За глупоста

12.02.2013 12:55
За глупоста

Глупоста е поопасен непријател на доброто отколку злото. Против злото можеме да протестираме, да го разобличиме, можеме, ако има потреба, да го спречиме со сила. Злото во себе секогаш го носи 'ркулецот на самораспаѓањето, бидејќи во човекот остава барем нелагодност. Против глупоста сме беспомошни. Ниту со протести ниту со сила тука не може да се направи ништо; разуmноста овде не помага; на фактите кои им противречат на нашите предрасуди едноставно не треба да им се верува - во такви случаи и глупакот станува критичар - па иако фактите се неизбежни, можат едноставно да се заобиколат како безначајни поединечни случаи. Притоа глупакот, за разлика од лошиот човек, е до крај задоволен од себе; да, тој станува дури и опасен, бидејќи лесно се раздразнува и преминува во напад. Поради тоа е потребна поголема претпазливост пред глупакот отколку пред лошиот човек. Никогаш повеќе нема да се обидуваме да го убедиме глупакот со аргументи; тоа е бесмислено и опасно.

За да знаеме како да излеземе на крај со глупоста, мора да настојуваме да ја сфатиме нејзината суштина. Едно е сигурно, таа во суштина не е дефект на интелектот, туку на човечноста. Постојат луѓе со извонредно жив интелект кои се глупави и луѓе со многу тромав интелект кои се сѐ друго освен глупави. Тоа со запрепастеност го откриваме во одредени ситуации. Притоа помалку се добива впечаток дека глупоста е некаков вроден дефект, туку напротив, дека во одредени прилики луѓето стануваат глупави, односно дека дозволуваат да изгледаат како глупави. Понатаму, забележуваме дека луѓето кои живеат одвоено и осаменички поретко го покажуваат тој дефект отколку луѓето и групите кои се склони и осудени да живеат во заедница. Така, изгледа дека глупавоста можеби е помалку психолошки, а повеќе социолошки проблем. Таа е посебна форма на дејствување на историските ситуации врз човекот, психолошка нус-појава на одредени надворешни прилики.

Ако подобро ја разгледаме работата, ќе забележиме дека секој посилен развој на надворешната моќ, било да е од политичка или религиска природа, е поврзан со глупавоста на поголем број луѓе. Дури и изгледа дека тоа е социолошко-психолошки закон. Моќта на едните има потреба од глупоста на другите. Притоа не станува збор за тоа некои дека одредени - можеби и интелектуални - моќи закржлавеле и исчезнале, туку дека под пресилното влијание од развојот на моќта човекот ја губи својата внатрешна самостојност и - повеќе или помалку несвесно - се одрекува од сопствениот однос кон одредени животни ситуации. Тоа што глупакот често е тврдоглав, не смее да нѐ наведе да помислиме дека тој е самостоен. Токму во разговорот чувствуваме дека воопшто немаме работа со него самиот, туку со крилатиците и паролите кои завладеале со него. Тој е во некое прогонство, тој е заслепен, злоупотребен во неговото сопствено битие. Станувајќи така безволен инструмент, глупакот ќе биде способен за зло и во исто време неспособен да го препознае злото. Тука лежи опасноста од ѓаволската злоупотреба. Така луѓето засекогаш можат да бидат осудувани на пропаст.

Затоа е сосема јасно дека глупоста не може да се надмине со поучување, туку единствено со ослободување. Притоа мораме да се помириме со тоа дека правото на внатрешно ослободување во најголем број случаи е можно дури кога ќе се случи надворешното ослободување; сѐ дотогаш ќе мора да се откажеме од сите обиди да го убедиме глупакот. Затоа во таквите прилики залудно се мачиме да дознаеме што всушност „народот“ мисли, затоа што тоа прашање е толку одвишно за тие кои мислат и работат одговорно. Но, секако, само во одредени околности. Библијата вели дека стравот Божји е почеток на мудроста (Пс 111, 10), а тоа значи дека внатрешното ослободување на човекот за одговорен живот пред Бога е единственото вистинско преовладување на глупоста.

Впрочем, овие мисли за глупоста сепак донекаде се и утешни. Тие не ни дозволуваат да ги држиме повеќето луѓе глупави во сите околности. Навистина сѐ ќе зависи од тоа дали властодржците гледаат повеќе успех за себе од глупоста или од внатрешноста самостојност и разумност на луѓето.

Дитрих Бонхофер е основач на Исповедната црква, теолог и борец против нацизмот. Живеел помеѓу 1906 и 1945 година. Го убиле нацистите на 9 април 1945 година, три дена пред ослободувањето на Флосенбург каде што бил затворен во концентрационен логор.

Извор: lupiga.com

ОкоБоли главаВицФото