Екстензија на невротоксичното поле и Александар Станковски

21.01.2013 11:53
Екстензија на невротоксичното поле и Александар Станковски

Ќе мора да се бара нова парадигма во која главни „познати“ за вмро се бескрајното манипулирање и пропагандата и играње на предвидливоста на „рајата“.

-Која е разликата помеѓу европска демократија и вмровска диктатура?
-Исто како разлика меѓу кошула и лудачка кошула.

Прочитав интересен текст: „играњето во санаториумите било забрането поради субверзивните ефекти врз душите на лудаците и тенденцијата која водела кон илегални магиски ритуали“; тоа некако легна со текстов за Александар Станковски. Македонија стана религиски санаториум со паранормална компонента и мртовци место живи, а со мртвите сме на чисто, тие никогаш не остануваат мртви, во смисла на последната колумна во Утрински, насловена „Собрание“. Огромна колекција на семиња кои изродија десничарски ектремизам кој ни ги форматира поларизираните траектории во непредвидливи движења и тоа што ни се случува овие неколку години потекнуваат од психата на Станковски. Тој е фасциниран конзервативен подголтнувачки груевист, дополнет со реинкарнацијата ко „шаман“.

За мене ќе ви кажат секакви работи, но од тие лебдења без територија, сигурна платформа од која може да се погледне е едно прозорче во форма на уво во кое фиучи: „атипичен пример“, па така, еве зошто се јавувам: ако има видливи поединци на македонската сцена кои се пред времето, верувајте ми, тоа не е Александар Станковски; денес тоа се сите кои гледаат во науката која е фантастика сама по себе т.е. магија. Во време на најрадикални засеци во модерната физика, на квантните, непредвидливи, незапирливи експоненцијални и френетични скокови во модерното инженерство каде се зборува за вештачка интелигенција и реверзибилно креирање на ум (Реј Курцвејл), за универзумот создаден од супер-машина со мошне невообичаен софтвер кој неконтролирано креира (Мартин Севиџ), стрингова теорија со можни 7 до 11 просторни димензии (Ленард Заскинд), универзумот се подигнал од ништо (Лоренс Краус), за најрадикално исмејување и толчење на организираните религии (Хиченс, Денет, Докинс, Харис, Минанов), фузија на човекот со машина со екперименти на ставање чипови како интерфејс со мозокот (Чарлс Либер), теслини супермагнети покрај Женева кои прават удари протон-протон со брзина на светлината за да ја разбијат и разберат суштината на елементарните честички и како функционира универзумот (експериментални детектори: ATLAS, LHC, TOTEM, CMS), контрола со чипирање на мозокот со бежична технологија и експерименти врз бикови и мајмуни (Хозе Делгадо), научен пристап кон образованието (Ерик Мазур), оптичка контрола на движење на графит врз магнет (Масајуки Кобајаши), „сите ќе живеат во просек од 1000 години“ (Обри де Греј), и идејата како и дали да го одбиеме развојот (Серж Латуш de-growth movement) и поплава од сетови на други референци, платоа и фидбекови.

Физичарите знаат дека постои феномен во Универзумот кој не е видлив со денешните инструменти, за кој индиректно е докажано дека постои. Поради разликување, феноменот е етикетиран како „црна материја“. Како сето тоа функционира и што овозможува таква форма на материја, тоа сè уште не е јасно. Ако немаме физичари, тогаш ретко која секојдневна будала ќе разбере што се случува во нашите домови, имено, телефонија, електрична енергија, машини од секаков тип, коаксијални кабли за кабелска, во крајна линија и шише во кое има пиво има своја физика, па и самото пиво, што би рекле медиокритетските политичари, „тука има некоја позадина, тука нешто некој нè мести“, најверојатно госпот не мести. Останува горчината дека најзаслужните за модерниот живот не ги гледаме никаде, како тие да се сервис на општеството и работат во позадина, наместо напред. Имено, мислам на сите кои доаѓаат од школи со научнички бекграунд; STEM (science, technology, engineering, mathematics).

Тој лаже кога кажува дека овие градби од СК014 се ехо кон вечноста, мислам дека тоа е една линија која ја позајмил од главниот лик од филмот „Гладијатор“, Расел Кроу, кој на крајот од првата сцена после крволочната битка сфатил дека кога зборува за Рим, тој зборува за нешто што е во главите на луѓето, или поразбирливо, колку поварварски убиеме денес, толку поснажно тоа ќе одекне у вечноста; јасно му е тоа. „What we do today echoes in eternity“, ќе и’ каже Станковски на целата јавност во шоуто кај Миленко, стрелajќи директно во меѓуочјето на Никола и ќе подголтне случајно, но тоа што заборава да го каже е дека Скопје е трусно подрачје кое што не толерира што ќе каже еден уметник. Имено, за да се заокружи целата мизерија ќе мора да почекаме проектите да ги преживеат сериозните земјотреси кои не е прашање дали, туку кога ќе се случат во Скопје. Така. Јас ќе чекам законите на природата да си го кажат своето. И не дај боже да откопуваме луѓе.

Одамна аргументирано се залагам и ќе оправдам раздвојување на МАНУ на два дела, имено, природни науки и останато, но, другпат за тоа. Сепак е јасно дека црната материја функционира како „антипод“ на секоја галаксија. За да постои галаксија, мора претходно да постои скеле околу кое ќе се изгради или на кое ќе се „залепи“ една галаксија, исто како скелиња при изградба на зграда или шлајка која ја чека својата џамлија (галаксија); битно, откако ќе се формира галаксијата, решетката која ја држи не се демонтира. Овие класични редукции се потребни во смисла на метафори и ништо повеќе, па според тоа, нашата галаксија, Млечниот пат, не може да постои ако нема скеле под себе што ќе ја држи. Црната материја не функционира поради ниту една од познатите честички кои физичарите ги открија во последните 150 години. Поента: сите материјални работи кои ве опкружуваат можат да се објаснат со познатите честички кои физиката ги знае, но тоа што сè уште не го знаеме се честичките кои ја овозможуваат Црната материја (dark matter).

Тоа што Станковски го прави е проектирање визии и зборовни невротоксини за полесно прилагодување при споредните ефекти од ненормално ненормалните халуцинации на „рајата“, но внимателно тука, визиите им доаѓаат само на оние кои се стрпливи. Ете ја визијата пред нас: СК014. Mи текнуе на деноите коа беше прогласуван за икона на македонскиот „андерграунд“ (Алаѓозоски) у кино Милениум, кога на А1 (Александра Бубевска) со ударна вест беше преставуван ко најконтроверзниот уметник со изложбата у Музеј на град Скопје, у перон со сликата на Буш на врвот на пирамидата. Ви текнуе ли на дебатите со Александар Прокопиев, ви текнуе ли коа на платото зад Архиепископија правевме артистички перформанс гнетење храна, сите ние идевме ко будали по Александар Станковски, за он сеа да нè исшлапка со конструкции покрај багра морлаци излезени од мртовечки сандаци.


„Трагаш очајно по своите миљон долари, единствен разлог да продолжиш да живееш и нема начин да се промениш.. с
è што можеш е.. да.. се..“ (Архангел)

Собранието, како и да го гледаш, не е пентграм, би било фантастично да е, но тоа е еден празен базен од доградби и ѓубриште на исушени полулејки кои служат за полевање на гротескната стварност која тој така ортогонално се обидува да ја промени во симбол на инвертирана слободарската петокрака која неговите ја избришаа од Грбот. Собранието е паралелограм ковчег со проѕирни тртки на тимбата кои зјаат како очи на мртовец во манирот на сите александровци, во манирите на изветоперена пукнатина која се обидува да исползи по нас, лебарка која е понижена и снижена, која се менува и камуфлира, реплицира и шири/еманира зараза. Што се однесува до каква било човекова одлука, сите тие се реверзибилни и можат да одат во секоја насока, инвертирани, суб и противтежински, особено ако се политички итросатански; сето ова, во „когнитивниот манир“, како коментар на текстот „Собрание“. Порака во шише до С. Крамарска, која неспособна да инхибира критика од Гелевски, ни ја донесе оваа заразна бубачка качена на црна стрела и ни ја испорачува како препорачано писмо. Соња, имено, гневна што не е способна да артикулира контра аргументација, го побара непријателот на нејзиниот непријател. Мене ми е поинтересно да гледам борба и односи помеѓу Гелевски и Станковски, особено ако никој не се меша во тоа, но, сега е доцна за тоа. Соња тука паѓа во стапица, а како од таму, не знам, само таа знае. Но, исто така треба да знае дека сите оние глупости кои ги пишува овие денови Станковски во Утрински, систематично ќе бидат запишани во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, така што одговорноста за тоа е кристално нејзина, поради тоа што таа сега свесно стана канал преку кој излегува таа реа. Што се однесува до пентагоните и петокраките, секој портрет ги има тие елементарни точки на поврзување помеѓу точките на лицето: уши, брада и чело лево и десно над очите.


Но, да го оставиме Станковски на ѓубриштето, одиме длабоко: постојат полиња кои влијаат на околината, но не се видливи. Разни полиња емитираат разни честички со свои својства, како сила, насока, конструкција, манипулација, идеологија итн. Очигледно е дека мавтање со раце нема да помогне, туку ќе помогнат дијаграми и софистицирана артикулација. Не треба да го разложиме часовникот на вмровизмот, бидејќи таму, ве уверувам, не постои ништо. Колку и да е тоа неверојатно, тие возат преку забраната за експресија, како функционирањето на религијата низ вековите, како историја на забрани или историја на апстиненции. Ако сме во историја на забрани, според тоа, сметам дека има многу повеќе материја која не сме ја виделе. Постојат индиректни начини тоа да се согледа, еден начин е бојкот на локалните избори, при што директно и индиректно ќе се активират независни, непартиски, невладини организации кои би повлекле нови движења, поради што масата како опозиција ќе се прошири, но ваква експериментална форма за добивање на екстра материја е ризична и непредвидлива и без тоа, а ако сум во право, таа Црна материја ќе ја најде својата артикулација. Но кој е спремен на тоа? Црна материја се граѓаните кои би гласале за независни листи и градоначалници, а потоа би артикулирале ново поле. Што може навистина да се случи, ако СДСМ не оди на локални избори, освен, според мене нешто фантастично неконтролирано и непознато, нешто снажно и од долу. За да се тестира геометриската ширина на таа маса, имено, мора да се размислува за темелно регулирање на односот на политичките партии кон локалните избори како што тоа го гледаме низ ЕУ каде што политичките партии полека се повлекуваат од кандидирање партиски луѓе. Според тоа, јЈас лично би поддржал кандидати надвор од партиските листи, а мислам дека ако СДСМ не оди на избори, не смее да се занесува во идејата за блокирање на гласачките места, поради тоа што јас нема да дозволам мене лично кој било да ми го одзема правото на глас.

Според тоа, јас ќе гласам опозиционо, за непартиски луѓе на овие избори! Поента: ако се кандидирате на локалните избори, не се грижете дали ќе изгубите, НАЈБИТНО е да презентирате свежи идеи.

Алатките се достапни, но тоа што нè враќа назад е рамката на колективната свест која оди во бескрајни колизии сама со себе поради сопствените лимити и дегенерираната компонента за неспособност за промена на истите. Според тоа, потребна ни е ре-дистрибуција на каналите преку кои се артикулираат работите. Но, постојат „природни“ системи кои можат да направат многу повеќе отколку што вмровците се обидуваат да направат со волшебната ПР лабораторија. Александер Станковски во јавноста често го користи зборот „раја“, но колку и да е легитимен зборот, сепак парадоксот се состои во тоа што тој е занеменен и фасциниран со владетелот кој ја црпи својата поддршка од истите кои он ги навредува. Сега „рајата“ ќе гласа надвор од вообичаениот шаблон.

Според тоа, кои се тие системи? Тоа се системите на полиња. Полето е секаде во секој дел од времето, ако земете магнет нема да видите дека магнетот создава невидливо поле, при што ако ставите магнет близу метална површина, гледате дека системот метал-магнет си влијае дури и ако тие не се залепени едно со друго; визуелизацијата на тој простор мора да се направи со индиректни методи, имено преку бојкот на изборите од сдсм. Полето е клучниот концепт сега, имено, да се разбере полето кое не го гледаме. Тајната е дека не постојат честички како новинари или електрони, историчари или протони, идеолози и професори како неутрони, туку постои поле кое создава честички. Станковски иако и порано беше видлив, тој си го најде своето поле и сега знае каде да гравитира. Но, каде инаку би можеле да ја сместите уметноста на Александар Станковски, ако не се појавеше ваква интеракција со вмровското поле? Па, веројатно никаде, неговата уметност е бесмислена без разбирање на сето ова. Ѓаол ни ора ни копа (малку мудрост од „рајата“), не прави ништо освен што се наоѓа во минимална состојба на енергија, ЗЕРО, но сепак вибрира. Дали тој е ЗЕРО? Да и не, зависи како тоа се разбира, но во ЗЕРО функционираа и други уметници, а тој импресивно заблеска за стандардите на медиокритетската „раја“ на која и’ пласира конструкции за имагинарната империја илјадници векови некаде таму во рајот и вечноста.

Ви текнува на славната приказна што ја раскажува до ден денешен како Американците и Русите ги испокрале документите на работ на втора светска војна по влегувањето во Берлин итн., по што станале светски технолошки велесили? Научниците како Вернер фон Браун и многу други отидоа на Запад со нивните умови, сè друго е жива глупост. Па сметам дека идеологијата на Германија и нејзините сојузници од тоа време, која очигледно ни се повторува и не е закопана бидејќи ги гледаме повампирените наследници на тие идеологии во денешна Бугарија како и во Златна Зора јужно од нас, поминаа прилично лесно по Втората светска војна за тоа што го направија. Станковски има фантастичен антагонизам кон Америка кој го артикулирал во многу наврати, имено како колумнист во денес непостоечкиот весник „Време“, како стрип-цртач со неговите теми: анти-глобализам, конспиративни теории на илуминати итн. Но и Хајдегер не можете да го разберете без разбирањето за одговорноста при авантурите со нацистите. Го цитира и „Достојевски“ или попрецизно „Браќа Карамазови“ од чие горчливо читање ми се повраќаше.

Мене ме интересира едно друго поле, полето на свест. Тоа што го гледаме се ПР кампањите на ВМРО, но тоа што не го гледаме е централниот концепт кој овозможува формирање на вакви егзотични честички како Станковски. Уметник ко уметник, живее самотнички живот без деца и гладува, па мора да подголтнува кога ќе се појави на телевизија и јавно ќе бара леб од владетелот. Каков апсурд, тој е гладен, а се бори за други уметници.

Минатата недела во ѕверска колумна бара „пентаграмот“ од Собрание да се исече со оние пиличките по ОТО од петто одделение и да се избутка кон Петровец некаде на отворено, а тука каде што ќе останат темелите да се стават модернистички скулптури; чекај, чекај, чекај, чекај, сега, СТОЈ!? Со тие мои пари потрошени на железо и бетон ќе беше откупено половина од комплетното творештво во последните сто години на сите ликовни уметници во Македонија. Завршивме еден, идеме на друг проект?

Денешната магија се вика наука, пријателе, а уметниците не можат да се носат со откритијата и ослободувачките моќи и непредвидливоста на новите феномени; со задоволство ја читам деновиве „How to create a Mind“, каде Курцвејл го користи експонецијалниот закон на Мур за своите идеи на дуплирање на транзисторите во хардверот, но тоа се шири и кај информациите кои се дуплираат по истиот закон, додека Станковски работи линеарно и ретроградно, некаде рококо, некаде барок, а некаде од 1905 до 1917. Макс Планк пред 100 години покажа дека светлината е составена од кванти, мали делчиња кои просто ги нарекуваме порции, а изгледа дека Александар е вистински уметник кој го живее деветгодишниот живот мизерија ко Ван Гог, кој иако нема деца, спремен е да ја остави цела нација гладна само за да се бави со своите идиотски шаманско ритуалистички пентакосталски срања, кои тој си ги вика визии, ко Кастанеда. Тој цртал преку една чисто патолошка емоција за да се вклопи во бришењето на сопствените внатрешни противречности и негативности како и потребата за компензација на нешто во трансцеденцијата на имагинарните империи од пред двеста-триста милиони години. Така ноншалантно си тресе. Тој има храброст, после ова срање кое нè обли од сите страни да предлага нови четири плоштади низ Скопје со десетици нови скулптури!

Престани да тресеш глупости, те слушаат и ти веруваат, имаш одговорност, ало!

Сега кога шасијата е пред нас, сфативме дека се работи за некаква визуелна награда во која моралот лебди над врбите и авганистанските пиратски бродови „уз“ Вардар. На неговите слики секако ќе мора некој да се врати: синкретички, шамански, стрип, анти-глобалистички, халуцинантни, тука е дел од клучот како оваа стварност функционира, она, чиста халуцинација.
А каков е тој анти-глобалист кога неговиот Никола е најрадикален бескомпромисен поддржувач на неолиберализмот и на НАТО кое ја цица крвта на нациите заедно со македонските војници? Со поддршка на овој пост-модерен колонијализам тој се доведува во парадокс со своите прокламирани ставови. Мислам дека е глупав, но јас повторно повикувам да си ги прибереме тие наши луѓе кои водат туѓи војни (тоа на Ѓорѓе му го кажувам, не се правете наудрен!). 

На некои барања во неговото време уметникот може да удоволи, но треба да мисли на честа (читам текст за уметници); малку патетика не е на лошо, а мислам дека Станковски бил робовладетел и сега е реинкарнација на нешто полу-вечно полу-течно.

Погледни околу човеку, театарот нема ѕидови, али тоа е прејако ко ритуал за да им се пушти на медиокритетите, зар не?

Слични содржини

Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото