Вкусот, а не алкохолот предизвикува уживање во пивото

20.04.2013 11:39
Вкусот, а не алкохолот предизвукува уживање во пивото

Неколку мига откако ќе се напиете голтка пиво, а пред алкохолот да почне да дејствува, ќе се почувствувате пријатно. Тоа е поврзано со промените во хемискиот состав на мозокот, поточно, со порастот на нивото на невротрансмитерот допамин.

На научниците веќе одамна им е познато дека една од причините зошто алкохолот поттикнува задоволство е што пијанството доведува до ослободување на допамин. Неговото ослободување е поврзано и со консумација на други дроги (како и со спиењето и со сексот), а делува како награда за мозокот. Едно неодамнешно истражување откри дека за некои луѓе, пијанството не е потребно бидејќи самиот вкус на пивото може да предизвика ослободување на допамин во рок од неколку минути.

Истражувањето на Дејвид Карекен и неговиот тим од Универзитетот Индијана, објавено во списанието Neuropsychopharmacology, опфатило 49 испитаници коишто консумирале мали количини пиво, по што мозокот им бил сниман со помош на PET-скен со којшто се следеле промените во хемискиот состав на мозокот. Испитаниците имале различни навики на консумирање алкохол, некои пиеле многу често, а некои речиси никогаш. Им биле дадени оние видови пиво што најчесто ги пијат. За да го спречат дејствувањето на алкохолот и промените на хемискиот состав на мозокот предизвикани од тоа, научниците им нанеле на испитаниците само 15 милилитри пиво на јазикот со помош на спреј, по што почекале 15 минути.

Промените биле изненадувачки - кога мажите го вкусиле пивото, во нивниот мозок се ослободило зголемено количество допамин во рок од само неколку минути, за разлика од оние испитаници што вкусиле вода или од енергетскиот пијалок Gatorade. Во текот на експериментот, научниците ги прашале испитаниците неколку пати колку многу им се пие пиво, и, што нималку не ги изненадило, се покажало дека повеќе им се пиело на оние што го вкусиле, во споредба со оние што вкусиле вода или Gatorade.

Нивото на ослободен допамин не е случајно. Кај личности со присуство на алкохолизам во семејството било забележано ослободување на повисоки нивоа допамин по вкусувањето пиво. Кај испитаницие што и онака често консумираат алкохол, но без присуство на алкохолизам во семејството, нивото на допамин било просечно.

Според научниците, ова би можело да помогне во откривањето зошто некои луѓе се посклони кон алкохолизам и зошто им е тешко да престанат да пијат алкохол. Речиси истовремено, ослободувањето на допамин по вкусување голтка пиво е моќен механизам што ја активира и засилува желбата за пиво, а склоноста за ова задоволство може да не е наследна. Ова би можело да биде една од причините зошто личности со присуство на алкохолизам во семејството имаат двојно повисока веројатност и самите да биде алкохоличари. Досегашните истражувања веќе покажале како кај личностите со поголема склоност кон алкохолизам одредени стимуланси поврзани со конзумацијата на алкохол (мирисот на алкохолот или самиот поглед на алкохолните пијалоци во бар) може да поттикне ослободување на допамин во мозокот. А ова истражување покажа како кај личностите склони кон алкохолизам ослободувањето големи количини допамин може да настане дури и ако не консумираат алкохол често, при што потребна е само голтка за да започне тој процес.

Извор: smithsonianmag.com 

ОкоБоли главаВицФото