Деца на борбата

09.05.2013 12:58
Деца на борбата

ДЕЦА НА БОРБАТА

Во нашите раце железо се топи
во градите срце челично бие
од одот земјата се стресува
како да сме ветар или бура ние.

А токму на широките плоштади
нè чека таа со својот шум
впивајќи љубов во нашите гради
и нова верба во нашиот ум.

Нека нè прегрнат копнежите големи
стапуваме со младешки жар
наместо со свеќи, со пушки бојни
окитен ќе биде нашиот олтар.

Во нашите раце железо се топи
во градите срце челично бие
со пушки, со рала и со раце голи
ќе ја урнеме бедата ние.


НИЕ СМЕ БЕЗБРОЈНИ

Безбројни сме ние и во нас
металниот повик на бурата ѕвони
со бодрост, со младост и со вера
обземани сме ние, деца војноборни.

Со раце надежни и железни гради
во кои виорот на бурата пее
со жарот на нашите срца млади
чекаме борбата да зататни.

Нашата борба ќе биде моќна
громовно таа ќе збори
за сè што нашите срца кријат
за сè што во нас гори.

Од нашите раце ќе запее трудот наш
ќе биде тоа песна низ времиња носена
во најмачни беди задоена, одгалена
во таа пламена, лута борба родена.

И кога ќе заблеска бесниот ураган
и куршумите кога ќе загрмат клето
нашата љубов кон оваа земја
ќе им ја кажеме на сите во светот.


ПОЕТ

Јас сакам да станам поет-динамит,
поет на борбата
со рафал во душата,
устремен напред
кон утрешниот ден,
со душа прекалена во тешки борби
во кои само љубовта кон робот татни.

Јас сакам да станам поет на трудот
и зад барикадите,
со пролет во душата
да пеам развиорен
со пушка в раце.

И пламен, во злите утроби на бедата
да стане барут на мојот стих
и виор бурен на моите мечти.

Јас сакам да станам поет-работник,
со песна груба
како плускавиците
на моите раце,
со моќен пламен на срцето.

Во него да пее великиот копнеж
и нашиот устрм
цврст како челик...
Јас сакам да станам поет-динамит,
со јарост во градите, со пролет во мечтите,
слободен и силен и за борби жеден
буен,
бестрашен,
со глас бојна – труба,
јас сакам да станам поет на трудот,
на песната груба.

Затоа те љубам само тебе
о бурна борбо, о вриежу силен;
во твоите пазуви нека ме погребат
мене, синот и поетот огнолик на трудот.

И на барикади моќни кога ќе стапнам
среде дожд куршуми,
среде јаросен дим,
под јаркото сонце
ќе пеам
среќен!

И во мене денес љубов безмерна ечи
во бурната борба, во вриежот тој,
срцето денес нека ми биде пламен рафал
душата бура,
а рацете – меч.

 

НИЕ

Ни песокта во куп на сите барикади
ни димот црн од пушка што нè стрела нас,
не ќе нè запре ниту болката во гради
ќе му ја урнеме на злото злата власт!...

На овој метеж пулсот моќен јас го слушам
го гледам веќе блескотот на нови дни,
па мојата копнежлива и светла душа
со сета силина во бурата се впи!

На сите улици во подземијата им гробни
ќе клајме сè што ни е свето, драго нам,
Оковите од тие црни ропства злобни
ќе ги изгориме со срцата во плам!

О, денес грмат ширните плоштади, нека
и нека ечи над нив сиот вишен свод,
та сонцето се јави да ни каже дека
во песната на крвав труд и оно ќе е плод!

За таков бој сме жедни ко за воздух оти
жедуваме да дојде судниот наш ден,
тој повик борбен за пресметката со злото
поубав е и од најубавиот ни блен!...


НИЕ ЗНАЕМЕ

Деновите ко остри копја нека бодат
од живеачкава да сетиме и бол,
но знаеме во крвта мечти ќе се родат
со оган да го плиснат овој помин зол.

Ни пламнаа и душите и срцата во гради
огнодишна се вивна химна во ек,
за борбата против злото стихот ѝ е надеж
„Ќе го победиме и сотриме тој стег!“

Еј, браќа! Другари! Без награди и слава!
Еј, народе! За твојот спас од злото вкрај
сал на плоштадите в борбената им јава
радосното ти „Утре“ се роди знај.

Пријдете ни о, да ве бакнеме со љубов
со љубовта што вечно ќе нè крепи нас,
Дојдете ни! На бурата со таа зрачна убост
за врагот да го ништиме во овој час!...

 

НИЕ ЧЕКАМЕ

Ние чекаме да дојде громко и силно
на големата бура светлиот Ден.
Младоста наша да полета многукрилно
од барикадите на кои стоиме сега.

Чекаме нивите да зазеленат пак,
морето да се разбранува во радост.
Погледот да се развиори
и животот наш да се вика младост.

Фабриките пак да зашумат гордо
и со новата химна, со новиот бој
да прикажуваат така на сите идни деца
за новиот живот во мир и спокој.

 

 

ЕЛЕГИЈА

О, денес нема ни радост ни мир
за сите оние папсани од трудот.
Каде се, о каде, надежите на животот?
-Татковино ти си во пеколот на студот.

Но твојот пламнат камен бунтува и пее.
Зборовите треперат како вулкан.
Но, кој ги разурнува градовите наши,
-ветер силен, бура страшна или ураган.

Не нè чувај дома, мајко, глас еден нè вика
и ќе тргнеме сите на повик тој.
Можеби нема да нè видиш веќе, но ќе тргнеме ние
за оваа грутка во тешкиот бој.

Не тагувај. О, не! Јас знам дека си храбра,
во тебе струи крв јуначка, силна.
А тоа се звуците на новата песна.
На новиот живот, верувај ни, милна!


НОВИОТ ЧОВЕК

Низ моќниот татнеж на пушки илјада,
гледам, денес новиот човек се раѓа;
во црното ропство тој веќе не страда
-го гради утрешниот век.

Гласот на моторот тој радосно го пие,
го облеваат со пламен електричните сонца;
во него срцето на младоста бие.
-Младост во полн ек.

На своето утре тој душата ја носи
со моќни, плускави раце.
Тој е син на борбата низ која роси
песната на нашиот стег.


ВО ОВОЈ ЧАС

Во буреносниов, во овој крвав час
ги слушаш ли - оковите се кинат
и луѓето пламенеат за својот спас-
по светов огнови и бури минат!

Со алов дим е плиснат овој час
во гнев и јарост трепнат континенти,
насекаде победнички се слуша глас
-пробиени е стените на бентот!

Во овој час на пресметки и оган суден
ќе светнат сите видици и сè ќе гори:
со векој тој што молчел в покор студен
тој денеска -
со пушка и со меч
ќе збори!

Работнику! Та тоа твојот ечи глас
под твоите тешки стапки земјата се вжари,
о, овој толку бурен, овој страшен час
ќе биде крај величествен
на три епохи стари!...


*
Во овој час и од далечната Индија се слуша
бунтовниот развиорен во громок повик глас,
одекнува и овдека во сека страдна душа,
со својот борбен завлек нè понесува и нас.

Се јавија клетниците насекаде по светот
за подвизи ги збра во едно овој моќен зов,
во силен устрем ист и единствен и светол
за широк простор слободен, за убав живот нов.

И кога смртни куршуми им бакнат гради грубо
не им го изгаснуваат за животот тој огнен сон,
неугаснато пламенее в срца таа вечна љубов,
тој копнеж им опстанува и бесмртен е тој!

*
А бурата до врв и Балканот го сепна
и се развиори во секој вчмаен крај,
на сите волни борци срцата им трепнат
во јасна чистота ко лазурот во сјај.

