Марихуана: вистини и заблуди

13.05.2013 14:14
Марихуана: вистини и заблуди

Дали постојат клинички докази за ефектите од употребата на најкористената нелегална супстанца на светот?

Марихуаната е мешавина од ситни парчиња суви цветови, листови, стебленца и семиња од билката Cannabis sativa, и како лек или рекреативно се користи веќе пет илјади години. Се верува дека кинескиот владетел Шенг-Нунг за прв пат официјално ја употребил за медицински цели околу 2700 година пред новата ера. Од почетокот на 19. век, марихуаната започнува да се третира рамноправно со останатите лековити билки, односно со лековите на база од билки. Лекарите ја препорачувале при најразлични проблеми – од несоница до сексуални дисфункции (како што е укажано во кратката историја на медицинската употреба на марихуаната).

Денес марихуаната е најкористената нелегална супстанца. Според проценките на Обединетите нации од 2010 година, канабисот го користат помеѓу 119 и 224 милиони луѓе ширум целиот свет. Една година подоцна, една анкета спроведена во Америка покажала дека 18 милиони граѓани на САД, постари од 12 години – односно речиси седум проценти од американската популација – барем еднаш во месецот употребуваат канабис.

И покрај долгата историја и распространетата употреба, постојат многу малку клинички докази за ефектите на канабисот. Примарната причина за тоа лежи во фактот дека марихуаната е нелегална во повеќето земји низ светот. Како последица на ова, кога лабораториите или универзитетите ќе издадат лиценца за истражување на ефектите на марихуаната, владите обично ги финансираат студиите свртени кон потенцијално негативните последици од нејзината употреба. Сепак постојат и кредибилни документирани докази за медицинските бенефиции од употребата на канабис.

Со сигурност е докажано дека марихуаната е корисна при лекувањето на хроничните болки (на пример, кај мигрената, болките во вратот или во долниот дел на грбот), дека го зголемува апетитот кај заболените од сида, односно дека ја намалува мачнината и нагоните за повраќање – несаканите последици од хемотерапијата кај пациентите заболени од канцер.

Покрај случаите на хронична болка, марихуаната ја ублажува периферната неуропатија кај пациентите заболени од сида, како што покажува студијата изведена од страна на експерти во 2007 година во Општата болница во Сан Франциско. Во оваа студија учествувале 50 пациенти, при што половина од нив дневно консумирале по три џоинта, а втората половина од нив добила плацебо-цигари со вештачки вкус и мирис на марихуана, но без нејзината активна состојка (делта 9-тетрахидроканабидол; THC). Резултатите покажуваат дека иако лажната марихуана имала плацебо ефект, корисниците на вистинскиот канабис пријавиле два пати поголемо намалување на болките во однос на субјектите од контролната плацебо-група.

Прелиминарните истражувања укажуваат дека канабисот ги ублажува и ги проретчува епилептичните напади (иако доказите не се конклузивни), како и дека би можел да биде корисен во третманот на некои симпотми на мултиплекс скелероза.

Во меѓувреме, првобитниот оптимизам во однос на улогата на канабисот при лекувањето на глаукомот, сè повеќе се намалува. Имено, марихуаната навистина го намалува очниот притисок, но ефектите траат само од три до четири часа. Од друга страна, повторната употреба на марихуаната во подолг период го зголемува крвниот притисок, што може негативно да влијае врз глаукомот.

И медицинската употреба на марихуаната има свои ограничувања. Марихуаната содржи повеќе од 480 хемиски состојки, меѓу кои 66 се канабиноиди, а најактивен е THC. Канабиноидите имаат способност да се сврзуваат со канабиноидните рецептори кои се распоредени буквално во сите делови на човечкиот мозок и се поврзани со најразлични аспекти од човековата психа како: доживувањето на задоволството, мислењето, памтењето, вниманието, сетилните впечатоци, перцепцијата на времето… Како последица на сето ова, стимулацијата на овие рецептори, а со самото тоа и на функциите кои се засновани на неуротрансмисијата во која се вклучени, секогаш можат да предизвикаат несакани ефекти. На пример, аналгетските својства на канабисот се манифестираат преку неутрални механизми коишто се испреплетени со оние кои на подолг рок доведуваат до промена на состојбата на свест. Кај пациентите со канцер во терминална фаза ова и не претставува голем проблем, но сепак мора да се земе предвид кога станува збор за млада личност која страда од мигрена или за работник со болки во грбот.

Интересен е фактот дека марихуаната содржи поголем дел од токсичните супстанци коишто се наоѓаат и во тутунот, но од некоја причина, барем како што укажуваат резултатите од досегашните истражувања, таа не предизвикува влошување на состојбата на белите дробови. Според резултатите од една неодамнешна лонгитудинална студија, во која учествувале 5000 рекреативни корисници на канабис, умереното консумирање на марихуана нема негативно влијание на здравјето на белите дробови. Авторите на студијата го ограничиле „умереното консумирање“ на еден џоинт дневно.

Нема согласност ниту во однос на ризиците од употребата на канабис, како што се појавата на психотични симптоми, слабеење на когнитивните капацитети и зголемување на ризикот за добивање рак на тестиси. Со малку поголема сигурност може да се каже дека во однос на возрасните, тинејџерите се изложени на поголем ризик при редовното консумирање на марихуана (нивниот мозок сè уште се развива), но од друга страна, стапката на заболени од шизофренија стои на нивото од еден процент кај консумерите на канабис.

Дали марихуаната води кон употреба на „потешки дроги“? Ниту за ова прашање не постои конклузивен одговор. Она што е сигурно докажано е дека околу 9% од редовните корисници развиваат симпотми на зависност, при што марихуаната и понатаму е помалку штетна од никотинот при чие консумирање зависноста се јавува во 35% од случаите; од кокаинот, каде што 17% од рекреативните корисници стануваат зависници; и од алкохолот при кој зависноста се јавува во околу 15% од случаите.

Конечно, треба да се има предвид и дека резултатите добиени од научните студии за марихуаната не можат целосно да се пресликаат на реалното опкружување. Во истражувањата се користи медицинска марихуана со воедначена чистота и квалитет, а рекреативните корисници не можат да ги контролираат овие параметри. Но наместо тоа можат да го почитуваат правилото: не седнувај зад воланот најмалку три до четири часа по пушењето џоинт!

Извор: mindreadingsblog.wordpress.com