Проклетството на паметењето

14.01.2013 18:06
Проклетството на паметењето

Застанат на аголот на улиците „Ленинова“ и „Илинденска“, ги пречекав учесниците во маршот на отпорот против режимските лаги. Не можев да го здогледам крајот на колоната која извираше откај стадионот во кој е сместена Ѕинговата телевизија за дезинформирање и клеветење, позната како Шител. Се вклучив во колоната негде на средината. Поминавме пред зградата од која одвреме-навреме се пренесуваат бескрајните сеанси на кои Груевски ги „преслушува“ министрите за нивните проширени и надградени „подвизи“. Поминавме и пред она што до Црниот понеделник беше парламент. На зградата на Градската болница ги немаше полицајците со пушки и камери. Во саботата, полициската камера беше поставена на зградата позната како „Соравија“. Не бев единствениот зачуден кога видов дека Министерството за надворешни работи го чуваат десетина полицајци опремени до заби, а не бев ни единствениот кој се изнасмеа на „ѕиркањето“ на уште неколку кациги од зад металната ограда. Маршот заврши пред зградата на која, без каква и да е оправданост, сѐ уште пишува МРТВ. Од каршија, над непрегледната маса се извишуваше транспарентот МРТ(О)В ЈАВЕН СЕРВИС. Со многу оправданост.

Проклето да е паметењето кое ме врати на една заборавена мачна епизода од крајот на 2006 година кога бев член на Советот на МРТВ, именуван од Собранието на Република Македонија на предлог од Факултетот за драмски уметности. Едно попладне, на влезот во приземјето, ме запреа луѓето од обезбедувањето и ми соопштија дека директорот им наредил да не ме пуштат во зградата на МРТВ, во која требаше да се одржи седница на Советот на која бев уредно поканет. Мачната ситуација заврши со тоа што Советот, во знак на солидарност со мене, ја одржа седницата надвор од зградата на „јавниот сервис“. Некои медиуми известија за инцидентот, но не се сеќавам дали Собранието побара одговорност од налогодавачот.

Почетокот на маршот го пропуштив поради трибината „Од диктатура до демократија“ организирана од Институтот Либерта. Стоејќи пред зградата на „јавниот сервис“ се сетив на описот на Арсим Зеколи за постапката со која режимот на Груевски ги замолчува политичките неистомисленици. Првата фаза, изолирањето, се состои од оневозможување на пристапот до медиумите. Втората фаза, криминализирањето, се состои од етикетирање, лустрирање, притворање и, доколку е можно, затворска казна. Третата и последна фаза е деморализирањето кое, така очекуваат груевци, треба да настапи како последица на првите две, откако жртвите на црната пропаганда ќе се почувствуваат осамени и препуштени на плукачите и насилниците, ќе се затворат дома и ќе замолчат. Во саботата на пладне се виде дека деморализирањето веќе ја губи силата. Крајно време беше, груевци ја прекардашија во неколку наврати.

Но, во зградата на „јавниот сервис“ е сместен и дел од јавната институција (финансирана од нашите џебови, исто како МРТ(О)В) со која раководи лицето кое се „прослави“ со лагите за смртта на Мартин Нешковски, со двојната местенка за Љубе Бошковски и со координирањето на насилството врз новинарите и пратениците. Проклето да е паметењето кое може да го заборави ова!

Ми велат и дека во зградата на „јавниот сервис“ е сместен и дел од помалку јавната институција УБК со која раководи првиот братучед на премиерот. Не знам дали е така зашто, нели, таа институција е помалку јавна. Тајна е кого прислушува и следи, тајна е и на што ни ги троши парите. 

