Нобеловата награда за книжевност

05.10.2009 11:52
Picture1.jpg

Точно во 13 часот некој четврток во октомври секретарот на Шведската академија ќе ја отвори вратата, ќе излезе пред претставниците на медиумите кои ќе бидат пристигнати од сите краишта на светот и ќе објави кој годинава ќе влезе меѓу книжевните бесмртници.

И името ќе биде придружено со извикот „Конечно!“, церемонија која веќе традиционално се повторува.

Меѓутоа, возвишената и идилична слика ќе биде нарушена веќе за половина час кога ќе одекнат првите коментари низ светот. Повторно пресуди политиката и наметнатата општествена мода, ќе речат критичарите на Нобеловата награда за книжевност. Повторно некој писател изваден од нафталин, повторно најугледната светска книжевна награда ќе замине кај некој стар белец, писател на проза на англиски или француски. Или, ќе се слушне уште едно често прашање: Кој е тој, воопшто?

Но, кој и да биде, ќе мора да помине низ истиот третман како и сите негови претходници од 1901 г. Книжевноста нагло ќе падне во втор план, а ќе започнат претпоставки за политичките или другите причини зошто токму тој писател е избран, „а не оној другиот за кој сите мислевме дека треба да добие“.

Ѓао Синѓјан ја доби наградата зашто е кинески дисидент, Орхан Памук зашто поради неговите јавно искажани ставови во одбрана на човечките права, со смрт и затвор му се закануваа неговите сонародници, Харолд Пинтер поради својот ангажман за левицата, Елфриде Јелинек за да му се одаде чест на феминизмот, В.С. Најпол бидејќи е отелотворување на мултикултурната слика на светот, гласеа дел од коментарите во минатото.

„Упатените“ знаеја дека интелектуален Стокхолм никако не сакаше за време на претседателството на Буш Нобеловата награда да замине за САД. И навистина, во тој период немаше нови американски нобеловци. Денес малку е подзаборавен случајот кога во 1980 г. наградата ја доби Чеслав Милош. Тоа беше период на Гдањск и движењето „Солидарност“. Весниците тогаш беа преплавени со наслови кои беа варијанта на темата: дали Милош ја доби наградата само зашто Полска е моментално во мода?

Кога станува збор за Нобеловата награда за книжевност, критичарите се поделени во две групи. На првите им пречи претпочитањето на Западот и игнорирањето не само на малите земји, туку и на цели континенти. На вторите, пак, тоа што Академијата сака да ја изненади широката јавност со изборот на непознати автори и што главно ги избегнува планетарно популарните книжевници како Салман Ружди или Милан Кундера. И едните и другите се убедени дека Стокхолм премногу калкулира и политизира кога ја носи одлуката. А одговорот на најпознатиот трибунал за светската книжевност секогаш е истиот: постојат правила и процедури до кои ние строго се придржуваме. Тие се придржуваат и кон некоментирањето на своите одлуки, ниту кон одговарањето на критиките. Но и критиките не чудат – Нобел е ултимативна книжевна награда, а не се за фрлање ни десетте милиони круни кои доаѓаат со неа. На крајот на краиштата, сè уште не е воспоставена друга награда која би можела да и’ биде конкуренција.

Тајноста при одлучувањето за лауреатот е секогаш најважна, исчекувањето и напнатоста се битен елемент.

Но една наша соговорничка, истакната учесничка во културниот живот во Шведска, вели дека Академијата многу години не била контролирана. „Повеќе не е тајна дека некогашниот уредник на културата во дневниот весник Expressenu дознаваше кој ќе добие наградата неколку дена пред официјалната објава. И денес можете, со малку фантазија, да предвидите кој ќе ја добие, бидејќи одреден автор наеднаш ќе почне да се појавува во шведските медиуми“, вели таа, наведувајќи го минатогодишниот добитник Жан-Мари Гистав Ле Клези, кој за голем дел од светот беше целосна непознаница. Во Шведска и не толку. „Беше меѓу кандидатите за кои најмногу се претпоставуваше, а потоа наеднаш се појави во Шведска напролет и стана главна тема во сите весници“, додава таа.

Кои се всушност членовите кои одлучуваат за наградата? Академијата има 18 доживотни членови, во работниот одбор за книжевност се шест, сите угледни автори и научници кои се менуваат секои три години.

Поранешниот секретар на Академијата Хорас Енгдал минатата година ги вознемири духовите кога изјави дека Американците се преголеми незнајковци за да можат да се споредуваат со Европа кога станува збор за големата литература. „Преведуваат премалку, изолирани се, а и премногу се подложни на трендовите во масовната култура“, изјави тој и така се посрамоти.