О, партизани, вкрилени за полет, вие
му го вдахнувате на човека тој здив,
о, моќната устременост на тој бој што врие,
о, химната од љубов и од пламен жив!

Ни ги раскинавте оковите... И тогаш
во бездната исполнета со смртен мрак
за век запаливте животворен свој оган,
го кренавте во зенит својот болскав зрак.

О, браќа мои, борбен безброј волно вјатен,
ви праќам денес и јас борбен поздрав вам,
а секој знак од мојве гради кон вас пратен
од мојата огневита срцевина е, знам...

*
Ни долета на рамото надежнината на спасот
да грее оттаму со својата светла моќ,
сознаваме: на студен метеж веќе дошол часот
за убав светол ден да стане сета мрачна ноќ!

И дојде часот, вистината. И бурата е бесна.
Нè плиска бела пена, секој бран до бранот свит,
а Земјата низ Везувот заклокоти, се стресна
да раѓа за иднината сал нови светли дни.

О, браќа налик на кулите во Кина, вие
во таков „легион на смртта“ сте во секој миг,
но врвите исправени во бојот што се бие,
кревајќи го на сеопшт увид својот сончев лик.

И ако луњата од куршуми ве плисне живи,
виулици ве турнат ли во црна скришна смрт,
под пепелта на дните што се ропски глуви, сиви,
пак живот ќе убавее со жар, не помор грд.

Со погледот, со срцата, со душите си волни
кон денот утрешен устремени во овој час,
о, мои другари, со светла надеж докрај полни,
вам срчно поздравување ви праќам и јас!


И МОЖЕБИ ТИ ЌЕ ДОЈДЕШ ТОГАШ

И можеби ти ќе дојдеш тогаш
за последен пат на морскиот срт
немоќен и студен каде спијам
прераната да ја колнеш смрт.

А моите усни насмевнати ќе бидат
и душата уште ќе живее велам
а очите верувај сами ќе видат
и пак со тебе сè ќе делам.

Ќе бидам буден тогаш верувај
дури ќе излезам од темниот гроб
повторно да ја запеам моќната песна
на црниот и побунетиот роб.

Од моите очи ќе капат капки дожд
земјата да ја напојат родна
та и мртов ќе мислам на тебе и неа
ти среќна да бидеш, таа плодна.


Ацо Караманов е роден на 31 јануари 1927 година во Радовиш, како најстаро дете во семејството на Васил и Софија. Кога имал само три месеци, неговото семејство го напуштило родното место поради службата на таткото и отишле прво во Белград, потоа и во други места низ Србија, но во с. Велико Орашје се задржиле повеќе години. Таму Ацо го завршил основното образование и благодарение на неговиот учител кај малиот Караманов рано се јавила љубовта кон литературата. Своите први стихови тој ги напишал уште во второ одделение, односно на 9-годишна возраст.

Согледувајќи ги предиспозициите на Ацо Караманов, неговиот учител лично го одвел да го полага приемниот испит во гимназијата во Смедерево кој го положил со одличен успех. Во прво време, тој живеел сам со мајка му во Смедерево, а потоа кога татко му добил служба во Скопје, се преселиле во Македонија. При крајот на учебната 1937/38 година се запишал во Првата машка скопска гимназија.

Во 1941 се вклучил во СКОЈ и активно учествувал во растурање летоци и други акции. Кон крајот на мај 1944 година семејство се преселило во родниот Радовиш. На почетокот на септември 1944 се придружил на Тринаесеттата македонска народна бригада каде партизанувал само 32 дена. Караманов загинал на 7 октомври 1944, кај с. Смојмирово, Беровско, во борба против германските фашисти.

Во текот на својот живот Караманов не објавил ниту една поетска или прозна книга, но колку што сега е познато, од него се сочувани околу 280 поетски творби, како и неговите бележници, лектирски тетратки, дневнички записи и епистоларија (писма и дописки).

ОкоБоли главаВицФото