Дилемата на затвореникот: несоодветна аналогија

14.12.2012 12:54
Дилема на затвореник: несоодветна аналогија

Гералд Кнаус, во неговата статија „Македонија и заклучоците на Советот на ЕУ - мал, но значаен чекор напред“ вели: Советот беше вежба за загревање. Сега почнува вистинската игра. Атина и Скопје се соочуваат со дилемата на затвореникот: ако ниедна страна не верува дека решението е можно, и се однесува на тој начин, и двете страни губат. Ако двете страни преземат свесен ризик и побараат заеднички прифатливо решение, постои сериозна можност и двете страни да победат“.

Имам три главни забелешки на неговиот заклучок.

Прво, метафората со „игра“ е тотално несоодветна по две децении „спор за името на Македонија“, имајќи предвид дека спорот влијае главно врз правата и перспективите на едната страна - Република Македонија. Ова може да се смета за игра само во садомазохистички услови. Како и да е, сосема е погрешно да се верува, по две децении нечовечки и деградирачки третман на македонските граѓани од страна на Грција, дека Македонците уживаат во „СМ играта“ со Грција. Она што садистот го смета за „игра“ може да биде сфатено единствено како тортура од неговите/нејзините жртви.

Второ, после одлуката на Советот, Македонија се соочува со два јасни ултиматуми. Според Гералг Кнаус: „Ова значи: ако наскоро има договор за решение за името, и ако има конкретна акција и резултати на состаноците на високо ниво со Бугарија до април, целта да се започнат пристапни преговори до 2013, пред следното претседавање или многу порано, останува жива“. Затоа, ако и само ако Македонија ги прифати двата ултиматуми, „целта да се започнат пристапни преговори во 2013... останува жива“. Инаку, „целта за започнување пристапни преговори во 2013“ ќе биде недостижна. Можно ли е да се претстави таквата безизлезна ситуација како „мал, но значаен чекор напред“?

Трето, аналогијата со „дилемата на затвореникот“ е не само лажна, туку и многу навредлива. Атина никогаш не беше затвореник, туку затворски чувар а можеби и политички мачител кој го злоупотребува „спорот со името на Македонија“. Претпоставката дека Атина може да изгуби што било ако не се најде решение е неоправдана. Што може да изгуби Грција? Нејзината репутација на демократски шампион?

Континуираните обиди на Атина да изнуди признание од македонските политички претставници, како и нечовечкиот и деградирачки третман кон етничките Македонци и нивниот културен идентитет се јасни симптоми на „политичка тортура“. За жал, исходот на оваа политичка тортура, потпомогната од Бугарија и останатите членки на ЕУ, е подемот на македонскиот етно-национализам и падот на либерализмот, демократијата и човековите права.

Да заклучиме, има уште една причина зошто „дилемата на затвореникот“ е лажна и навредлива аналогија. Дилемата на затвореникот е ситуација која произлегува од понудата на „досетливиот обвинител“ кој има намера да изнуди признание. Аналогијата е навредлива не само за Македонија и Грција (претставени како обвинети затвореници), туку и за ЕУ, бидејќи политичката улога на ЕУ не е да биде „досетливиот обвинител“, туку бранител на човековите права и на европските демократски вредности.

Извор: www.jasnesumjas.blogspot.com
Слика: Rudy Pavlina