Работниците протестираат со едноминутно гасење на скарите

01.05.2013 09:05
Работниците протестираат со едноминутно гасење на скарите

Скопје, 1 мај 2013

Работниците од Излетничкиот синдикат на Македонија денес на пладне ќе одржат масовен протест со едноминутно гасење на скарите на излетничките места. Целта на протестот е да се сврти вниманието на јавноста и конечно да се прекине првомајската традиција без демонстрации.

„Со години сите ги критикуваат работниците дека скарата им е поважна од правата. Ние решивме да докажеме дека не е така, обединувајќи го излетничкиот скараџиски момент со протестите“, изјави за Пара вести Месољуб Хедонџиски, претседател на Излетничкиот синдикат на Македонија.

Хедонџиски додава дека едно од клучните барања на работниците е да се укинат забраните за палење скара во некои планини, паркови и национални паркови. Исто така, Синдикатот бара секоја приватна и државна фирма да основа фонд за излетарина и бесплатно да обезбеди одредена количина месо за сите работници за 1 мај.

„Ќе се бориме до последното ќебапче за нашите работнички права. Секоја година ќе печеме уште повеќе уштипци и колбаси. Ако работите не се подобрат, спремни сме да ги радикализираме протестите и догодина да ги изгасиме скарите и две минути“, вели Месољуб Хедонџиски.

На прашањето дали во барањата на работниците се вклучени и регулирање на работното време, минималната плата и задолжителното здравствено и пензиско осигурување, првиот излетнички синдикалец со полна уста одговори: „Бхрхзххам!“