Победник на „Новите!“ за 2012: Дејан Мирчески

28.12.2012 10:18
Победник на „Новите!“ за 2012: Дејан Мирчески

Жирито во состав Ненад Јолдески, Теона Мицевска и Иван Шопов како најдобар дебитантски прозен ракопис од шеснаесетте пристигнати, го издвои „Кристалните јами на пропаста“ од Дејан Мирчески. Книгата на Мирчески претежно е составена од кратки раскази и по некој кус-кус расказ, како и од една поголема целина која речиси има драмска структура.

Прозите на Мирчески се бурлескни епизоди на дивеењето на безмалку детската имагинација, зачинета со мрачни, диви и сурови дејства. Во повеќето раскази се случуваат бизарни настани, изникнуваат необични суштества што се невозможни во реалноста на секојдневието од кое чудата се изгонети, но истовремно, на парадоксален начи, тие се и неразлачиво испреплетени со неа. Сето тоа е предадено на едноставен и понекогаш бругално директен начин, во манир кој потсетува на некои од најзначајните и најпопуларни анимирани серии актуелни во поп културата, како што е, на пример, серијалот Happy Three Friends.

Прозата на Мирчески ја црпи сета своја енергија од играта, која понекогаш изгледа како цел сама за себе, но ретко го остава читателот без возбудлив резултат пред себе. Во нанижаните надреални ситуации, раблеовски хиперболизирани сцени и епизоди со насилство во кои, сепак, крвта не е крвава, Мирчески се покажува како вистински мајстор на гротеската, со изразен вкус за бизарното, а на моменти и мрачното.

Освен смешно-страшните бизарни сцени, низ разказите провејуваат и познатите вечни теми на љубовта, смртта, темнината, бесконечноста, но сепак сместени во рамки на компактната и збиена форма на расказот и густиот и на места шегобиен израз на авторот. Овие теми се активираат со подлабоко понирање под транспарентните слоеви на расказите, што зборува за способноста на авторот да
создаде вешта диверзија, како на формално така и на концептуално ниво. Со тоа, останува привлечен и за забавните и хедонистички пориви за читање, но освен
тоа, книгата е и плодно тло за внимателен, детален и аналитички пристап. Воведената апорија со која се се соочуваме во текстовите, достига и до егзистенцијалистичка тегобност пред перманентното отсуство на задоволувачко и смирувачко разбирање на светот. Така, вознемиреноста, збунетоста, зачуденоста постојано се присутни и се подгреваат во текот на читањето, а со себе носат и некакво чудно чувство на безнадежност и резигнираност во однос на постоење на логичен тек на нештата. Ова придонесува и кон продлабочување на мрачно-светлиот хумор, што се наметнува како една можна алтернатива за справување со вечните и сеопфатни апории.

Авторот успева да ги растрча читателите по дифузните настани и расфрлани фигури што дефилираат со огромна и скоковита брзина како некаков perpetuum mobile, со што го приковува вниманието за текстовите и успева да создаде дури и суспензија и да предизвика нетрпение да се проследи и претстојниот расказ, ефекти инаку типични за еден друг жанр, романот. На тој начин, во овие раскази е постигната и трансгресија на жанровските граници во литерарна, но и интермедијална смисла, при што се слеани во едно некои од најплодните постапки својствени за класичниот расказ, визуелната популарна култура, па дури и за никулците на романот.

И покрај разузданоста и пргавоста на стилот и јазикот, ракописот „Кристалните јами на пропаста“ се издвои од останатите ракописи, пред сè, поради стилската кохерентност, единството и заокруженоста на структурно-композициски план. Ниту во текстовите во кои е евидентно разводнувањето на стилот и присуството на дози патетика, читателот не го напушта чувството дека расказот што го гледа пред себе е дел од нераскинлива целина. Со повторувањето на одредени слики/теми од расказ во расказ, Дејан Мирчески како со игла за шиење ги поврзува претходните раскази со оние што следат, што дополнително укажува дека авторот има развиена свест за тоа што значи заокружена книга, а што збирка/збирштина од текстови.

„Кристалните јами на пропаста“ со себе носи и некои детски болести типични за дебитантските книги; една од нив е претенциозноста и несмасноста на јазично ниво, секако, не во преголеми количини. Ако за нешто може да му се замери на авторот, тоа е претераноста во јазичната игра, која на места е изнасилена и наместо да предизвика необичност, изненадување или очудување, постигнува ефект на банализација на напишаното.

Сепак, поголемиот дел од расказите во „Кристалните јами на пропаста“ со ништо не нè наведува да се сомневаме во тоа дека авторот ќе ги „прележи“ горенаведените болести и ќе се развива во уште позрел писател.

Се надеваме дека дебитантската објава на Мирчески во едицијата Катапулт ќе го катапултира во вистинската насока.

 

„Воздишка“ - Ангелина Костова

Романот „Воздишка“од Ангелина Костова беше дел од најтесната конкуренција за наградата „Новите!“ за 2012 година. Прецизноста на течниот јазик на романот е еден од аспекти во кои авторката покажува најголема умешност - токму тука на уптилен начин се наѕира и нејзината богата ерудициска поткованост.

Читателот се воведува во романот преку приказните на најблискиот круг луѓе околу главната хероина Надежда Турунтлиева, низ чија призма ги дознаваме нивните животни судбини. Сепак, на овие ликови им недостасува попродлабочено развивање, а на формален макроплан, и мотивирано место во структурата на текстот, којшто најдобро се вклопува во жанрот роман.

Вешто обликувана е и сликата за актуелното македонско секојдневие што авторката постепено ја гради преку претставувањето на различните животи, бидејќи ја вклучува сета негова ирационална емотивна понесеност и конфузија, зависноста од другите предизвикана од (често неправедно) хиерархиски организираната заедница, стравот за семејството и иднината како резултат на општествените неприлики. Иако приказната за студентските денови на Надежда Турунтлиева, која ги разобличува и жестоко ги критикува круговите на универзитетските авторитети, претставува одличен вовед во романот, во неговиот понатамошен тек може да се детектираат неколку дифузни тенденции што ја нарушуваат структурата на секое ниво, иако истовремено укажуваат и на способноста на авторката да изведува и артикулира во повеќе различни литерарни постапки со висок потенцијал.

Треба да се има предвид и дека самата недовршеност на романот, отвореноста за модификации како и неговото продолжение што веќе се пишува, зборуваат за потенцијалот текстот да се доразвива истражувајќи нови можности.

 

„Шеш-беш“ - Лира

„Шеш-беш“ е книга составена од куси-куси раскази, поделени во неколку циклуси, во зависност и условеност од тематиката. Голем дел од кусите-куси прози го третираат и тематизираат односот човек-град, некои од нив се интроспекции со интимен тон, додека некои од прозите просто претставуваат микро-хроника на секојдневието.

Авторот/авторката под шифра Лира несомнено поседува талент за „танцување на мал простор“, а расказите се расфрлени низ книгата токму како во игра со коцки. Но, во книгата, како и во играта, не секогаш коцката застанува на бројот шест. Така, расказите во „Шеш-беш“ не секогаш постигнуваат силен ефект - ниту сепнување при допир со студено железо, ниту горење при допир со усвитено железо (Урошевиќ).

Како и да е, станува збор за дело кое има голем број куси-куси прози напишани на задоволително ниво, а авторот/авторката покажува потенцијал кој заслужува понатамошна поддршка и внимание.

28.12.2012, Скопје