Страв од слетување

21.09.09 09:16
Naslovna_Antik_03.jpg

Дрогирањето, според она како е прикажано во некои филмови, е супер работа. Ја консумираш дрогата и почнуваш да леташ. И леташ, леташ, леташ... Не ни помислуваш на слетување. Затоа што слетувањето е заебано. Те враќа во реалноста од која пробуваш да избегаш. Само ако помислиш на слетување, има огромни шанси да ти се уништи трипот и веќе си слетал. Си слетал во сивото секојдневие од кое те избавува дрогата. Дрогата која ти пружа шанса да го гледаш светот без неговата суровост и во милион нијанси на сите бои на спектарот.

Дрогата ти ги олеснува проблемите. Не зашто си ги решил или зашто веќе не постојат, туку зашто можеш да заборавиш на нив. Забораваш дека кога неизбежно ќе слеташ, ќе треба пак да се снајдеш за следниот фикс. Забораваш дека утре треба да одиш на работата што ја мразиш, каде што ти плаќаат девет до дванаесет илјадарки за речиси цел месец работа (со по 1 до 4 слободни дена во месецот). Забораваш дека си фрлил огромни пари што твоите ги земале како кредит за да можеш да завршиш факултет, само за потоа да не можеш да најдеш работа во својата струка. Забораваш дека луѓето се толку отуѓени еден од друг што попрво би си направиле пакост еден на друг, отколку да си помогнат. Забораваш дека е фантастично ретко да видиш насмевки на лицата на луѓето кога одиш по улица. Забораваш на сè што не е убаво.

Фокусиран си само на твоето уживање во патувањето во некој нов, поинаков свет што ти го овозможува твојата дрога. Свет каде што не е битно кој е насмеан, а кој не е затоа што ти си насмеан. Свет каде што се чувствуваш како да си сè уште во амниотската течност на мајчината утроба. Свет каде што се чувствуваш сигурно, сакано, семоќно.

Ако пробаш да правиш муабет со некој издрогиран, тој тоа секогаш ќе го сфати како напад. Ќе мисли дека сакаш да атерира, дека си љубоморен што тој го гледа светот не како контраст црно-бело, ниту нијанси на сиво. Ќе мисли дека ти е криво што и ти не леташ како него. И во тој момент може да ти каже еден куп работи: „Не ми крши филм“, „Заеби философија, уживај“, „Ти не знаеш како да искулираш“...

Ескапизмот е супер работа за оној што бега (иако постои опасноста еден ден да избега до Крај), меѓутоа е напорна работа за околината. Друга работа прикажана во филмовите за наркомани е како, со тек на време, се распаѓа семејството на наркоманот. Оние околу него што се свесни за неговата зависност и евентуалниот „несреќен“ крај пробуваат да го освестат, пробуваат да му кажат колку е лошо за него тоа што го прави, дека мора да се соочи со светот во којшто живее наместо да бега од него... Меѓутоа, наркоманот никогаш не обрнува внимание (освен можеби во филмовите на Холмарк). За него, бегањето во „реалноста“ на дрогата е многу поубаво од „реалноста“ што мисли дека пробуваат да му ја наметнат.

Не, ова не е текст за „кутрите“ наркомани што се пукаат у вена. Туку за оние што се маваат во гради со својата Македонскост. Оние што бегаат од реалноста на Реална Македонија во „реалноста“ на Митска Македонија. Оние што мислат дека нијансите на Минатото се поубави од „наметнатата“ црно-бела Сегашност. Затоа што поубаво е да се избега во Минатото кога Александар ги направил лом грчките градови-држави, Персија и секој што му промрчил отколку да живееме во реалноста кога (мислиме дека) зависиме од милоста на Грција, Европа и американските трошки што ги добиваме зашто имаме „мисија“ во Ирак, рамо до рамо со храбрите „сојузнички“ војници. На овие наркомани поубаво им е да мислат дека го покориле оној што денес ги намамил да потклекнат. Порекнувањето на негативниот имиџ во историјата оди до тој степен што отоманската окупација речиси не се споменува (освен по потреба). Се заборава на мултиетничкиот карактер и космополитизмот на Крушевската република (прочитајте го Манифестот ако не им верувате на комуњарските учебници по историја).

