Волшебникот од Осло

10.10.2009 15:09
apg_Obama_Nobel_091009_mn.jpg

Во моментов најпаметно би било да си го ослободи календарот за следниот петок, зашто очигледно, сешто може да се случи.

Зошто не требаше да му ја доделат Нобеловата награда за мир

Ова е втор пат во последните три години наградата за мир да оди во рацете на човек кој се обидува да создаде нова интернационална клима. Во 2007 наградата ја доби Ал Гор за неговата работа во борбата против глобалното затоплување. Објаснувањето за овогодишниот избор на Обама од страна на комитетот не се однесува на конкретни остварувања, туку на „атмосферата која ја создава“.

Според Комитетот, „многу ретко некој успеал, како Обама, да го привлече вниманието на светот толку многу, и на луѓето да им даде надеж за подобра иднина“. Понатаму, „неговата дипломатија го почитува концептот според кој лидерите на светот мора да ги засноваат своите постапки врз вредностите и ставовите кои ги споделуваат граѓаните на целиот свет“.

Како на човек кој работел во магазинот Time - кој неретко знаел да избере „Личност на годината“ која предизвикала слична „Молам?“ реакција - познат ми е јазикот на соопштението: тоа е звукот на јазикот кој стенка во обидот да пронајде принципиелно образложение. Секако, комитетот може да одбере кого сака. Но во својот тестамент од 1895 година Алфред Нобел навел дека наградата за мир треба да се додели на „личноста којашто ќе направи најмногу при работењето за братство помеѓу народите, за укинување на постојаните армии и за одржување и унапредување на мировните конгреси.“

„Што ќе направи најмногу“, се чини е делот кој тешко се заобиколува. Оттука, годинешново соопштение на комитетот е само листа на желби. Ова не значи дека Обама нема направено ништо, туку дека поголемиот дел од неговото досегашно претседателствување е само подготвителна, почетна фаза. Другите добитници, како на пример Нелсон Мандела, Ели Визел и Лех Валенса многу повеќе го исполниле условот: „оној што ќе направи најмногу“. И изборот на некои други добитници, не толку славни и познати за пошироките маси, како Мухамад Јунус, исто така прави смисла. Од друга страна, Обама најверојатно многу повеќе го исполнува условот од некои добитници. Тој барем не е активно зафатен со започнување нови војни, како што беа „мировниците“ Хенри Кисинџер и Јасер Арафат.

Обама ја презеде функцијата претседател десет дена пред истекувањето на рокот за номинирање на кандидатите за наградата - 1 февруари. Конкуренцијата не била слаба. Годинава имало рекордни 205 номинации. Обама не беше во групата на личности чии имиња се спомнуваа како можни потенцијални добитници. Шпекулациите беа концентрирани на борци за човекови права од Кина и Авганистан и политички личности од Африка. Активистите за човекови права од Кина најверојатно денес се посебно онерасположени, со оглед на тоа што администрацијата на Обама постојано ги игнорира, а со тоа и го потценува кршењето на човековите права од страна на кинеските власти.

Се чини, комитетот составен од пет Норвежани очигледно има послаби стандарди дури и од хумористичната серија Saturday Night Live, која неодамна се подбиваше со недостатокот од вистински постигнувања на Обама. Комитетот има порелаксирани стандарди и од Државниот универзитет во Аризона кој го одби предлогот да му додели почесна диплома со образложение дека е неискусен.

Обама не е првиот претседател, активен или поранешен, кој ја добил наградата. Во 1906 години ја доби Теодор Рузвелт. Во 1919 Вудроу Вилсон, а во 2002 дома ја однесе Џими Картер. Денешново соопштение има капацитет да го тестира и капацитетот за емпатија на Бил Клинтон, кој своето пост-претседателствување го посвети на глобалното здравје и иницијативите за постигнување мир.

Изборот на Обама беше толку неочекуван што Секретарот за односи со медумите на Белата куќа, Роберт Гибс, на известувачот од телевизиската куќа CBS, Питер Мер, му одговори само со еден збор: „Wow“. Гибс му се јавил на претседателот во 6 часот наутро за да му ја пренесе веста.

Во принцип, наградата е доделена за ораторските способности на претседателот, што во превод значи дека неговите политички стратези ја донеле правилната одлука минатата година кога решија да го испратат во Берлин за време на претседателската трка. Денешнава награда ги истакнува и споредбите помеѓу 44-иот и 43-иот претседател: од вербално хендикепиран лидер кој уживаше во избегнувањето да го каже сопственото мислење по секоја цена, до талентиран ковач на зборови кој дојде на функцијата и вети дека ќе го прегрне светот.

Денешнава награда само ќе додаде оган во автоматскиот систем на политичко подредување. Конзервативците кои се подбиваа и велеа дека неуспехот на Обама да ги донесе олимписките игри во Чикаго значи дека му опаѓа рејтингот треба, според истата логика, сега да го прогласат доделувањето на наградата како приказ на неверојатниот скок на неговиот рејтинг. Секако дека нема да го сторат тоа, зашто никој не добива награда за доследност.

Корист од наградата ќе имаат и продуцентите во Fox News, кои сега знаат со што ќе ја пополнат својата програма и за што ќе зборуваат оваа недела. Победуваат и учените, јавни аналитичари зашто комитетот на Нобел ја потврди идејата дека говорите и атмосферата која тие ја креираат се навистина важни. Наградата истовремено ја отвара можноста за сите нас, членови на елитата, да го направиме она што го правиме најдобро – целосно да пропуштиме како ќе реагираат обичните граѓани. Додека ние зборуваме како со својата одлука комитетот отвора терен за намалување на својот висок углед со вреднување на Обама од страна на светот, некои други луѓе можеби се навистина среќни што претседателот кој тие го избраа - во одредена мера го избраа и за да го подобри имиџот на Америка во светот - е награден поради тоа.

Една од дебатите која ќе следи е дали Обама требаше да ја одбие наградата, како што предложи и Мики Клаус од Слејт. Одбивањето би било шлаканица за комитетот, но со оглед на тоа што наградата му е доделена за „атмосферата која ја креира“, ајде за момент да ја земеме предвид атмосферата што би се создала со една таква постапка на одбивање. Обама би го пронашол јазикот кој би ја оправдал одлуката без никаков проблем. Говорот би одел вака: Тој е почестен од наградата и благодарен, но тој единствено само јасно го искажал она кон коешто тежнее човештвото. Затоа што станува збор за глобален предизвик на човештвото, не постои личност која има право на наградата со оглед на тоа што ни преостануваат еден куп недовршени работи. Единственото нешто на кое секој од нас има право е да продолжи да биде посветен на огромната задача која е пред нас. (Пишувачите на неговите говори, Бен Роудс и Јон Фавро сигурно ќе умеат да го пронајдат овој јазик).

Во ходниците во кои Обама ги држи своите говори и го покажува талентот за дипломатија, ваквиот настап би му го зголемил угледот. Неговите критичари би биле стаписани. Арогантните напади ќе избледнеат. Обама миговно ќе стане омилениот кандидат за Нобеловата награда за скромност и понизност која ќе се додели следната година.

извор: Slate.com
превод: Ана Ангелова

Vednas da mu dadat i oskar za

Vednas da mu dadat i oskar za glavna maska,zenska i sporedna uloga, pa i par zlatni medalji od zimska i letna olimpijada, so isti izgovor deka mozebi bi bilo ova-ona, ti rekov mi rece i slicno.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото