Окно анкета за СК014 (15)

19.12.2012 13:38
Окно анкета за СК014 (15)

Прашањата на Окно
1. Кое дело од многуте скулптури, споменици и згради од СК014 би го издвоиле како симбол или квинтесенција на целиот проект?
2. Што друго би издвоиле од проектот, во позитивна или негативна смисла?
3. Вашето мислење за целокупниот проект СК014?


Никола Наумовски, активист

1
На почетокот го игнорирав, но со време сфатив дека целиот парк „Жена – Борец” е Скопје 2014 во мало пакување. Целата таа поставка таму содржи по лажичка од сите состојки што го красат проектот Скопје 2014:

Кич – заради очигледни причини познати на секој читател на сајт како Окно

Незнаење – заради погрешниот спелинг на исписот на споменикот

Аматеризам – заради површноста во пристапот и настанатите почетнички грешки

Цензура – заради гаќите на првобитно голото тело

Семејни вредности – фразата зад која денеска се провлекува секаков шовинизам, патријархат и хомофобија

Непознавање на историјата – заради несоодветноста на историските сцени

Навреда за жените – заради отстапеното место за само една жена–борец меѓу десетици мажи

Корупција – зашто неколкупати е преплатено

Тајност – зашто изборот на спомениците беше направен без знаење на јавноста, уметниците, урбанистите, советниците, пратениците...

Лага – зашто лажеа дека на барање на граѓани го облекле Прометеј

Манипулација – зашто пласираа информации дека очигледните грешки се некаков „постмодернизам”, некакви „загатки”, „кодови” и „каталонски дијалекти на латинскиот јазик”.

Според мене, ниеден друг објект не ги вклучува сите овие описи. Заедно. На куп.

2
Сите овие години искрено се трудев да најдам барем една позитивна нишка во проектот, но не успеав. Зградата на филхармонијата е далеку од завршена па не би сакал да брзам со тој заклучок. Така што, од видливите аспекти на проектот не би можел да издвојам ништо позитивно.

Но, многу е важен придонесот на Скопје 2014 за развојот на градската мисла. После ова, никој во иднина не може да остане рамнодушен на некогаш сосема маргиналните прашања за градскиот простор, неговата функционалност, зелените прашања итн. Се разбира, тоа не била намерата на авторите, па нема зашто да им се заблагодаруваме, но тоа е придобивка.

3
Милион пати сум одговарал на ова прашање и пак не сум успеал да го набројам секој негов аспект. Се работи за целокупно погрешен проект. Од времето во кое се гради, до што се гради, од колку чини, до кој го гради… Не смееме да заборавиме дека поголемиот дел од промените се незаконски, дека скулптурите и спомениците се поставени онака како што се поставуваат споменици во Липковско – без законска основа.

Сите споменици и скулптури се дивоградби, тоа е факт. За нивното поставување мораше да одлучува Собранието, а не Општина Центар. Но, лесно е да се одговори на ова прашање. Tешко е да се одговори што ќе се случува со Скопје 2014 по промената на власта. Дали во иднина ќе ги третираме како дивоградби делата на оние што градеа со насилство, корупција и криминал. Дали ќе ни биде страв од нивните можни реакции, или ќе издржиме во намерата целосно да се справиме со шокот и да ја истераме работата докрај без никакви предрасуди за можните алатки.

 

Иванка Апостолова, уметница

1
Се сложувам со фактот дека наместо споменици - за истите пари ќе се средеа повеќето или сите (сепак сме само два милиони жители) социјални проблеми и потреби за нормален живот и спокојно секојдневие.

Но кога веќе тие постојат еве го моето мислење.

Ја издвојувам целата архитектурна целина, сите реконструкции и сите новододадени репрезентативни згради. Од Скопје не направија современ град ни едните ни другите, не го реализираа ниту урбанистичкиот план на Кензо Танге во целост бидејќи парите отидоа во Белград. Скопје со сила паланка е / беше, а проектов е стара приказна. Затоа политичката конотација не им ја припишувам само на ВМРО, туку го сакам и ова ново Скопје, имам убави спомени од старото, но веќе не сум врзана сентиментално, бидејки сентименталноста има некрофилна нота. Скопје сега заличи на процентрално европски град во лудо интересна контадикторност со чудесната ориентална страна на градот. На моите пријатели од светот, кога доаѓаат да ме посетат, СКОПЈЕ ИМ СЕ ДОПАЃА. ИМ СЕ ДОПАЃА ЕНЕРГИЈАТА НА ГРАДОТ. Тие впечатоци од дистанца, на луѓе сто шетале низ светот не можам и не сакам да ги занемарам.

2
Не ги поддржувам спомениците и скулптурите - тие се грди и се премногу. Очигледно дека стратегијата во однос на вајарската пластика се губи поради перењето на парите.
Кутрите врби - одвишни декорации од измачени дрвја.

Позитивен ми е ставот кон архитектурата.

3
Целиот проект е колку потребен толку и пренатрупан и претеран. Централното јадро сега е надреално и стриповско, а тоа ги меша ставовите. Ја поддржувам архитектурата, додека скулптурата навлегува во размерите на бесмисленоста.

Слики: Свирачиња