Стипендии - за кого како!

03.01.2013 08:51
Стипендии - за кого како!

Не можев да поверувам кога еден мој ученик ми посочи дека Министерството за образование и наука (МОН) ќе додели само 5 стипендии за учениците од приватните средни училишта. Навистина не ми е јасно со кој памет МОН ја определило оваа квота. 50 стипендии за талентирани ученици, 150 стипендии за талентирани спортисти.

Се гледа кон што цели МОН – а тоа сигурно не е науката. Кога едно министерство кое во својот назив има наука а одделува три пати повеќе пари за спорт наместо за наука, јасно е каде дува ветерот, ама за ова веќе пишував. Во оваа држава има и други институции, првично Агенцијата за спорт и млади, кои како приоритет треба да го имаат спортот. Сепак, МОН се става во улога на мајка и маќеа, првото за спортистите, а второто за талентираните идни научници.

Сепак, она кон што ќе се осврнам е третманот на државата кон учениците од приватните средни училишта.

Едни се битолчани а други?

Во 2012 година на ИМО (Меѓународната Олимпијада по Математика) од Македонија како и секоја година учествуваа 6 ученици. Меѓу нив и двајца кои беа граѓани на Битола. Бидејќи СММ (Сојузот на Математичари на Македонија) немаше обезбедено средства, како и изминативе дваесет години, за учество на натпреварувачите, истите беа оставени сами на себе да се снајдат за обезбедување на средства за учество на ИМО. Едниот од Битолчаните, Александар Момировски, го посети својот градоначалник кој обезбеди средства за спонзорирање за ученикот кој учеше во државно средно училиште во Битола. Другиот, Филип Станковски, бидејќи учеше во приватно средно училиште во Скопје, беше заборавен. Независно, се најдоа средства и Филип учествуваше на ИМО 2012 каде беше предводник на Македонскиот тим и заедно со уште еден ученик од приватно средно училиште, Стефан Стојчевски, освоија бронзени медали. За жал само може да констатирам дека независно од (не)помошта на државата некои ученици и тоа како знаат да успеат.

Кои се поталентирани?

Самото ограничување на 5 ученици од приватните средни училишта ме доведува до следново прашање – кои од учениците се поталентирани? Неминовно е некој ученик да остане без стипендија и покрај освоениот медал на реномирано меѓународно натпреварување. Нестрпливо ќе ги чекам резултатите од МОН за да видам кои тоа ученици се поталентирани а кои помалку талентирани. Само за претстава, ова се дел од учениците кои учат во приватни средни училишта претставени заедно со дел од медалите кои ги освоиле:

1. Росица Дејановска – IV година – освоен бронзен медал на БМО 2012
2. Бојан Серафимов – III година –освоен бронзен медал на ИОИ 2012
3. Васил Кузевски – III година – освоен бронзен медал на БМО 2012
4. Филип Бујароски – III година – освоен бронзен медал на ЈБОИ 2011
5. Климент Серафимов – II година – освоен бронзен медал на БОИ 2012
6. Јован Тасев – II година – освоен бронзен медал на ЈБОИ 2012
7. Васил Василев – I година – освоен сребрен медал на ЈБМО 2012
8. Никола Полинцев – I година – освоен бронзен медал на ЈБОИ 2012

Има уште многу ама тука ќе застанам. Не сакам на каков било начин да влијаам на одлуката на МОН, но би сакал да поставам само едно прашање – оваа година, како и секоја, најмалку 6 ученици ќе учествуваат на ИМО и најмалку 4 ученици ќе учествуваат на ИОИ (Меѓународна Олимпијада по Информатика); со оглед на минатите искуства најмалку 8 ученици ќе бидат од приватните средни училишта (како за пример во 2011 и 2012 година 8 ученици беа од приватните додека само 2 од државните средни училишта) па би сакал да прашам – како тоа ученици кои ја претставуваат државата на Меѓународни натпреварувања нема да бидат стипендирани како талентирани ученици во сопствената држава?

Слика: Mike Savad