10 причини „против“ геј бракови

13.05.2013 09:00
10 причини „против“ геј бракови

Леток полн со сарказам деновиве стана хит на социјалните мрежи во Хрватска, исмевајќи ги конзервативните ставови на „вистинските Хрвати“. Непознат автор составил листа од десет причини зошто треба да се противиме на брачната еднаквост, кои често ги наоѓаме кај луѓето кои острастено „аргументираат“ зошто не треба да се дозволат истополовите бракови.

1. Да се биде хомосексуалец не е природно. Вистинските Хрвати одбиваат сè што не е природно, како очилата, лековите, пластиката или климатизерите.

2. Истополовите бракови ќе ги натераат луѓето да станат геј, како што, да речеме, ако се дружат со високи луѓе ќе станат високи.

3. Ако истополовите бракови станат легални, ќе се случуваат пореметени работи како последица на тоа. Луѓето можеби ќе посакаат да се венчаат со своите домашни миленичиња, бидејќи да речеме, кучето има исти права како луѓето и може да потпише брачен договор.

4. Венчавката помеѓу маж и жена постои долго време и никако не ги изменило обичаите и правата во општеството во кое живееме; жените и понатаму се сопственост, луѓето од различни вери не можат да се венчаат, а разводот и понатаму е забранет со закон.

5. Венчавката помеѓу мажот и жената ќе биде помалку вредна ако дозволиме истополови бракови; светоста на бракот на луѓето како Жељко Керум или Влатка Покос ќе биде уништена.

6. Единствениот брак кој вреди е оној од кој доаѓа нов живот; истополовите парови, неплодните парови и старите луѓе не би смееле да се венчаат бидејќи нашите сиропиталишта имаат уште места, а на светот му требаат уште деца.

7. Нормално, хомосексуалните родители ќе одгледаат хомосексуални деца, како што хетеросексуалните одгледуваат само хетеросексуални деца.

8. Религијата не поддржува истополови бракови. Во строго католичка држава како што е Хрватска, вредноста на една религија мора да им биде наметната на сите граѓани. Затоа имаме само една религија во државата и забрането е да се биде агностик или атеист.

9. Децата не можат да успеат во животот ако немаат машки и женски пример дома. Затоа нашето општество изрично им забранува на самохраните родители да одгледуваат деца.

10. Истополовите бракови ќе ги променат темелите на нашето општество; никако нема да можеме да се прилагодиме на новите општествени обичаи. Како што никогаш не се прилагодивме на автомобилите, мобилните телефони, капитализмот или подолгиот животен век.

Извор: lupiga.com