Девствено море

10.04.2013 12:14
Девствено море

Одамна смолкнаа гласовите на животните и тие до мугрите заспаа во своите животински места. Глинената куќичка, каде што седеа двајцата луѓе, стана задушлива и здодевна од топлината на ламбата и од искажаните зборови, та Николај Вермо заспа на столчето наспроти директорот. Во тоа време молкна и песот, не добивајќи одглас од степата за својата злоба; очигледно се помирил со отсуството на непријател и си заспал во празната тиква, што беше замена за негова куќичка. Тиквава совхозот ја израсна лани, за да ја покаже на реонската изложба како пример за агрономската посветеност. Навистина, тиквата беше наградена, а потоа од таа тиква ја извадија внатрешноста и ја претворија во куќичка за песот зашто готвачките на совхозот не сакаа толку моќни зеленчуци да преработуваат во храна.

– Си ја видел нашата тиква? – директорот го праша Вермо, но Вермо спиеше. – Треба да ја погледнеш: големо растение! Корисната површина на нашата тиква е половина квадратна стапка. Во далечните бачила имаме цели сто вакви издлабени тикви: во нив спијат молзачките и пастирите. Со тиквиве ја решив целата станбена криза... Ах, ти веќе спиеш? Па спиј, кутар човеку, а јас уште ќе почитам…

Со неколкуте прсти на десната рака допирајќи си ја замислената, натажена глава, директорот повторно го задлабочи вниманието во древната железна книга со изложената историја на Иван Грозни.

Половина час подоцна неудобната положба го разбуди дојдениот млад човек и тој се загледа во лицето на директорот.

– Што сте вие? – праша Вермо. – Можеби ќе можам да ве прикажам низ музика: учев музика.

– Прикажи ме – со задоволство се согласи дирек- торот. – Јас сум Адријан Умришчев: кај тебе морам да звучам моќно. Како морална и разумно-културна личност од преодната епоха секако ќе се најдам во вечниот список на историјата. Затоа измисли ме колку што е можно посилно и води ме со басови низ музиката. Сакам оркестри! Што мислиш – Умришчев го промени гласот – зарем е достојно да седам овде меѓу животните?

– Зарем не е? – се зачуди Вермо.

– Не е – воздивна Умришчев. – Овде се најдов како „Неразјаснет“. Штом ќе се разјаснам, ќе исчезнам одовде засекогаш. Можеш ли да измислиш некаква тага на неразјаснетоста, во облик на некаков шум?

– Веројатно можам – вети Вермо, чувствувајќи ја налудничавоста на животот од својот замор и од овој човек.

***

Заедно со него од совхозот излезе млада жена и ненадејно тргна покрај него. Таа беше малку привлечна, но очевидно, проста и доверлива, им веруваше на луѓето зашто одеше и го разгледуваше човекот објективно, како предмет, сè уште не чувствувајќи кон него ни непријателство, ни љубезност. Вермо веќе се срамеше од неа како човек со срце што секогаш живее под притисокот на насобраната љубов и којшто, можеби, дотогаш не осознавајќи жена, се плаши да исчезне во непознатата насока на сопствената страст, невнимателно чувајќи се за повисока судбина. Тајно, со натажено срце, Николај Вермо можеше да ги сака сите луѓе одеднаш зашто неговото тело беше исполнето со безизлезен живот. Тој ја разгледа жената за последен пат – таа сега навистина беше добра и убава: црните коси созреани во степата ѝ ја прекриваа главата и се доближуваа до очите, блескави во уверената светлина на своето чувство за постоење; нејзината скромна уста, малку подотворена (од внимание кон минувачот) покажуваше правилни заби што беа потемнети без прашок, а градите дишеа просторно и трпеливо, спремни да дојат деца, да ги стегаат кон себе и да ги сакаат за да пораснат. Вермо се растревожи од возбуда, неговата срамежливост мина и тој ѝ рече на жената со рапав глас:

– Колку е здодевно да се живее на светот!

– Зошто здодевно? – рече жената. – Ни нам не ни е весело, но воопшто не е здодевно…

Инженерот запре; неговата сопатничка исто така не замина натаму, и тој повторно неподвижно ја разгледуваше – овојпат, целата неа, зашто телото на човекот ја содржи сета негова суштина. Очите на женава беа јасни и внимателни: зад нејзиното тело лежеше отсуство на луѓе – светол и празен свет, чијшто целокупен квалитет се содржеше сега во овој низок женски човек со црна коса. Жената молкум стоеше до својот сопатник, или не сфаќајќи, или од итрина.

– Здодевно е зашто нашите чувства не се остваруваат – тивко рече Вермо во огромниот и сончев простор, покриен со димот од огновите на пастирите. – Гледаш нечие лице, дури непознато, и си мислиш: другару, дај да те бакнам. Но, тој нема да се сврти – вели, класната борба не е завршена, кулакот пречи нашите усни да се допрат …

– Но тој нема да се сврти – одговори жената.

– Вие, на пример? – праша Вермо.

– Јас, на пример – рече жената од совхозот.

Вермо ја прегрна и долго ја држеше покрај себе, чувствувајќи топлина, слушајќи ја бучавата на телото додека работи и потврдувајќи си самиот дека светот на неговата фантазија наликува на реалноста и дека неволјата во животот е ништожна. Внимателно осознавајќи го сето тоа Вермо одблизу ја погледна жената в лице, таа ги затвори очите и тој ја бакна во устата. Потоа Вермо уште еднаш се убеди во вистинитоста на својата состојба и, откако лесно го стисна човекот, сакаше да замине настрана, сочувувајќија стекнатата среќа; но тогаш жената сама го задржа и повторно го бакна.

– Веќе се плеткаш? – рече огорчен и занесен глас отстрана.

Додека двајцата луѓе се гледаа само еден во друг, дојавал трет човек, Умришчев, и се насмеа на таа појава, бакнеж во степата.

– Таа многу ми се допадна! – одговори Вермо, и повторно му стана здодевно од лицето на Умришчев.

– Па и ако ти се допаѓа, немој да се плеткаш! – посоветува Умришчев. – Ти се допаѓа, а ти тргни се настрана, за твое добро е тоа: размисли…

– Помини, Умришчев – рече жената. – Една молзачка од бачилото се обесила, а јас треба да појдам со тебе!

– Ајде, ајде, дојди – со задоволство се согласи Умришчев. – Само јас нема да се плеткам со женската психијатрија.

(фрагмент од „Девствено море“)


Како и останатите дела на Платонов, и краткиот роман „ Девствено море“, бил предмет на цензура, па иако бил напишан во 1934 година, објавен е дури во 1986 година. Во романот со необично силна убедливост е прикажана апсурдноста како клучна животна одредница на луѓето. Во времето на колективизацијата луѓето се означени со броеви. Условите за живот на луѓето и животните не се разликуваат многу. Станува збор за маестрална дистописка сатира на едно нехумано и неслободно општество.

Превод: Павел Попов
Слики: The Royal Art Lodge

ОкоБоли главаВицФото