Исечи ја својата иднина - нова кампања на владата

26.04.2013 10:24
Исечи ја својата иднина - нова кампања на владата

Скопје, 26 април 2013

На градителската треска која го зафати центарот на Скопје, се надоврза и новата еко-кампања на македонската влада и градот Скопје, насловена како „Исечи ја својата иднина“.

Целта на кампањата е да се обезбеди што повеќе простор за изградба на објекти во релативно сиромашниот со градби ценар на Скопје. Исто така, се очекува сечењето на дрвјата позитивно да влијае врз здравјето на скопјани, особено на оние што имаат проблем со алергии.

За да не се попречуваат тековните активности и дневната рутина на граѓаните, дрвјата претежно ќе се сечат доцна навечер. Иако до сега речиси нема жители на Скопје заинтересирани за учество во акцијата, властите очекуваат тоа наскоро да се промени.

„Веруваме дека наскоро скопјани ќе ја сфатат важноста на бетонот и излишноста на зелените површини кои и онака ги има премногу. Ги повикувам сите да ни се придружат во организираните акции или дури и самоиницијативно да ги сечат непотребните дрва“, изјави градоначалникот на Скопје, Трале Коцев.

Неофицијално, дознаваме дека властите планираат да започнат уште една кампања која ќе се спроведе во основните училишта - „Секира за секое дете“, додека во средните училишта таа ќе се одвива на малку понапредно ниво: „Знаењето е моќ, знаењето е сила, штом падне ноќ, земи моторна пила“.