Реакциите беа бурни, и тоа од обете страни на Атлантикот. Уредникот на New Yorker, Дејвид Ремник, му одговори: „Ќе си помислевме дека секретарот на Академијата која ги превидела Пруст, Џојс и Набоков ќе нè поштеди од своите оценки. Кога Енгдал би се позанимавал со американската сцена, би ја забележал виталноста на генерацијата на Рот, Апдајк и Де Лил, како и на бројните млади автори. Ниедна од тие души не беа уништени од хоророт Кока-кола“, беше неговиот коментар.

Оваа година пред новинарите ќе излезе нов секретар, историчарот Питер Енглунд, своевидно освежување меѓу членството на Академијата. Во својот разговор со медиумите не криеше колку е исплашен – што ќе се случи доколку ја отвори вратата и по грешка каже погрешно име? Нервозен е, како никогаш во животот. И кој не би бил? Шведската академија и Нобеловата награда претставуваат највозвишената традиција и најелитната институција во Шведска, истакнуваат медиумите.

„Енглунд е доста интересен избор и ќе биде интересно да се следи неговата работа. Тој е т.н. патник низ класата, а таквите секогаш се пријатно ветренце низ фините салони“, вели нашата соговорничка, шведска новинарка која ја следи културата. Но шведските академици не се беспрекорни и лишени од скандали. Еден од попознатите е сега веќе познатиот школски пример за судир на интереси од 1974 г. Тогаш кандидати за Нобелова награда беа Греам Грин, Владимир Набоков и Сол Белоу. Тие не добија награда таа година поради шведските книжевници Ејвинд Јонсон и Хари Мартинсон кои, патем, беа и членови на Академијата.

„Убедена сум дека Академијата не врши свесна политизација туку дека нивните одлуки се одраз на начинот на кој се развива светот. На пример, последниве триесетина години сè почесто се бираат и писатели од т.н. Трет свет. Можеби се работи за тоа дека книжевноста допира до Шведска на поинаков начин отколку пред 40 години.“

Освен тоа, многу работи се имаат сменето, па така наградата последниве години оди кај разновидни автори, па дури и популарни, што претходно и не се случуваше. Во изборот постои само еден услов, а тоа е делото на кандидатот треба да е преведено на шведски.

Сепак, имаше и неколку скандали. На пример, кога поради изборот на Елфриде Јелинек од Академијата излезе Кнут Ахнлунд, изјавувајќи дека со тоа се нанела непоправлива штета на угледот на наградата.

Шведска е една од земјите со најголем број лауреати за Нобеловата награда за книжевност, веднаш зад Франција, Велика Британија и САД. Но наа таа листа никогаш не стигнала Астрид Линдгрен, најомилената а можеби во светот и најпознатата шведска авторка. Така таа, покрај Пруст, Набоков, Роберт Музил, Вирџинија Волф, Борхес, редовно се наведува како пример на оние книжевници за кои неправдата не може да се поправи.

За реакциите на оние кои со години се наведуваат како можни добитници зборува и Маргарет Етвуд, која на тоа прашање одговори со: „Убаво е да се добие, но тоа навистина е како лотарија“.

Лауреати за кои обичниот читател нема слушнато:

1974 – Ејвинд Јонсон, Хари Мартинсон;
1973 – Патрик Вајт;
1966 – Шмуел Агнон;
1944 – Јоханес В. Јенсен;
1939 – Франс Еемил Силанпа;
1931 – Ерик Аксел Карлфелдт;
1922 – Хакинто Бенавенте;
1919 – Карл Спителер;
1917 – Карл Гјелеруп, Хенрик Понтопидан;
1916 – Вернер фон Хаиденстам;
1910 – Пол Хејс;
1908 – Рудолф Еукен.

Битни автори кои никогаш не добија Нобелова награда:

Лав Николаевич Толстој;
Владимир Набоков;
Роберт Музил;
Хорхе Луис Борхес;
Хенрик Ибзен;
Вирџинија Вулф;
Емил Зола;
Марк Твен;
Август Стриндберг;
Џејмс Џојс;
Марсел Пруст.

Заслужија награда, но сè уште не ја добиле:

Амос Оз;
Филип Рот;
Антонио Табуки;
Томас Пинчон;
Маргарет Етвуд;
Салман Ружди;
Карлос Фуентес;
Милан Кундера;
Умберто Еко;
Марио Варгас Љоса;
Мишел Турние.

Земји со најмногу лауреати:

Франција – 14;
Велика Британија – 13;
САД – 11;
Шведска – 7;
Германија – 7;
Италија – 6.

 

Извор: Jutarnjilist.hr

 

 


Слични статии:

Десет куриозитети поврзани со Нобеловата награда

Twitter треба да добие Нобелова награда

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото