10 одлични шеги на Вуди Ален

04.02.2013 12:37
10 одлични шеги на Вуди Ален

Annie Hall (1977)

Овој филм награден со Оскар во кој глуми Дајана Китон, почнува со комичниот монолог во кој може да се сумира погледот на свет кој - преку хуморот, љубовта и трагедијата - е застапен во сите филмови на Вуди Ален. Неговиот лик, Алви Сингер, вели: „Има еден стар виц. Две стари жени седат во ресторанот Кетскил. Едната од нив вели: храната во ресторанов е баш грозна. Другата вели: Да, знам. А и порциите се толку мали. Па, во суштина, така го гледам животот. Полн е со тага, осаменост, страдања и несреќи - а сè завршува пребрзо.“

Without Feathers (1975)

Вуди Ален често пишува и за магазинот Њујоркер, како и за Плејбој, а неговите собрани мисли се објавени во збирките Getting Even, Without Feathers и Side Effects. Во сатиричните забелешки во приватниот дневник („кој ќе биде објавен или постхумно или по мојата смрт, што и да се случи прво“) тој пишува: „Ме мачат сомнежи. Што ако сево ова е илузија и ако всушност ништо не постои? Во тој случај дефинитивно прескапо го платив мојот килим. Кога барем Бог би ми дал некаков јасен знак! На пример, да стави голем износ на мое име во некоја швајцарска банка.“

Hannah and Her Sisters (1986)

Hannah and Her Sisters, еден од неговите најдобри филмови, е полн со одлични реплики (на пример, кога уметникот на Макс фон Сидоу кој му вреска на клиентот: „Сликите не се купуваат за да се усогласат со каучот!“) Вуди го игра Мики Саш, телевизиски продуцент кого го мачат егзистенцијални прашања. Кога им кажува на родителите дека ќе стане католик, мајката се заклучува во тоалетот. Мики му објаснува на таткото: „Ако постои бог, тогаш зошто има толку зло на светот? Зошто постоеле нацистите?“ Сè уште раскренувајќи ја масата од вечерата, неговиот збунет татко одговара: „Од каде да знам зошто постоеле нацистите? Јас не знам ни како се отвора конзерва!“

Antz (1998)

Во првиот компјутерски анимиран филм од студиото Дримворкс Вуди Ален го позајмува гласот за главниот лик З., невротична мравка од Централ парк која ги критикува политичките и општествените структури во својата колонија откако ќе се заљуби во принцезата Бала (за која гласот го позајмува Шерон Стоун). Улогата за него ја напишале браќата Крис и Пол Вајц, давајќи му монолози типични за Ени Хол: „Мислам дека имав многу несреќно детство. Мајка ми никогаш немаше време за мене. Знаеш, кога... кога си средно дете во семејство со пет милиони членови, не добиваш доволно внимание“.

Sleeper (1973)

Како Мајлс Монро, сопственик на продавница за здрава храна кој се буди во далечната иднина, Вуди Ален ја одигра неговата најдобра комична улога - ода на немата комедија со откачена смисла за хумор. На музиката на неговиот бенд Ragtime Rascals, тој и Луна, која ја глуми Дајана Китон, бегаат во дистописко општество. „Тешко е да се поверува дека не си имал секс 200 години“, вели Луна. „204, ако го сметаме и мојот брак“, одговара Мајлс. Подоцна, кога парот треба да го фати откинатиот нос на претседателот, таа вели: „Ми ги грицкаш ноктите“. Мајлс одговара: „Тоа е затоа што си напната. А и сакам еврејски роботи кројачи.“

Stardust Memories (1980)

По студениот прием на неговиот прв сериозен филм Interiors и пофалбата за Менхетен (филм кој нему не му се допаѓа толку многу), Вуди Ален го сними фелиниевскиот црно-бел филм, играјќи го славниот режисер Сенди Бејтс кој дошол на филмски фестивал во место на брегот на морето. Во една сцена тој запознава Марсовци кои му велат: „Ни се допаѓаат твоите филмови, особено оние раните, смешните.“ Тој ги прашува вонземјаните за совет: „Зарем не би требало да престанам да снимам филмови и да почнам да правам нешто корисно, на пример... да им помагам на слепите луѓе или да станам мисионер или такво нешто“, прашува Бејтс. „Сакаш да направиш нешто навистина корисно за човештвото?“, одговара вонземјанинот. „Најди некои посмешни вицови.“

Crimes and Misdemeanors (1989)

Брилијантно балансирајќи ја невротичната комедија со длабоката филозофија и трагедија, Ален го игра Клиф Стерн, сериозен но неуспешен документарист опседнат со снимање филм за братот на неговата жена, Лестер, успешен плиток ТВ продуцент кој го гуми Алан Алда. Клиф всушност сака да сними филм за остарениот еврејски научник, професорот Луис Леви, но очајува поради ситуацијата во неговата професија, па вели: „Во шоу бизнисот кучињата јадат кучуња. Море, полошо е од тоа. Кучињата не им одговараат на телефонските повици на другите кучиња, што ме потсети... морам да ги проверам пораките на секретарката.“

Manhattan (1979)

Една од најдобрите почетни сцени во кинематографијата. Преку фацсинантната фотографија на градот на Гордон Вилис и Гершвиновата Рапсодија во сино, го слушаме Ален како неуспешниот писател Исак: „Прво поглавје. Го обожаваше Њујорк. Нему тој му беше метафора за трулежот на современата култура. Истиот недостиг на индивидуален интегритет поради кој толку многу луѓе го избраа полесниот излез, го претвораше градот на неговите соништа во... не, тоа ќе биде премногу морализирање, мислам, знаеш, да бидеме реални, сакам да продадам некоја книга. Прво поглавје. Беше силен и романтичен како и градот кој го сакаше. Зад неговите очила со црни рамки се наѕираше сексуална моќ на дива мачка...“

Deconstructing Harry (1998)

Хари Блок е најнегативниот лик на Вуди Ален. Неговите роднини, поранешни сопруги и девојки му се лути поради тоа како ги прикажал во неговата книга, но тој сега страда од креативна блокада. Некои од најсмешните работи во филмот се визуелните гегови (каде што еден глумец е буквално „надвор од фокусот“ и се појавува како дамка), но дијалозите се често брилијантни, како овој помеѓу Хари и неговата религиозна сестра Дорис. „Ти немаш никакви вредности. Кај тебе сè е нихилизам, цинизам, сарказам и оргазам“. Хари одговара: „Еј, во Франција со тој слоган би можел да се кандидирам за претседател и да победам!“

Play it Again, Sam (1972)

Урнебесна романтична комедија во режија на Херберт Рос, а напишана од Вуди Ален. Во еден од дијалозите, тој и’ се додворува на една атрактивна девојка во уметничка галерија (Дијана Давила, која ја игра Ана Франк во американски филм). Ален: „Тоа е баш убав Џексон Полок, зарем не?“. Давила: „Да, убав е.“ Ален: „И што ти кажува тој?“ Давила: „Ја истакнува негативноста на вселената. Ужасната самотничка празнина на постоењето. Ништожноста. Несреќата на човекот кој е присилен да живее во јалова, безбожна вечност...“ (Таа продолжува да зборува). Ален: „Што правиш во сабота навечер?“ Давила: „Ќе извршам самоубиство.“ Ален: „А во петок навечер?“

Извор: 6yka.com

ОкоБоли главаВицФото