Николај Грубевски го ослободи Скопје

13.11.2012 14:27
Николај Грубевски го ослободи Скопје

13 ноември 2012, Скопје

На свеченоста пред западниот влез на главниот град, македонскиот премиер Николај Грубевски соопшти дека Скопје од денес па натаму ќе биде слободно. Грубевски заедно со Трале Коцев ја пресече црвената лента пред влезот на македонската престолнина и со тоа свечено го пушти во употреба старо-новиот град.

„Ова е голем ден за сите граѓани на Скопје, но и за цела Македонија. За разлика од оние што само критикуваат, ние остваруваме и работиме. Делата ќе зборуваат за нас“, изјави премиерот откако ја пресече лентата.

„Ова е уште постаро, овај... поново... аааа... ново... или старо...нов град... пуштено во употреба... Сакам да кажам дека сега скопјани се слободни и им го честитам големиот празник, денот на ослободување на Скопје“, додаде градоначалникот Трале Коцев.

Веднаш по свеченоста, премиерот, претседателот, градоначалникот на Скопје, но и сите коалициони партнери од владата, се качија во двокатните автобуси, повлекувајќи се од власта и напуштајќи го главниот град.

Тие најавија дека од сега па натаму нема да се занимаваат со политика, туку со бизнис: ќе ја развиваат новата слободна економска зона Арпаџик, отворена токму во чест на Денот на ослободувањето на Скопје.

Долгата колона автобуси со политичарите од власта направи свечен последен круг низ градот, а помина и низ Порта Македонија, од каде што се упати кон Арпаџик, откако претходно направи три кругови околу споменикот Боксер на магаре на плоштадот Македонија.

Граѓаните еуфорично ја поздравија колоната автобуси, мавтајќи со знамиња со грбот на главниот град и ликот на премиерот, а потоа се забавуваа со настапот на Орце Стефковски на скопскиот плоштад, со кого заедно ја запеаја познатата песна „Брате Николај Грубевски“.