Десет дена потоа

30.12.2012 18:16
Десет дена потоа

Поминаа десет дена од датумот кога, според календарот на древните Маи, се очекуваше пропаста на светот. Тоа беше и ден кога некои од македонските „уметници“, главно директори, избраници и миленици на власта, се решија да паѓаат на колена не само пред неа (зашто мораат), туку и пред опозицијата, ако затреба (?!). Тоа што се случи пред десет дена за македонските уметници, во 21-иот век, е рамносилно на крај на светот, оној уметничкиот, кој претпоставува дигнитет, достоинство, право на мислење, на личен став, на отпор, на соочување со вистината и грдата реалност што ја живееме, сега и овде; сцената на уметниците им служи, да потсетам, за со сета снага да се борат за другата, уметничката вистина што треба да допре во гледалиштето и да наведе на размислување, на преиспитување, често да поучи, да пробуди емоции, да продухови. Се прашувам, која публика ќе им поверува на горе споменатите “уметници” кога на сцената ќе ја продаваат својата уметност, додека (во догледно време) заборавот не го избрише срамот, не само нивниот, туку за жал и на целата уметничка бранша, во чие име, како директори и уметнички директори на национални установи, членови на разни совети, комисии итн., назначени само со цел да бидат слепи послушници на партиските наредбодаватели, се дрзнаа да изигруваат маченици и да коленичат во име на посветлата иднина за културата во Р.Македонија. Можеби мојата реакција е задоцнета, со оглед на уште пострашните збиднувања во македонскиот парламент, во деновите што следеа, кога претставниците на народот од владеачките партии беа неми набљудувачи, со измиени мозоци, како да се роботи (а можеби и се?!), на невиденото насилие врз нивните колеги, исто така претставници на народот, во име на “државните интереси “, што секој нормален човек го оставаат не само без текст, туку и без здив; но, ми беше потребна временска дистанца за да го смирам во себе насобраниот гнев, кој ја блокира чистата мисла и може да повреди и по некој недолжен, на пример, оние присутни во толпата, кои не беа уметници, туку морале да се покорат на наредбите, за да не бидат избркани од работните места; во таа фарса малкумина имаше актери (жални фигури), кои притоа не знаеја како подобро да се затскријат и кои веројатно се големи должници на актуелната власт.

Многу сум љубопитна како се чувствуваат сега, десет дена потоа, по се’ што се случи, директорите “уметници”, што стоеја гордо исправени на импровизираната сцена и со толку силен емотивен набој се “бореа” за изгласување на државниот буџет од кој добиваат само трошки? Или можеби знаеја што следува? Ми беше чудно што не ги видов и во првите редови на таканаречениот Народен фронт? Тоа се маркантни ликови, последниве години често присутни и на телевизиските екрани, кои е тешко да не се препознаат. Или можеби беа и таму, но сега добро скриени? Каде беа да се соочат со “страшниот” непријател отспротива... победоносно да ја водат толпата... да фрлат и по некој камен, ако затреба... да загинат за „народните права“... за „народниот“ буџет... да ја завршат срамната претстава во која, како на врвни уметници, за какви ги сметаат, или се сметаат, им беа доделени главните, животни улоги? Сигурна сум дека како награда за покажаната храброст и пожртвуваност ќе бидaт членови на ансамблот што ќе создава во старо-новиот театар, но длабоко во себе знаат дека Мери Георгиевска е во право кога вели дека театарот не го чини градбата, туку луѓето кои работат во неа. Стара и позната вистина.

Во Новата 2013 година им посакувам уште поголеми успеси во одбрана, прво на власта (за нив не е битно која власт), а потоа од се’ срце и на уметнички план.

(авторката е актерка)

Слики: Jennifer Uman