Градина во боја на слез

29.01.2013 09:38
Градина во боја на слез

Мажите обично слабо ги разликуваат боите, но еден таков незналец на боите каков што беше дедо ми, е, таков тешко можеше да се најде. Неговиот спектар се сведуваше сè на сè на четири основни бои, а она другото - тоа и не постоеше или се сведуваше, во најмала рака, (ако чичето беше добро расположено!) на некој мошне неодреден опис. „Жолто е, а како да не е жолто, туку нешто онака, и е, и не е.“

А бидејќи на овој наш шарен свет поголемиот дел суштества и предмети се обоени со „и е и не е“ боја, со дедо ми секогаш поради тоа доаѓаше до недоразбирања и тешкотии.

Во едно од најпријатните годишни времиња, речиси преку ноќ, ќе процветаше во градинката покрај нашата куќа црниот слез и миловидно ќе наѕирнеше преку поцрнетата ограда во форма на копја. Тој во мирните сончеви изутрини зрачеше толку доверливо и милно што тоа не можеше да не биде забележано дури ни од дедовото око и тој расположено ќе мрмореше талкајќи низ дворот.

-Види-види, целата градина е помодрена како чивит.

Вистина да се рече, на слезовиот цвет одвај и да имаше по некаде траги од модра боја, но ако дедото кажеше дека е модра, тогаш мораше да биде модра и готово. Исто така, можеше да се случи некоја година да дедото да каже за истата градина дека се црвенее, и тогаш за таа градина така и важи: слезот мора да остане црвен.

Дедовиот роднина Сава Дамјановиќ, некогашен крадец на ситен добиток, а под старост дрдорко склон да си потпивне, и без да сака умееше да го јадоса мојот добар дедо. Додека дедо раскажува, тој одеднаш зачудено ќе го прекине:

-Од каде тоа лисицата да е црвена кога е жолта?
-Хм, жолта? - се ококорува дедо. - Жолт ти е твојот нос.

Сава загрижено си го пипа својот розикав набабрен нос и вреска:
-Црвена! Па сите нации одовде до Бихаќ знаат дека е жолта, а ти...

Светот на Сава се простира до Бихаќ, зашто чичето неколку пати лежеше во апс, но дури ни тие простори не можат да го разубедат мојот дедо.

-Хм, до Бихаќ! И други луѓе има што лежеле во бихаќката „Кула“ па не велат дека лисицата е жолта. Подобро пиј си ја мојава ракија и молчи, не расипувај ми ги внучињата.

А внучињата, ние тројцата, се набивме в ќоше и чекавме Сава да почне со своите арамиски доживувања. Расправијата за боите нас ама ич не нè интересираше, лисицата си е лисица, од која боја и да е.

Поради дедовата тврдоглавост во врска со боите, и јас, веќе на првиот чекор надвор од дома, западнав во незгода.

Беше тоа во првото одделение од основно училиште.

Некаде кон средината на годината учителката ни раскажуваше за волкот, живеел онака, се хранел онака, и наеднаш запраша:

-Деца, кој знае каква боја е волкот?
Јас прв кревам рака.
-Еве, Бранко ќе ни каже.
-Волкот е зелен! - испукав јас гордо.

-Не е точно, волкот не е зелен.
-Да, зелен е! - неочекувано останав упорен како вистински внук на почитуваниот дедо Раде.

Учителката ми пријде сосема близу, луто го впери погледот во моето лице и ме повлече за уво.
-Кажи му на твојот мудар дедо дека тоа не е вистина. Волкот е сив. Сив, запамети.

Речиси плачејќи се одвлеков тој ден дома и шмркајќи му раскажав на дедо што се случи во училиштето.

Не можев ни да насетам колкава бура ќе се крене околу тоа.

Што! пред целото одделение неговото омилено внуче да го влечат за уши, а почитуваниот старина подбивно да се нарекува мудар, подобро речено улав! Зар до таму стигнавме? И уште да се каже дека волкот не е зелен туку некаков... хм! Е, тоа не може да мине туку така.

Утредента, шиштејќи како гусак, дедо долета со мене во училишниот двор и пред сите детишта и’ се развика на учителката:

-А ти ли, напрченка, ваква и онаква, ти ли знаеш подобро од мене каков е волкот, а?! Не бил зелен? Види ја неа! Јас со волците сум роден и пораснат, цел живот со нив мака мачам, а таа тука... Би требало со стапов по задницата, па еднаш да се опаметиш.

Се изнавика дедо, се расплака учителката, а и ние, учениците, си извлековме од сето тоа некоја полза: тој ден немаше настава.

Веќе следното утро дедо го одведоа џандарите. Си отседе стариот седум дена во околиската „зандана“, а кога се врати, пребледнет и замолчен, вечерта ми се закани со прстот.

-А ти, долго јазиче, да те слушнам уште еднаш да блееш кој е каков, ќе си го видиш. Волкот бил зелен, хех! Што ти е работата каков е волкот.

-Па кога таа ме праша.

-Те прашала, хм! Требаше да молчиш и готово.

Следната пролет, бујна и дождлива, слезот во нашата градина расцвета како никогаш дотогаш, но стариот како да не го забележа. Не помагаа тука ни сите дрдорења на неуморниот роднина Сава, дедо беше слеп и за сите бои и за сите цвеќиња на светов. Да те фати тага.

Помина од тие невесели денови речиси половина век, дедо одамна го нема на светов, а јас сè уште ни денес не знам каква му е бојата на слезот. Знам само дека напролет зад поцрнетата ограда на нашата градина се растура нешто миловидно, проѕирно и светло толку што дури ти се плаче, иако не знаеш ни што те боли ни што си загубил.

Превод: Тања Урошевиќ
Слики: Ray Agius

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Квир / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото