Десет лесни чекори кон фашизам

31.12.2012 08:42
Десет лесни чекори кон фашизам

Грешка е да се мисли дека во раните фази на преминот кон фашизам можат да се видат бодликави жици. Тогаш нештата на површина изгледаат сосема нормално.

Минатата есен (2006) имаше воен удар во Тајланд. Водачите на ударот презедоа редица чекори, прилично систематски, како да имаа некаков список за на пазар. За неколку дена демократијата беше погазена: водачите на ударот прогласија воен закон, пратија војници во населените места, ги презедоа радијата и телевизиите, воведоа ограничувања за патување и приведоа неколку активисти. Може да се види дека овие работи не ги смислуваа додека ги правеа, туку следеа одреден план.

Ако погледнете наназад во историјата може да видите дека во суштина постои калап за преобликување на отвореното општество во диктатура. Тој калап се употребува одново и одново, секогаш крваво и на повеќе или помалку застрашувачки начин. И секогаш моделот е мошне ефикасен. Тешко е и напорно да се изгради и одржи демократија, но историјата покажува дека далеку полесно е таа да се разурне. Едноставно, потребно е да сте при волја да преземете 10 чекори.

Чекор 1: Креирај страшни внатрешни и надворешни непријатели

Во овој чекор заканата од непријателот, како во случајот со Хитлер и неговото повикување на заканата од комунизмот за безбедноста на нацијата, може да биде заснована на реални основи и потоа предимензионирана заради застрашување.

Чекор 2: Создади тепачишта

Кога лидерите кои работат на она што го нарекувам „премин кон фашизам” сакаат да го прегазат отвореното општество, тогаш праќаат паравоени групи да заплашуваат или да ги тероризираат граѓаните. „Црните кошули” аздисуваа низ италијанските провинции и претепуваа комунисти. „Кафенокошулците” приредуваа насилни походи низ Германија. Овие паравоени сили се особено важни во демократија: потребно е граѓаните да се плашат од насилството на тепачиштата кои се заштитени од прогон.

Чекор 3: Воспостави внатрешен систем за надзор

Во „затворените општества” системите за надзор се поставуваат заради „националната безбедност”. Нивната вистинска функција е да ги држи граѓаните мирни и да го потисне нивниот активизам и отпор.

Во Италија на Мусолини, во нацистичка Германија, во комунистичка Источна Германија, во комунистичка Кина, односно во секое „затворено општество“, тајната полиција ги шпиунира обичните луѓе и ги поттикнува граѓаните да ги шпионират и пријавуват соседите. „Штази“ од Источна Германија надгледувала мал дел од граѓаните во Источна Германија, но успеала да го убеди мнозинството дека повеќето од нив се под надзор.

Во 2005 и 2006 година кога Џејмс Рајзен (James Risen) и Ерик Лихтбалу (Eric Lichtblau) во Њујорк тајмс објавија податоци за тајни државни програми за прислушкување на граѓаните, следење на нивните електронски пораки и проверки на финансиските трансакции, на обичните Американци им стана јасно дека и тие можат да бидат дел од државниот надзор.

Чекор 4: Малтретирај ги граѓанските здруженија.

Следната работа која треба да ја направите е да се инфилтрирате и да ги малтретирате граѓанските здруженија. Овде можат да бидат вклучени речиси тривијални случаи: главниот свештеник на црквата во Пасадена, Калифорнија, кој проповедал дека Исус секогаш бил за Мирот, одеднаш се нашол под истрага на даночните служби, додека црквите кои повикувале Републиканци да излезат на гласање биле оставени на страна. Но, има и далеку посериозни примери: „Американската унија за граѓански слободи“ известува дека илјадници обични Американци кои биле против војната, биле следени и во нивните редови биле инфилтрирани агенти. Конечно сите тие биле ставени во бази на податоци на Пентагон. Чекор по чекор во оваа контрола и надзор, листата на потенцијални терористи се ширела кон опозиционери.

Чекор 5: Спроведи произволни апсења и пуштања.

