„Мишн акомплишд... Нат!“

24.03.2009 10:34

Римскиот стоик Сенека рекол: „избегнувај ги нештата кои се само подарок од случајноста... Животот заснован на површност завршува во пад“.

Би требало да ја имаме на ум мудроста на Сенека во проценувањето на изборните резултати - и што тие ни кажуваат за сегашноста и иднината на македонскиот политички дискурс.
А тие укажуваат на иднина на политичка дезориентираност, чија фантазмагоричност беше најбрилијантно претставена низ „техничката инвентивност“ на ТВ-Сител и далечинскиот управувач на Ивона Талевска. Резултатите се токму тоа – луда комбинација од холограми во трка за најуспешно матење  на реалноста пред македонските гласачи.

Генералните оценки се дека претседателските избори поминаа мирно и без значителни инциденти. Во принцип, тоа е единственото нешто кое рефлектираше избори во демократско и идеолошки-политички зрело општество (секако, откако ќе се изземат кордонот полицајци и набљудувачи кои потсетуваа на пост-конфликтна зона). Остатокот наликуваше на најдобрите однапред приредени можности за фото моменти, кои ни претставија дијапазон од „победници“, а со тоа и господари на навидум покажаната „македонска демократија“ во практика.

Се стекнавме со цело чудо победници: Иванов е победник, зашто доби 35 проценти од гласовите (сосема е неважна процентуалната минорност  во однос на бројноста на гласачкото тело); СДСМ се победници зашто ВМРО собрале 140 илјади помалку гласови во споредба со парламентарните избори (неважно е што салдото на СДСМ не е променето); Селмани е победник, зашто ги победи кандидатите на ДУИ и ДПА (сосема неважна е неверојатната контрадикција која ја илустрира победата на ДУИ на локално ниво). Бошкоски е победник, зашто, како што изјави, „левицата и десницата се во нокдаун“... Итн.

 За волја на вистината, постојат агли од кои сите може да изгледаат како победници, но, за жал, не постои агол од кој се наѕира потенцираната „победа на демократијата“. Во Македонија завчера победија сите, но меѓу нив не беше демократијата. Наспроти мислењето на  г-динот  Бошкоски, овие избори по којзнае кој пат покажаа дека Македонија нема зрела левица, ниту десница, ниту центар - а најмалку го има потребниот мост кој би ги поврзал завојуваните недоизградени политички идеологии (кај нас и понатаму само во теорија). Тој мост треба да се гради низ идеолошка борба на јасно дефинирани и спротивставени ставови чија енергија резултира во дебати и дијалог кои се основа на развојот. Македонија покажа дека сè уште верува само во партиски барјаци под кои на неколку години се менуваат помалку или повеќе симпатични индивидуалци желни да загосподарат со политичките (не)одлуки. Истиве може, но и не мора,  да се идеолошки определени, ниту идеолошки блиски со барјакот. Потребно е само да се спремни да се адаптираат. Истовремено, невозможни се какви било проценки, зашто адаптирањето зависи од околностите. Следува целосна произволност – сè е можно и сè може да се подреди на случајноста. Впрочем, оваа ситуација ја навестија и предизборните „изненадувања“ кои беа евидентни во партиските избори на кандидатите.  

Оттука, следниве две недели вишокот гласови ќе биде  распределуван зависно од тоа кој во дадениот момент на користење ќе го има далечинскиот управувач на Ивона Талевска. Режирањето на дијапазонот „победници“ ќе продолжи да биде можно зашто во Македонија политичката определба врз идеолошка основа е непозната равенка. Зашто идеолошки сличните немилосрдно се косат помеѓу себе и оставаат простор за сè освен за здружување на основа политички ставови кои треба да нè донесат на патот кон прогресот. Зашто владее политичко поле во кое индивидуалниот интерес е над идеолошкиот; во кое довчерашни левичари безболно се преиначуваат во „победници“ од редовите на десничарска гарнитура; во кое граѓаните истовремено ја даваат довербата на конзервативната варијанта на локалните избори, и на либералните кандидати во претседателската трка.

Во Македонија победија сите, но го нема она во моментов најпотребното: јасна, долгорочна политичка идеологија која нуди стабилен политички курс и агенда способна да ја разниша интелектуалната политичката апатија, цинизмот и неволноста на граѓаните. Уште повеќе, поделеноста (и незаинтересираноста!) на гласачите укажува на целосно незрела политичка поставеност, во која не постојат дефинирани ставови по најзначајните политички прашања, а со тоа и посакуваните линии на дејствување. Ваквата состојба низ годините создаде идеолошка необразованост чиј резултат е политичкиот башибозук олицетворен во изборните резултати.

Вчера, рано наутро, најголемиот победник помеѓу победниците, Никола Груевски, ги замоли граѓаните да им се обрати „во својство на премиер“. Судејќи по она што следуваше навистина е штета што премиерот (во својство на премиер) мораше да чека до раните утрински часови за да ја упати пораката, па не можеше да го исползува холограмот на ТВ Сител. Инаку, се чини Ивона Талевска ќе го посведочеше врвот во кариерата. Водејќи се од еланот зад изјавата, Сител слободно ќе можеше да режира нешто налик на следново: во студиото за прв пат бомбастично допловува бисерот на „македонската трговска морска флота“ Alexander III of Macedon -  на кој би му завиделе и американските носачи на авиони – на кој се вее уште еден холограм (позајмен од големиот пријател на македонскиот народ, Џорџ Буш): Победи иднината која носи прогрес! – Мишн акомплишд“.

Но, при кратка техничка грешка од режија, внимателните ТВ проследувачи во позадина ќе го забележеа македонскиот двојник на луцидниот Борат кој дофрла... Нат!

Останува нејасно како во избори со излезност од само нешто повеќе од 50 проценти, 35 проценти кои гласале за Иванов  наспрема оние кои гласале за останатите шест кандидати е „победа на прогресот“. Доколку е, во очите на Сенека Македонија е пред политичка провалија. Зашто, неспорно, конечниот победник ќе зависи од партиските договори. Судејќи според пост-изборните анализи, можни се бројни варијанти. Тоа укажува дека конечната „здруженост“ ќе зависи од случајноста на моменталната способност за пазарење. Не е  тешко да се претпостави кој е во позиција да понуди најмногу и  да се претпостави победникот, но тоа не значи дека тој е „прогресот“, уште помалку дека има стабилно тло за катапултирање. Напротив, тлото е наполно нестабилно зашто позицијата ја гарантира само дезориентираноста на толпата. Таа само треба да биде анимирана и ќе го следи „холограмот“, но по изборите истава нема да биде ништо помалку апатична, неволна и немотивирана.

За жал, Македонија уште еднаш покажа дека единственото нешто со кое е спремна да раководи е дводеценискиот политички вртлог од безизлесност и немање визија. Оттука, победникот во вториот круг ќе го понесе најтешкиот товар, за кој сите кандидати макотрпно се борат но забораваат дека во носењето на тој товар по изборите нема да им помогне никаква технолошка иновација, зашто виталноста на „господарот“ зависи  од реалната благосостојба, енергија и способност на оние со кои владее. Континуираното игнорирање и маскирање со ПР „холограми“ на реалните проблеми на „подредените“ ќе продолжи да го уништува потенцијалниот извор на потенцијалната добродетел и на господарите и на „царството“.

Еден од најголемите политички лидери во поновата историја демократијата ја дефинирал токму низ робовско-господарскиот сооднос, но за разлика од нашите „победници и господари“ тој имал подруга визија за начинот на кој треба да се извојуваат вистинските победи:  „Како што никогаш не би прифатил да бидам роб, така никогаш не би прифатил да бидам господар – тоа е моето разбирање за демократијата“. Абрахам Линколн знаел дека борбата на вистинските лидери во демократските општества е заснована на борба за победа и преовладување на јасни и храбри идеи  и визии кои ќе донесат резулати и ќе го извадат од вртлогот и ќе го донесат на победнички трон мнозинството,  макар тоа ултимативно било на сметка на лидерот.

Илустрации во текстот: Donald Baechler

Слични содржини

Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова
Ана Ангелова

ОкоБоли главаВицФото