Мендух Тачи под туш ја пеел „Македонско девојче“

03.12.2012 08:34
Мендух Тачи под туш ја пеел „Македонско девојче“

Скопје, 3 декември 2012

Претседателот на ДПА Мендух Тачи доцна синоќа бил пријавен од соседите, затоа што во новиот стан во Чаир прегласно ја пеел народната песна „Македонско девојче“.

Полицијата неколку пати заѕвонила на неговата врата, но поради гласното пеење Тачи не го слушнал ѕвончето, па полицајците ја скршиле вратата, влегле во неговиот стан и го затекнале како под туш на цел глас пее: нема, нема, не ќе се роди, поубаво девојче, од Македонче.

Со него во туш кабината се наоѓал првиот човек на ДУИ, Али Ахмети, кој се грижел Тачи да не го греши текстот.

„Не дали има ВО овој бели свет. Дали има НА овој бели свет“, велел Ахмети кога упаднала полицијата.

Наместо пешкири, двајцата распеани политичари ги користеле помалото македонско и поголемото албанско знаме.

Мендух Тачи ќе одговара за нарушување на јавниот ред и мир, а Ахмети за соучесништво и поттикнување на истото.

Во станот на Тачи во Чаир, освен многуте цедеа со македонска народна музика, биле пронајдени и македонска и албанска народна носија и диплома од ТАНЕЦ.

Политичките аналитичари сметаат дека овој скандал ќе го направи крајно неизвесен исходот од локалните избори во Чаир, затоа што пеењето на познатата песна силно го нарушува имиџот на Тачи и Ахмети како професионални Албанци.

Од владејачката ДПМНЕ сметаат дека пеењето на македонската народна песна може да ја наруши политичката стабилност во Македонија и да ги загрози меѓуетничките односи.

„Тачи и Ахмети треба да пеат албански песни. Сè треба да биде поделено по етничка линија. За Македонците - македонски песни. За Албанците - албански песни. Сè друго може да доведе до политичка нестабилност“, изјави Родољуб Певаљковски, истакнат член на ДПМНЕ.