За малку ќе заборавев, но проклетото паметење не ме остава на мира. На врвот на подзаборавениот „јавен сервис“, на 17-от кат, се вгнездила комисијата која божем верификува факти и со која манипулира претседателот без мандат познат како Аџиевски Лажот, кој се „прослави“ и со лустрирањето мртовци. Зашто, нели, ни живи ни мртви, мртовците од „проклетото минато“ не смеат да се доберат до јавни функции! Значењето на фактот дека гнездото на Аџиевски Лажот се наоѓа на врвот од зградата на мртвиот информативен сервис не ги надминува рамките на симболизмот, но тоа не ја намалува неговата морбидност и перверзност. Зашто, неколку ката подолу, „јавниот сервис“ ги извршува налозите што ги извршува и Аџиевски Лажот, со таа разлика што тој им дише во вратот на оние подолу. 

Кафето што со пријателите го испивме во саботата попладне ни го „разубавија“ вестите на Шител дека, замислете, Героски се демаскирал како антиамериканец, односно душман на Волерс, а вечерта се изнасмеав на Латасовата монтажа која требаше да ја поткрепи лагата дека, замислете, народот му свртел грб на Црвенковски.

А во неделата одново посегнав по досието 25630. За да си го освежам паметењето кое ми кажува: И ПО УДБА – ИСТА СУДБА. Друго време, исти методи. За оние кои ја читаат оваа колумна од љубопитност, но и за оние кои тоа го прават по налог, објавувам два скенирани документи кои Аџиевски Лажот ги скрил за да може да ја спроведе втората фаза од описот на Арсим Зеколи.

Првиот документ е извештај од изворот „Мишо“ и носи датум 12.04.1977 година. Тој „Мишо“ е автор и на фамозниот извештај за Шишков за кој клеветниците од Шител, Вечер и Курир нокти орловски искршија мачејќи се да ми го припишат мене. Денес, откако ги споредив податоците во извештаите со кои ги поткажувал Милчин и Шишков, јасно ми е кој е „Мишо“. Починат е и затоа нема да му го откријам името, лесна нека му е земјата.


Не знам дали писателите кои ги навел „Мишо“ како свои истомисленици навистина искажале такво мислење, не знам ни дали инспекторот разговарал со нив и со други лица, како што запишал, но знам дека било направено сѐ за да не ја поминам југословенската селекција за Фулбрајтовата стипендија за која, за волја на вистината, не бев кандидиран, туку конкурирав на јавно објавен конкурс. Не знам ни дали редакцијата на „Современост“ не ги одобрувала моите текстови за театарот како „политички индикативни и либералистички“, но знам дека сѐ што им понудив беше објавено.


Псевдонимот на изворот (новинар на „Студентски збор“) чиј извештај е дел од документот што носи датум 26.10.1982 година е покриен со црн туш и затоа не знам кој е тој или таа. Проклетото паметење ме издаде. Но знам кој е самостојниот инспектор чиј идентитет е откриен на еден од докуметите објавени на веб-страницата чиј глодур е Аџиевски Лажот. Првиот и вториот документ ги дели период од 5 години и 6 месеци. Аџиевски Лажот тврди дека токму во тој период Владимир Милчин од прогонуван станал соработник на СДБ. Но документот покажува дека и на крајот од 1980 година Милчин бил сомничен и цензуриран поради либерализам. Да бев соработник на СДБ, зар новинарот на „Студентски збор“ би се дрзнал да не го објави интервјуто за кое постоел сериозен повод, наградата „7 секретари на СКОЈ“ за претставата „Пепелашка во поправен дом“ во изведба на алтернативната Театарска работилница ФФ? Да бев соработник на СДБ, зар самостојниот инспектор би напишал дека сум го напуштил театарот во потрага по „слободна форма на делување“?

Иако во документот пишува дека текстот на интервјуто е даден во прилог, во досието 25630 го нема. Намера или небрежност? Не знам. Местото на необјавеното интервју ќе треба да го пополни оваа колумна. Планираната автобиографија ќе биде осакатена. Ќе остане дупка која паметењето нема да може да ја пополни. Проклета да е несовршеноста на паметењето која не може да се поправи ни со досиејата на „семоќната“ УДБА!

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото