Папалаги

29.09.2009 10:05
tribe_5.jpg

 Кога некој ќе рече „мојата глава ми припаѓа само мене и никому друг освен мене”, тој вели исправно и никој тоа не може да му го оспори. Сè дотогаш Папалагите (= белци) и јас мислиме исто. Но кога Папалаги вели „оваа палма е моја”, само затоа што расте под неговата колиба, тој го вели тоа како самиот да ја измислил палмата. Таа не припаѓа никому. Никому! Тоа е Божја рака, која се пружа кон нас од земјата. Господ има многу раце. Секое дрво, секое стебленце трева, морето и облаците што лебдат над нас, сето тоа се неговите раце. Во нив можеме да уживаме, но не и да велиме: „Оваа Божја рака ми припаѓа мене и само мене”. А Папалагите го зборуваат токму тоа.

Во нашиот јазик лау значи „мое”, но и „твое”. Тоа речиси е едно исто. Но, во јазикот на Папалагите тешко е да се пронајдат два збора чиешто значење толку се разликува, како што се „мое” и „твое”.

Кога би имале барем малку здрав разум, Папалагите сигурно би разбрале дека ништо не можеме да задржиме само за себе, дека ни припаѓа само нам, бидејќи тогаш, кога ќе наидат тешките времиња, не би имале врз што да се потпреме.

Тогаш тие би почнале да разбираат дека Бог својата куќа ја направил олку голема бидејќи сакал во неа да има доволно место и среќа за сите. Таа е доволно голема за во неа секој да може да го пронајде своето место под Сонцето, своето парче среќа, неколку палми и место каде што ќе ги спушти своите стапала. Како Бог би можел кога било да заборави на некое свое дете? Сепак, многумина трескавично се држат за тоа малецко парче земја коешто Бог го одредил за нив.

Бидејќи престанаа да го слушаат и започнаа да измислуваат свои закони, Бог на Папалагите им прати многу опасности кои го загрозуваат нивниот имот. Им прати суша и дожд кои го пустошат нивното „мое”. Им прати луњи и оган. А длабоко во нивните срца го всади и најстрашното, стравот. Стравот е најголемиот посед на Папалагите. Нивниот сон никогаш не е мирен, бидејќи постојано мораат да бидат на штрек, некој навечер случајно да не го грабне сето она што се трупа денски. Рацете и сетилата на Папалаги постојано се зафатени со чувањето на тоа благо. А благото дење и ноќе му се смее в лице, му зборува дека е украдено од Бога, го тормози и постојано му носи неволји.

Но, Бог за Папалагите смислил и нешто полошо од стравот. Им ја испрати војната помеѓу оние што имаат малку или немаат ништо и оние кои имаат многу. Таа борба е жестока и беснее дење и ноќе. Таа борба им носи зло на сите и ја истерува целата радост од животот. Оние кои имаат многу би требале да им дадат на оние кои немаат ништо, но тие тоа не го сакаат. Оние кои немаат ништо сакаат да го добијат својот дел, но не добиваат ништо. Често тоа се оние кои пристигнале доцна, кога целиот плен веќе бил поделен, или оние кои биле премногу смотани за да грабнат нешто за себе. Тоа што сите крадат од Бога, никого не загрижува.

Браќа! Што би мислеле за оној којшто има голема куќа, толку голема за во неа да може да се собере цело едно самоанско село, а којшто не би му допуштил на патникот да преноќи под нејзиниот покрив? Што би мислеле за човек кој во раката држи цела гранка банани, а не сака да даде ниту една на човекот кој пред него умира од глад и го моли за еден залак? Гледам дека очите ви се полнат со гнев и слушам како од вашите усни течат зборови на презир. Знајте тогаш дека Папалагите така се однесуваат секој момент, секој ден.

Во време на берба, палмата ни ги нуди своите лисја и плодовите. Папалагите се како палмата која за своите лисја и плодови вели „сето тоа е само мое”. Луѓето не смеат да земат ни еден нејзин плод! Кога би постоело такво дрво, како тоа кога било би можело да донесе нови плодови? Затоа палмите се помудри од Папалагите.

ОкоБоли главаВицФото