Светлина

05.01.2013 09:50
Светлина

Кога порано читав духовни книги, секогаш имав претстава дека да се просветлиш значи ненадејно да видиш некаква блескава светлина, нешто слично како светлината која го заслепила Павле јавајќи на коњ накај Дамаск. Веројатно постои и таков феномен, не порекнувам…

Од гледна точка на физиката и биологијата ние примаме еден дел од спектарот на електромагнетни бранови на светлината, бидејќи, како прво, нашите органи за вид не се толку совршени да го регистрираат целиот распон на фреквенции.

Според мистично-духовните искуства, пак, големиот стремеж да се спознае вистината и напорниот аскетизам навистина доведувале до едни такви екстатични визии, кои, велат, вклучуваат и блескачка светлина…

Големите духовни личности кажуваат дека светлината е внатрешна духовно-душевнa состојба на јасна свест, која вклучува и други особини на битието како радост, мир, чистота, хармонија, внатрешна тишина, љубов и дека постигнување на таа душевна состојба всушност е светлината. Тоа е светлината на вистинското знаење која ги растура облаците на незнаењето, мракот.

Светлината обично се поставува како нешто спротивно на маркот. Во сликарството белата боја е спротивна на црната, која е не-боја или отсуство на светлина, значи мрак.

Во сликарството, првата асоцијација на светлината е поврзана со чистите бои. Според мене, прв, така чисто боите, мислам боите сами за себе доволни , во современото сликарство, почнува да ги користи Роберт Делоне (Robert Delaunay). Тие негoви чисти бои ги плениле и Кле и Кандински, и Маке, Франц Марк од Синиот Jавач, значи, со таа појава оди паралелно и зачетокот на апстрактното сликарство.

Има некаква радост која ме поврзува со Делоне и секогаш е тоа поврзано со Париз. Можеби заради прозорците кои тој ги сликал, со поглед кон градот. Овие чисти бои и мене многу ми влијаеја и без многу да „размислувам“, бидејќи бојата е чувство, едноставно, тоа така да го прифатам, се разбира следејќи го тоа внатрешно чувство...

Делоне го открива законот на симултаните контрасти, не толку благодарение на теоријата за боите на Мишел-Еуген Шеврол ( Michel-Eugene Chevreul), колку на своите експерименти со призми, а, уште повеќе студирајќи ги неоимпресионистите како Сера (Seurat) и Сињак (Signac) и како континуитет на чувството на радоста на живеење ( joie de vivre) и фасцинацијата-импресијата од ефектите на светлината во сликарството на импресионистите. Тој е, исто така, инспириран и од динамиката-футуризмот-технологијата на модерното време. Неговиот пријател, поетот Аполинер, ова сликарство го нарече орфизам (според Орфеј), сугерирајќи врска меѓу бојата, светлината, музиката и поезијата.

Делоне, конечно, ја ослободи бојата од рамката на обликот. Бојата во полн сјај ја зрачи емоцијата, чувството. Од тогаш па наваму, светлината на бојата е најнепосредна манифестација на моќта на душата, со што уметноста се востановува на нови духовни темели. Новите духовни темели се: играта - контрастот на чистите бои и транспарентните бои, низ раскошот од градација на тонови, игра од која возникнува силна мистична енергија и чудесна хармонија (Чувството е многу блиско на музиката на Дебиси и Скрјабин).

Бојата е светлина и бојата е чувство.

Парадоксот со феноменот на светлината е еден од најинтересните парадокси во науката. Бидејќи во експериментите кои научниците - физичари ги спроведуваат, светлината пројавува особини и на честичка и на бран. Двојната природа на светлината, значи, нешто што си противречи само на себе, им задава големи главоболки на квантните физичари.

Едни таа дилема ја решаваат со една теорија, други со друга. Но, секогаш стигнуваат на работ на умот, кога е нужно да се започне со применување на друг тип на опсервирање, опсервирање преку свеста...

Да се набљудува со свесност значи да се пречекори острата граница меѓу субјектот и објектот. Тие тогаш се стопени во единство, па и логички и интуитивно се доаѓа до констатацијата дека во процесот на мерењето (научниот експеримент) индивидуалната свест (научникот) се опсервира себеси како матерјална свест (предметот на опсервирање) или универзална (целината). Ако пак го ставиме на страна чувството на единство и работиме само со умот, тогаш се судираме со парадокси (двојна природа) што во најдобар случај се решава со достигнување полна празнина, мир и спокојство на умот. Па тогаш, тој ум и нема повеќе потреба да проучува нешто, бидејќи јасно гледа и сите дилеми за него се решени...

Тие „внатрешни опсервирања“ кои се карактеристични за духовните трагачи ги прават блиски со овие на научниците и на сликарите.

Значи моделот на перцепцијата, на набљудувањето, можеби станува најсуштествен во откривање на природата на светлината, а со тоа и на реалноста такава каква што вистински е.

Новиот поглед на светот кој се случи во минатиот век, прво, со револуцијата во квантната физика, па симултано во сите други области, како и во ликовната уметност и со пробивање на духовната практика, техниките за себеспознание од Истокот, на повеќе нивоа, во синхроницитет, предизвика раскинување со претходниот (его)центристички поглед или централна перспектива и влегување во сеопфатно опсервирање, за потоа, низ искуството на безброј структури, конечно да се востанови ново средиште на набљудувањето, во духовното срце, во чувството...

Сè што постои за нас, постои поради светлината. Да нема осветлување нема да гледаме. Но некој духовен човек ќе ми забележи, не е сè во ова опсервирање со видот, има и внатрешно опсервирање и внатрешна светлина...

Сепак, ние нештата ги гледаме затоа што се осветлени. За нашава планета извор на светлина е Сонцето, и ѕвездите, кои исто така се големи сонца. Значи, треба да го проучуваме Сонцето ако сакаме да ја спознаеме светлината која ги осветлува нешата ( и не само тоа, туку дава топлина и живот на нашава планета).

Сега, ако опсервираме надворешно, „објективно“, како што тоа го прават научниците, ги имаме сите тие нивни теории како концепти, нацрти за разбирање на стварноста. Ако опсервираме внатрешно, „субјективно“, како уметниците, добиваме внатрешно сонце и чувство, а ако опсервираме „сеопфатно“, јасна свест. Па токму во пресекот на тие три опсервирања мислам дека е решението за нас сликарите, а можеби и за современите физичари...

Мислам дека, на крај, секогаш е најбитно чувството. А чувството е бојата. А бојата е светлината. Пак се вртиме во ист круг. Но овој круг, за разлика од многу други „вртења во круг“, е доброќуден и мене ми е баш пријатен, па нема потреба од него да излегувам... Тоа е мојот круг на просветлување...

Се разбира, постојат и разни други кругови и нивоа на просветлувања, кои се толку суптилни, што ретко кој може за нив да зборува, а „јас“ уште помалку...

Извор: Глобус
Слики: Robert Delaunay

ОкоБоли главаВицФото