Дилерите се секогаш тука за да го снабдат наркоманот со нова доза во моментот кога ќе видат дека му снемува. Таман ќе почнеме да се соземаме од последниот трип и да гледаме какви сè глупости се трескаат и оп!, СДСМ има конгрес и нова химна (да, баш химната е она што им фалеше). Поминува тоа и се спуштаме пак, кога оп! Иванов некаде му покажал на некој си грчки амбасадор колку го бива за математика (секоја сличност со Џорџ Буш е случајна). Почнуваме да земаме малку здив и пред да може да си речеме „Океј, полека... Последниов трип беше забеган, намали малку“, Паско Кузман има некое ново феноменално, земјотресно, минатоменувачко откритие. Хронологијата на триповите не е битна. И онака се губи осет за време кога си на дрога.

Како на човек навлечен на дрога да му објасниш дека дрогата на крај ќе го убие? Како да му објасниш дека дилерот секогаш успева да го прелаже? Како да му објасниш дека тврдоглавото, упорно дрогирање не е покажување на карактер туку недостаток на карактер? Како на наркоман да му објасниш дека треба да слета и да проба малку да оди по земја, без да му понудиш поинаква дрога?

Од она што го знам, наркоманот треба да слета и да види дека има проблем, а потоа да има волја да го реши проблемот. Откако ќе ги исполни овие предуслови, ќе мора интензивно да работи на тоа да ја исфрли дрогата – лошата навика – од системот и да ја замени со нови, позитивни навики.


Слики: Виктор Сафонкин

Sporedbata e ok, ama

Sporedbata e ok, ama nedostasuva prodolzetok. Ne e dovolna samo dijagnozata na sistemot, koja konechno bar eden mlad chovek kako Bojan, uspeva da ja postavi. Ima potreba od uste poveke energija - za promena na sistemot od ovaa vo nekoja podobra sostojba. Vo sekoj sluchaj, pozdrav do avtorot na tekstot. I toa e na eden nachin chesna borba protiv drzavnicite (nezavisno koi i bezvremenski, oti za povekete vazi deka se obichni lugje koi kako kameleoni ja menuvaat bojata istiot moment koga ke sednat na drzavnichkata fotelja)

 

 

Занимлив напис. Споредбата

Занимлив напис. Споредбата држи и морам да кажам дека е на духовит начин прикажан. Единствено што би можел да забележам е тоа што воведот е подолг од главниот дел и заклучокот. Можеби е тоа направено намерно, не знам, можеби е целта да се прекрши вообичаената схема, ама ми се чини дека малку можел да се скрати воведот и да се пишува повеќе за темата (антиквизација & други во македонското општество). Поздрав до авторот.

Виктор и Anonimna, благодарам

Виктор и Anonimna, благодарам за конструктивната критика. Воведот е толкав затоа што мене повеќе ме интересира Зошто е тоа така. Ако се знае зоштото, полесно ќе може да се најде решение.

Испрати нов коментар

Содржината на ова поле е доверлива и нема да се објавува.
  • Адресите за веб-локации и електронска пошта автоматски се претвораат во веб-врски.
  • Дозволени HTML ознаки: <a> <em> <strong> <cite> <code> <ul> <ol> <li> <dl> <dt> <dd>
  • Редовите и пасусите се разделуваат автоматски.

Повеќе информации за опциите за форматирање

CAPTCHA
Ова прашање е да се види дали сте човек и со тоа да се спречат автоматизирани спам пораки. Најавете се доколку сакате да пишувате коментари без оваа проверка.

Препорачуваме

Филмот „Таксист“, ремек делото на Мартин Скорсезе од 1976 година, во одредена смисла е филм за градот.

Така овде и сега провинцијалци лажат дека градат; во суштина тие крадат град. Едните крадеа без да градат, овие градат ли, крадат.

Некогаш различностите многу помалку ги вознемирувале нашите предци. Денес никој никого не сака да трпи. Токму од таму и сè позасилената сегрегација, географска, во училиштата, па дури и во бизнисот...

Белградските шестмина не отворија никаква Пандорина кутија. Напротив, тие потсетија дека таа кутија на злото и на насилството е запечатена – заедно со нас во неа. Наивен е секој кој верува дека од неа може да излезе, а притоа таа да не се скрши.