Село или Осветата на(д) лепрознитe

12.02.2013 14:13
Село или  Осветата на(д) лепрознит

Освен за психијатрите, груевизмот би требало да биде инспирациски гејзир и за уметниците. Но, веројатно дека некаква посублимирачка уметност за ужасниов историски период допрва ќе се создава, тогаш кога стравот од репресалиите ќе биде помал а дистанцата од патогеното јадро поголема. Уметноста е згодна за дофаќање на ваквите културно-политичко-историски виори (што нè вшмукуваат) зашто нејзината улога е токму во тоа: среде виорот да го претстави и самиот вртлог и светот надвор од вртлогот, т.е. во индивидуалната изместеност да ги дофати пошироките турбуленции помеѓу луѓето, просторите, времињата. Дејвид Мамет, славниот сценарист, има и еден дополнителен, нестандарден аргумент за моќта на драмската уметност: задоволството на гледачот во проживеаното драмско искуство ги влече корените од неговата емотивна „осакатеност“ вистински да се соживее со „небитните“ луѓе околу себе; поради тоа гледачот чувството на вина го сублимира во сочувството кон филмските актери.

Ете, можеби најмногу поради аргументот на Мамет, денес решив да пишувам за груевизмот прераскажувајќи (поставувајќи ги една крај друга и „драматизирајќи“ ги во нашиот контекст) две морничави и мошне возбудливи приказни кои, мене ми се чини, психолошки и емотивно подобро ја доловуваат овдешната стварност од актуелните и задолжените локални хроничари. Првата приказна е сижето на филмот „Село“ на Најт Шамалан. Втората ја испишува Огнен Спахиќ во својот брилијантен роман „Хансеновите деца“.

***

„Селото“ се наоѓа сосема отсечено од светот, некаде во Пенсилванија, и опкружено е со шума преполна со опасни чудовишта кои мештаните ги нарекуваат „Оние За Коишто Не Зборуваме“. Мнозинството од мештаните е задоволно со спогодбата склучена меѓу селските главешини („интелектуалците“) и чудовиштата: мештаните не влегуваат во шумата, а чудовиштата не влегуваат во населбата. До судир доаѓа кога младиот Луциус Хант сака да го напушти селото во потрага по нови лекови, ризикувајќи со тоа да ја прекрши спогодбата. Луциус и Ајви Вокер, слепата ќерка на селскиот водач, решаваат да склопат брак. Но, болно љубоморниот селски идиот го прободува Луциус и речиси го убива, по што инфекцијата кај Луциус се проширува и можат да ја спречат само лековите од надворешниот свет. Тогаш Ајви од татка си ја дознава тајната за селото: чудовиштата не постојат, а годината во која селото живее не е 1897. Се разјаснува мистеријата: старешините на селото биле групи од граѓани, жртви на злосторства, кои во 20 век решиле сосема да се повлечат од своето време; таткото на Ајви бил богат бизнисмен со чиишто пари групите купиле земја и ја нарекле „природен резерват“. Ја опкружиле својата територија со долга ограда и со купишта стражари, ги подмитиле владините службеници за да ги пренасочат авионските линии што минуваат на таа рута и се преселиле во резерватот измислувајќи ја приказната за „Оние За Коишто Не Зборуваме“, со цел да ги спречат заминувањата од селото. Со благослов на татка си, Ајви сепак успева да продре надвор, пронаоѓа еден пријателски стражар кој ѝ го дава потребниот лек и со лекот се враќа кај вереникот за да му го спаси животот. На крајот на филмот, старешините одлучуваат да продолжат да живеат во изолација, претставувајќи ја смртта на селскиот идиот како доказ дека чудовиштата навистина постојат, со што се потврдува втемелувачкиот мит за заедницата.

***

Средниот век лепрозните понекогаш ги подгревал на клади. Колку на толпата да ѝ се објасни вонбожјата природа на заразата и заразените.

Со оглед на тоа дека ни црквата не била обврзана на милосрдие, Aussatziger-ите биле принудени да основаат заедници на перифериите од населбите барајќи спас во отпадоците, лековитите билки и киселите плодови на дивото овошје. Колониите со време станувале нервозни, па хордите лепрозни често пљачкале помали села во околината и патници кои оделе кон градот. Тоа траело неколку недели или месеци, зависно од решителноста на градските великодостојници, да ги оседлаат гардиските коњи, да ги запалат факелите и да тргнат во мала крстоносна војна против ѓаволовите синови и ќерки.

Примерот на Сенсотрегиоре, град од осум илјади души стотина километри оддалечен од Фиренца, значително влијаел за промената на односот кон лепрозните во 16 век. Колонијата на заразените, сместена блиску до градските бедеми, била формирана кон крајот на 15 век во времето на папата Иночентиј VIII. Поради благата клима и сувото поднебје станала популарна меѓу лепрозните од југот на Европа, а неретко таму пристигнувале и заболени од оддалечените предели на Скандинавија, Шпанија и Британското кралство. Добрите тревари, напуштените војнички штали и прометните патишта на коишто лепрозните чети изнудувале пари и храна, направиле веќе во почетокот на 16 век во колонијата да живеат две до три илјади заразени. Кога групата колонисти брутално силувала три малолетни девојки - преданието вели заклала и изела во текот на баханалиите приредени истата вечер - градските татковци со благослов на Папата собрале двесте тешко наоружани платеници: војска со цврста намера да ја протера но и со крв да ја казни разузданата тајфа. Судирот проследен со морничави крици траел до ситните утрински часови, а кога сонцето дозволило појасен поглед на поприштето на битката, љубопитните и осветољубиви жители на Сенсотрегиоре можеле да ја видат уредно построената војска на лепрозните кои во рацете ги држеле главите на непријателот. Тие виделе здивеана хорда која бесно завива напредувајќи кон кршливите градски порти. Сенсотрегиоре за неполни два часа станал Содома опседната со бесот на гладните и наказните. Сите земски задоволства што со години им биле ускратувани, тие ги остварувале низ бруталните нагони на понижените. Силувања, пљачки, гнасни оргии и сурови убиства ги исполниле улиците на градот претворајќи го во пламен на ужасот. Обезглавен од стравот од болеста, народот бегал кон северните порти, и уште потаму кон брдата.

Лепрозните набрзо загосподариле со градот заземајќи ги удобните домови на великодостојниците.На пладне на главниот плоштад биле обесени четири члена на градското собрание; бил избран градоначалник, па Сенсотрегиоре станал своевиден Лепрополис, моќна заедница која добро функционирала благодарение на финансиските средства внимателно собрани од тајните ниши, душеци и каси од побогатите куќи. Се разбира дека не постоела војска подготвена да нападне град во кој владее лепрата. Но, другите колонии на лепрозни, ширум Европа, биле казнувани во знак на одмазда за Сенсотрегиоре. Дрвените колиби биле палени без милост, а секој војник имал премолчана дозвола по своја проценка да убие или поштеди лепрозен. Дури цела деценија по воспоставувањето на Лепрополис, кога болеста однела во гроб повеќе од две третини од неговите жители - пред градските порти стигнала армада од три стотини коњаници и исто толку добро наоружани пешадинци решени Содома да ја приведат кон Божјиот поредок. Меѓу војниците имало и значителен број од некогашните жители на Сенсотрегиоре задоени со праведнички бес и со голема омраза. Лепрозните - предупредени со фанфари и со ѕвекотот на оружјето - доброволно го напуштиле градот и заминале во планините гонети од сабјите на победникот.

Фотографиите се од филмот The Village (Night Shyamalan, 2004)

 

ОкоБоли главаВицФото