еден ден и пушат наргиле. Тука се потребни активни луѓе со претприемнички дух“. Се разбира, секој кој доаѓа од таква земја или престојувал во неа некое време, знае дека во земјите во развој почесто се гледаат такви случаи. Милиони луѓе купуваат и продаваат сè што ќе им падне на ум, дури и разни работи за кои не сте знаеле дека можат да се купуваат и продаваат. Ќе наведам неколку примери. До осумдесеттите, во мојата родна Јужна Кореја постоеја професионални чекачи во редовите. Тие беа популарни кај луѓето кои бараа виза во американската амбасада, затоа што само ограничен број на луѓе можеше да добие пријава за разговор.

Тој што ќе дојде прв, прв ќе добие виза, така што мораше да се оди рано наутро. Така некои Корејци со претприемнички дух измислија ново занимање, професионален чекач. Ќе станете во 4 и 30 часот наутро и ќе дојдете пред американската амбасада. Околу десет до девет, некој тип во елегантно одело ќе пријде и ќе ви рече: „Ова место изгледа убаво, дали би го продале?“ Па, ако стоите некаде на почетокот од редот, можете да добиете 100 долари, а ако не тогаш 50. Ќе му го продадете местото и ќе заработите плата за тој ден. Кога бев во Јужна Африка, еден пријател ме однесе во ресторан. Го паркираше автомобилот и одеднаш се појави некој тип и рече: „Јас ќе ти го чувам автомобилот“. И мојот пријател му плати. Јас го прашав: „Како тој ќе ти го чува автомобилот?“

А пријателот ми објасни: „Кога вели дека ќе ти го чува автомобилот, всушност мисли, плати или ќе ти ги дупнам гумите додека не си тука“. Има разни, генијални претприемнички планови во земјите во развој. Всушност, кога пред неколку години го одржав ова предавање, некој ми даде уште еден интересен пример од Индонезија. Во Џакарта државата вовела „брза патека“ каде можат да се возат само автомобили со најмалку три патници. Неколку млади претприемачи се мафтаат на влезот на оваа патека, па ќе наиде некој тип во „тојота ленд крузер“ и ќе рече. „Ти и ти, влезете“. Потоа ќе тргнат по брзата патека, на крајот од неа овие двајца ќе излезат, тој ќе им плати и сите се задоволни. Луѓето ќе направат сè за да преживеат, затоа што се очајни.

Поголемиот дел од луѓето во тие земји се самостојни претприемачи. Од друга страна, поголемиот дел од жителите на богатите земји, не се ниту близу до тоа да станат претприемачи. Многу луѓе работат за огромни компании, кои вработуваат десетици илјади луѓе. Работат тесно специјализирани работи и така ја остваруваат претприемачката визија на некој друг. Тие не одлучуваат што ќе прават, ним им се кажува што да прават. Всушност, ако ги споредите бројките, работата е јасна. Ако ги погледнете самовработените, процентот е многу, многу поголем во сиромашните земји. Веројатноста дека некој од Норвешка ќе биде претприемач, во смисла дека ќе биде самовработен, е тринаесет пати помала отколку за некој, на пример, од Бенин.

Затоа што во Бенин 90% од луѓето заработуваат самостојно. Ако ја погледнете табелата, ќе видите дека коментарот на Буш може да се опише со изреката „куката му се смее на кривото дрво“. САД и Франција се помеѓу државите со најмал број на самовработени во светот. Франција има малку поголем претприемачки дух отколку САД, но не многу. Но, ако во земјите во развој има толку претприемачи, зошто тие земји се сиромашни? Во книгата давам целосен одговор, но во суштина, поентата е дека претприемништвото не е индивидуален потфат. Ни требаат многу колективни институции за да ја канализираме претприемничката енергија во некоја продуктивна активност. Научната инфраструктура, корпоративните институции, правниот систем, финансискиот систем. Како што веќе споменав, нашата индивидуална продуктивност, во голема мера е колективна.

Сите овие луѓе го покажуваат претприемачкиот дух до крајни граници, но тоа не дава никакви резултати, затоа што институциите се дефицитарни, инфраструктурата е лоша, правниот систем не функционира итн. Кога ќе го сфатите тоа, ќе разберете зошто таканаречената индустрија на микрофинансирањето дала толку слаби резултати во економскиот развој и покрај сите очекувања. Најпосле, во оваа книга се обидов да го доведам во прашање владеачкото уверување дека економијата е премногу комплицирана за неекономистите. Тоа е многу интересно, затоа што кога ќе размислите, луѓето имаат различни цврсти ставови за различни работи. Сигурен сум дека имате јасен став за климатските промени, геј браковите, емиграцијата.

Но, колкумина од вас имаат соодветни квалификации за да судат околу тие прашања? Дали на сите им треба диплома по меѓународни односи за да можат да заклучат дека војната во Ирак беше погрешна? Дали сте завршиле климатологија, па знаете дека треба да се направи нешто по повод глобалното затоплување? Имате ли искуство во економијата на трудот, па да можете да речете дека ни е потребна контрола на миграцијата или не ни е потребна? Не. Значи, во сите овие прашања имате став без неопходна стручност, но кога се работи за економијата, тогаш ќе речете, јас не сум стручен. Со тоа нека се занимаваат луѓето од Централната банка, ММФ или Европската комисија, затоа што јас не знам ништо за економијата. Ова е огромен проблем. Зошто имате толку цврсти ставови за сè останато, освен за економијата? Така се создава простор, овие луѓе да можат да ве измамат. Како што се обидувам да објаснам во книгата, 95% во економијата е здравиот разум.

Се разбира, тоа свесно се претставува како комплицирано, со употреба на равенки, графикони и статистики, но всушност не е толку тешко. Се разбира, постојат некои технички материјали, но дури и тие можат да се објаснат со разбирлив јазик, можеби не до најситни детали. Со оваа книга сакав да ги поттикнам своите читатели да научат нешто за економијата. Не ви е потребно огромно знаење. Потребно ви е одредено основно економско резонирање, неколку основни факти и тогаш можете да вршите активно економско и граѓанско делување. Но, со оглед на тоа дека многу луѓе се плашат од економијата, станавте вистински жртви на сите оние луѓе кои практично го надлетуваат остатокот од населението. Навистина ве советувам да се заинтересирате за економијата. Не велам дека јас имам монопол над вистината, мислам дека би било подобро да нема толку препотентни кои мислат дека ги имаат сите одговори. Значи, ве молам, не верувајте ми мене.

Единствено што можам да ви кажам е дека ако повнимателно го погледнете сето ова, ќе видите дека многу нешта за кои сте мислеле дека се докажани и општоприфатени, не се такви. Многу нешта за кои мислите дека се факти, не се. Дури и почнувајќи од тоа дека помфритот не е измислен во Франција, дека часовникот со кукавицата не е измислен во Швајцарија и дека панама шапките не се прават во Панама. Има многу нешта во економијата за кои мислите дека се точни, но не се.

Ха-Џун Чанг е професор по економија на Кембриџ и автор на книгите: Kicking away the ladder, Bad Samaritans, 23 things they don’t tell you about capitalism.

Извор: http://pescanik.net/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото