Пресадувањето мозоци привлекува сè повеќе туристи во Скопје

30.01.2013 11:36
Пресадувањето мозоци привлекува сè повеќе туристи во Скопје

Скопје привлекува стотици туристи секоја година, но сите не доаѓаат само за да се воодушевуваат на „историските споменици“ и атмосферата на „некогашната престолнина на античката македонска империја“. Од неодамна градот стана познат и како место каде што луѓето можат да си пресадат мозок.

Мозокот, како белег на интелигенцијата и неоспорен авторитет, е многу популарен во Македонија и затоа мажите и жените, посебно оние од владејачката партија и од македонската дијаспора која ја поддржува, доаѓаат во Скопје за да го решат овој проблем кај специјализирани мозочни хирурзи.

„Кај нас доаѓаат многу луѓе кои сакаат да пресадат мозоци, бидејќи имаат желба да изгледаат посериозни и попаметни“, вели доктор Аминта Менгелевски, кој веќе шест и пол години се занимава со вакви операции.

Тој објасни дека пропагандните спотови на македонската влада најмногу придонеле за тоа, потсетувајќи на старата поговорка „Човек без памет е глупак“.

Во Скопје има по две и пол клиники и приватни ординации кои извршуваат пресадување мозоци. Голем број од нив соработуваат со туристичките агенции, кои нудат поволни аранжмани, меѓу кои и бесплатна обиколка на центарот на градот, односно на зградите и спомениците од проектот „Скопје 2014“, за секој што ќе си пресади мозок, по што се организираат дискусии и дебати од затворен тип за значењето на проектот и неговото влијание во севселенски рамки.