Ова ги заплашува луѓето. Се работи за еден вид игра на мачка и глушец. Во секое заторено општество има листи на дисиденти и опозициски лидери. Еднаш кога ќе се најдете на таа листа станувате директна цел. И многу е тешко да бидете тргнати од листата. Затоа луѓето се плашат. Таков е примерот на про-демократскиот активист во Кина, Веи Јингшенг (Wei Jingsheng), кој бил апсен и пуштан неброј пати. Во 2004 година, „Американската агенција за безбедност во сообраќајот“ потврди дека поседувала список на патници (Terrorist Watch List) кои треба да бидат подложувани на строг претрес при своите патувања. Кои се луѓето кои се нашле на оваа листа? На приме,р две средовечни активистки за мир од Сан Франциско, сенаторот и либерал Едвард Кенеди, член на владата на Венецуела – откако претседателот на Венецуела го критикувал Буш, и илјадници други обични граѓани на САД.

Чекор 6. Таргетирај ги клучните поединци.

Закани им се на државните службеници, уметниците и академските работници со бркање од работа ако не се однесуваат според пропишаното. Мусолини е познат по своите напади на универзитетските ректори кои не се потчинувале на фашистите. Истото го правел и Гебелс кој ги прогонувал професорите кои не биле про-наци ориентирани. На ист начин кон нив се однесувал и Аугусто Пиноче, како и кинеското Политбиро со казнувањата на про-демократските стденти и професори.

Академските и интелектуалните кругови се средиште на активизмот, па оние кои работат на фашизација ги казнуваат професорите и студентите на професионален план. Тие треба, како што вели Гебелс, „идеолошки да се искоординираат“ со власта. Бидејќи јавната администрација е директно подложна на казни и откази од која било власт, тие се примарна цел токму на ваква „идеолошка координација“ и наведување на послушност. Овој процес Нацистите го озакониле во 1933 со законот за „Воспоставување на професионална административна служба“. Во САД администрацијата на Буш избркала од работа неколку службеници на ЦИА затоа што јавно објавиле на блогови дека не се согласуваат со измачувањата на притворениците обвинети за тероризам, но и 8 службеници на јавното обвинителство биле отпуштени од работа со објаснување дека „покажале недоволна политичка лојалност“.

Чекор 7: Контролирај ги медиумите.

Прва цел на сите диктатури и потенцијални диктатори се медиумите и новинарите. Ним им се закануваат, ги апсат а во поразвиените фази тие се веќе во притвор додека вистинските вести се заменети со лажни вести и документи. Италија во дваесеттите, Германија во триесеттите, Источна Германија во педесеттите, Чехословачка во шеесеттите, Латино Американските диктатури во седумдесеттите, Кина во осумдесеттите и деведесеттите, сите го следеа рецептот на задушување на медиумите.

„Комитетот за заштита на новинарите“ вели дека бројот на апсења на новинари во САД е рекорден: Џош Волф (Josh Wolf), блогер од Сан Франциско, е осуден на казна затвор од една година поради одбивањето да предаде видео материјали од анти-воени демонстрации; Одделот за државна безбедност поднел кривична пријава против новинарот Грег Паласт (Greg Palast) затоа што ги снимал жртвите на ураганот Катрина во Луизијана. Инаку Паласт има напишано бестселер во кој ја критикува администрацијата на Буш. Други новинари и писатели биле казнети на други начини. Џозеф Вилсон (Joseph C. Wilson ) го обвини Буш во колумна во Њујорк Тајмс дека ја повел земјата во војна врз основа на лажни обвинувања за Садам Хусеин. Неговата сопруга, Валери Плејм (Valerie Plame), беше отпуштена од ЦИА во знак на реваншизам.

Кривични пријави и губење на работа се „ситна работа“ во споредба со тоа како САД ги третираат новинарите кои не биле во директна комуникација со нив за време на конфликтот во Ирак и се обидуваа да известуваат на непристрасен начин. „Комитетот за заштита на новинарите“ има документирано повеќе случаи кога американската војска во Ирак пукала или се заканувала со пукање врз новинарите и камерманите од медиуми и организации кои не биле „вкопани“ (embedded) во рововите со нив под нивна закрила. Таков е случајот со тимовите на Ал Џезира и BBC. Ако на некои Американци не им се поверливи новинарите на Ал Џазеира, нека ги погледнат извештаите на Кејт Ади од BBC. Во некои случаи новинарите се повредени или убиени, вклучувајќи го и новинарот на „ITN“ Тери Лојд во 2003 година. Новинари на CBS и „Associated Press“ биле апсени во Ирак од американската војска и однесени во затвори. Наводната вина на новинарите не беше никогаш докажана.

Чекор 8: Несогласувањето значи предавство.

Третирај го несогласувањето како предавство, а критиката како шпиунство и платеништво. Секое затворено општество го прави ова, криминализира одредени видови говор и го проширува значењто на „шпиун” и „предавник”.

Кога Бил Келер (Bill Keller), издавач на Њујорк тајмс ги објави своите „ Lichtblau/Risen“ приказни, Буш го нарече тоа „протекување на доверливи информации” и срамен чин, додека Републиканците, подржани од проконзервативни медиуми и новинари, во Конгресот побараа Келер да биде обвинет за предавство. Повиците спласнаа дури кога некои аналитичари ги потсетија дека казната за предавство е егзекуција.

Чекор 9: Суспендирај го владеењето на правото.

„Џон Ворнер актот за одбранбени овластувања“ (The John Warner Defense Authorization Act) од 2007 година му даде на Претседателот нови овластувања во однос на Националната гарда. Ова значи дека во вонредна состојба тој може да испрати безбедносни сили во секакво сценарио и тоа од една држава од САД во друга. И додека Американците беа фокусирани на семејната криза на Бритни Спирс и на прашањето кој е татко на бебето на Ана Никол, во Њујорк тајмс осамна едиторијалот за оваа законска промена: „Станува вознемирувачки феномен тоа што законите кои задираат во срцето на американската демократија се донесуваат доцна во ноќта… При каков било бунт Претседателот сега може да користи воени сили како домашна полиција или при природни катастрофи, епидемии, терористички напад или „други состојби“.

Критичарите сметаат ова е јасно кршење на „ Posse Comitatus Act“ кој забранува користење на армијата за домашно спроведување на законот.

Чекор 10: Создади „Гулаг“

Кога сите се исплашени, потребно е да се создаде затворски систем кој ќе функционира надвор од владеењето на законот (како што Буш барал за Гвантанамо да биде сместен надвор од рамките на правниот систем на САД) и каде може да се спроведува тортура. Отпрва таму се праќаат бељаџии, шпиуни, „непријателите на народот“, криминалци, па народот полека прифаќа таен затвроски систем кој прави да се чувствуваат побезбедни. Но наскоро, водачите на граѓанскиот сектор, лидерите на опозицијата, членови на синдикати, клерот и новинари, стануваат „гости“ во нив.

Колку и да е тешко да се помисли, секој од овие 10 чекори е веќе инициран и преземен од САД и администрацијата на Буш. Бидејќи Американците како мене се родени во слобода, тешко ни е дури и да помислиме дека би можеле да ја загубиме слободата, како некои други нации. Ние повеќе не учиме за нашите права, ниту пак за нашиот систем на управување. Задачата да се биде свесен за уставот е префрлена од граѓаните во доменот на „професионалците“, како што се адвокатите и професорите. Многу оскудно ги препознаваме и користиме правилата за контрола на власта кои основачите на нацијата ги поставиле, дури и тогаш кога тие се систематски разнебитувани.

Mојот аргумент овде е дека пред нашиот нос Џорџ Буш помладиот користи испробани тактики да затвори едно отворено општество. Време е да мислиме на непомисливото – како што авторот и политичкиот новинар Џо Конасон напиша – тоа може да се случи и овде. Овде исто образложувам дека треба многу повеќе да научиме од европските лекции за фашизмот и да ги разбереме потенцијалните опасности на настаните кои се одвиваат во САД.

Се разбира, САД не се толку ранливи кон целосно затворање на општеството како што тоа беше случај по маршовите на Мусолини во Рим или по притворањето на политичките противници на Хитлер. Нашите демократски навики се премногу отпорни, а нашата војска и судство се премногу независни за да лесно успее такво сценарио. Но, наспроти ова, како и што забележуваат критичарите, нашата американска демократија може да биде прегазена преку систем на ерозија. Грешка е да се мисли дека преминот кон фашизам е проследен со бодликави жици. Во почетокот сè изгледа нормално, селаните ги славеле сезонските празници во Калабрија во 1922, луѓето оделе во шопинг и во кино во Берлин од 1931. Во почетокот, како што вели В.Х. Оден, „хоророт е секогаш негде другде и додека некој е под тортура и измачуван, децата се санкаат, бродовите бродат, кучињата лаат. Сите го оттргнуваат вниманието од катастрофата“.

И денес Американците го вртат своето внимание кон интернетот, шопингот и новите епизоди на „Американски идол“, додека основите на демократијата сериозно се рончат. Нешто длабински се има изменето што нè слабее суштински: нашите демократски традиции, независното судство, слободниот печат, денес сите ја вршат својата работа во контекст на „долга војна“, војна без крај, на боиштето наречено Глобус, контекст кој му дава право на Претседателотда донесува одлуки на своја рака, додека Американците тоа воопшто не го сфаќаат. Ова значи ширење на празнината која ги поткопува темелите на сите, сè уште навидум, слободни институции кои во вакви услови мора да попуштаат под одредени притисоци. За да оневозможиме ваков крај, мора да се запрашаме „што ако?“.

Што ако во наредната година и пол од мандатот на Буш има уште еден напад, не дај Боже, со „валкана бомба“? Овластените ќе можат да прогласат вонредна состојба. Историјата покажува дека секој лидер ќе биде во искушение да ги задржи овластувањата од вонредната состојба по нејзиното завршување…Што ако некој издавач или весник биде кривично обвинет за предавство или шпиунажа? Што ако падне некоја пресуда, да речеме од 10 години затвор? Како ќе изгледаат весниците наредниот ден? По искуствата од минатото, тие нема да престанат да излегуваат, но наеднаш ќе станат многу „учтиви“. Во моментов само неколкумина вистински патриоти се обидуваат да го сопрат бранот на тиранија кој ни се заканува. Центарот за уставни права, чии членови примаа смртни закани затоа што правно ги застапуваа притворениците за тероризам, активистите на Американската унија за цивилни слободи, како и неколку конзервативци од „Агенда за слободна Америка“ кои се обидуваат да ги повлечат регулативите штетни по нашите права и слободи. Овие мали групи треба да бидат помогнати од сите нас, вклучително и од Европјаните и другите земји кои можат да направат меѓународен притисок врз Американската администрација, затоа што падот на демократијата во Америка може да има сериозни последици за остатокот на светот.

Мора да погледнеме во историјата и да се соочиме со „што ако?“ прашањата. Ако продолжиме да одиме по овој пат „крајот на Америка“ може да допре одненадеж до секој од нас во различен миг: секој од нас ќе почуствува дека е приморан да погледне наназад и да помисли, едно беше порано, но сега е многу поинаку.

„Собирањето на сите моќи, законодавни, извршни и судски, во исти раце…тоа е тиранија“, напиша Џејмс Медисон (James Madison). Ние сè уште имаме избор да застанеме и да не продолжиме по овој пат. Можеме да се исправиме и да се бориме за нашата нација и да го преземеме знамето кое основачите на нацијата ни го оставија и побараа од нас да продолжиме да го носиме.

Наоми Волф, „Крајот на Америка: Писмо на предупредување до младиот патриот“ , 2007 (извадок).

Извор: Мактивизам

ОкоБоли главаВицФото