Одразот на месечината

25.03.2013 14:28
Одразот на месечината

Мојата омилена пивница „Одразот на месечината“ се наоѓа на две минути од автобуската станица, но е во споредна улица, така што таму никогаш не налетуваат пијаници и наметливци, дури ни во сабота навечер.

Муштериите, иако прилично бројни, главно се редовни посетители кои секоја вечер седат на своите места и доаѓаат колку заради пивото, толку и заради муабетот.

Ако некој ве праша зошто ѝ давате предност на одредена пивница, би изгледало најлогично на прво место да го ставите пивото, но мене кај „Одразот на месечината“ најмногу ме привлекува она што се нарекува „атмосфера“.

Да почнеме од тоа дека целата архитектура и мебел се исклучиво викторијански. Во неа нема маси прекриени со стакло или други модерни неволји, како што, од друга страна, нема ниту лажни кровни греди и импровизирани камини во аглите, или пластични плочи кои би требало да го надоместат дабовото дрво. Гранулирана дрвенарија, украсни огледала зад шанкот, огништа од излеано железо, цветен таван со темножолти дамки од чадот од цигари, препарирана биволска глава над ѕиданиот камин - сè е во знакот на едноличната и удобна грдотија на деветнаесеттиот век.

Во зима обично гори силен оган во барем две простории, а викторијанската архитектура овозможува доволно слободен простор за движење. „Одразот на месечината“ има точилница за пијалак од нога, салон, сала за дами, продавница за оние кои се премногу срамежливи за да го пијат јавно своето вечерно пиво, а на катот има трпезарија.

Игри се играат само во точилницата, така што во другите простории може да се движите без постојано да се наведнувате за да ги избегнете стрелките кои летаат.

Во „Одразот на месечината“ секогаш е доволно тивко за да можете да разговарате. Во локалот нема ниту радио ниту клавир, а дури и на Бадник и во слични прилики се пее многу умерено.

Келнерките ги знаат повеќето од гостите по име и се грижат посебно за секој од нив. Сите тие се средовечни жени - две од нив имаат коса обоена со необични нијанси - а секого го викаат „драги“ без оглед на возраста или полот. („Драги“, а не „срцка“; пивниците во кои келнерките ве викаат „срцка“ секогаш имаат непријатна, разуздана атмосфера.)

Во „Одразот на месечината“ не може да добиете вечера, но постои тезга со ладни јадења каде што може да купите сендвичи со колбаси, школки (што е специјалитет на локалот), сирење, кисели пиперки и краставички, и она големо печиво со ким кое изгледа дека се продава само во пивниците.

Шест денови во неделата, на катот, за отприлика три шилинзи, може да добиете добар, солиден ручек, на пример, батак, два вида зеленчук и ролат со мармалад.

Посебна чар на ручекот му дава stout-от од буре (stout-вид силно пиво). Не знам дали десет проценти од лондонските пивници точат stout од буре, но „Одразот на месечината“ е една од нив. Тоа е питка, густа варијанта на stout која е попријатна кога се пие од чаша од калај.

Во „Одразот на месечината“ се внимателни околу садовите од кои се пие, така што никогаш нема да ја направат таа грешка да ви сервираат пинта (1 пинта = 0,47 литри) пиво во чаша без дршка. Освен стаклените и криглите од калај, ги имаат и оние згодни порцелански кригли со јагодесто-црвенкаста боја, кои сега ретко можат да се најдат во Лондон. Порцеланските кригли престанаа да се користат пред триесет години, бидејќи повеќето луѓе сакаат да го гледат својот пијалак, но според мојот вкус пивото е подобро кога се пие од порцелан.

Големото изненадување на „Одразот на месечината“ е градината. Поминувате низ тесниот ходник кој води надвор од салонот и се наоѓате во прилично големата градина со платани под кои се наоѓаат мали зелени маси и железни столови. Во едниот агол на градината се наоѓа лулашка и тобоган за деца.

Во летните вечери овде се одржуваат семејни забави; седите под платанот и со мелодијата на веселите восклици на децата кои се спуштаат низ тобоганот пиете пиво или јаболкова ракија од буре. Количките со мали деца се поставени покрај влезот.

Без оглед на тоа колку добри страни има „Одразот на месечината“, мислам дека градината е најголемата предност, бидејќи овозможува излегување на целото семејство, така што мајката не мора да остане дома и да го чува бебето, додека таткото сам излегува надвор.

Иако на децата им е дозволено да седат само во градината, тие сакаат да ѕирнат во пивницата, па дури и да им донесат пијалак на своите родители. Тоа, верувам, е против законот, но тој закон заслужува да биде прекршен, бидејќи токму таа пуританска бесмислица - да се исклучат децата од пивниците, а тоа во извесна мера значи и жените - ги претвори таквите места во обични продавници за пијалак наместо места за собирање на семејствата, што би требало да бидат.

„Одразот на месечината“ е мојот идеал за тоа како би требало да изгледа една пивница - барем на подрачјето на Лондон. (Предностите кои ги очекувате од селските пивници се малку поинакви.)

Но, сега е време да открие нешто што остроумниот и трезвен читател веројатно веќе го насетил. Место како „Одразот на месечината“ не постои. Што значи дека можеби постои пивница со тоа име, но јас не знам за неа, ниту знам некаква пивница која ги има сите добри страни споменати овде.

Знам пивници во кои пивото е добро, но таму не можете да добиете јадење; знам други во кои можете да каснете нешто, но се гласни и преполни, и некои кои се мирни, но пивото главно е кисело. Што се однесува до градините, отприлика можам да се сетам само на три пивници во Лондон кои ги имаат.

Но, да бидеме праведни, знам неколку пивници кои речиси се како „Одразот на месечината“. Погоре споменав десет добри страни кои совршената пивница би морала да ги има, а знам една која има осум од нив. Меѓутоа, дури ни таму нема stout од буре и порцелански кригли.

Ако некој знае пивница која има stout од буре, отворен камин, евтино јадење, градина, мајчински настроени келнерки, а нема радио, би бил среќен да дознаам за неа, па макар името да ѝ биде прозаично како „Red Lion“ или „Railway Arms“

Извор: Evening Standard, 9 февруари 1946

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото