Црна пејачка

20.10.2009 12:11
Bili_Holidej-Slapsak.jpeg

Од дваесеттите години на 20 век, односно од ширењето и популаризацијата подеднакво и на звучните и на визуелните техники за умножување на сензациите, пејачката и танчарската култура на американските Црнци е дел од светската популарна култура. Денес, кога џезот (барем во Европа) главно е во полето на уживање на интелектуалната елита во посериозни години – за разлика од MTV светот – тешко ја разбираме реакцијата што го следела џезот на почетокот на бранот на популарноста: џезот е врзуван за скандалот на телесноста, неморалот, промискуитетот и застрашувачките фантазми на белците за црнечката сексуалност и „инстинкти”. Во раните американски филмови, пејачи и цели оркестри се маскирале во црнци, за во крајна линија да заработуваат изведувајќи ги музиката и танцот на депривилегираните, бесрамно крадејќи го нивното творештво. Тоа, впрочем, на сцените на кабареата и клубовите го изведувале од втората половина на 20 век. Но бидејќи односот на експлоатираниот – колонизираниот и колонизаторот никогаш не е само еднонасочен, џезот стана најголем, најсериозен и секако културно најпродуктивен канал низ кој Црнците продирале во светот и ги кршеле стереотипите за безгрижните сиромаси на кои ритамот и блузот им се „во крвта”. Во една колку-толку сочувана европска субкултура која може да се мери со џезот, грчката ребетска музика – ако ја исклучиме врвно изманипулираната традиција на Ромите – сличен социјален и културен процес се повторува речиси во идентичен облик. Субкултурата се развива врз отпорот и пародирањето на високата култура, воспоставува свои правила и свој сензибилитет, свои кодови и свои импровизации, до точка кога станува прифатлива за владејачката култура. Потоа има избор да остане скаменета во фолклористичката ниша, да се стопи со обично цензорски условените барања на високата култура и со тоа да ја плати својата прифатливост или да пронајде социјална мрежа во која непречено ќе преживее. Она што се случи со џезот покажува дека секој од овие начини на преживување во извесна мера успеал и дека некои типови на адаптација дури развиле и нови стилови.

Во дваесеттите години на 20 век, по (и меѓу) многубројни авангардни движења и по преживеаната прва глобална воена катастрофа, европската но и американската култура биле подготвени да го прифатат „неубавото” и „дивото” - африканската уметност, тангото, црнечката музика, сè што значело живот во изворни облици. Постапката едноставно значи проширување на парадигмата на владејачката култура, со истовремено одредување на јасни граници на субкултурата, нејзините уметници и нејзиниот свет. Што значи во таква ситуација да се биде не само претставник на субкултурата, туку уште и да се биде друг во неа, изложен на строгите патријархални правила и внатрешното насилство на сопствената група, покажува иконата на црната пејачка, која далеку ги надминува границите на полот, класата и бојата на кожата. Постоеле и постојат многумина што и денес му пркосат на техно умножувањето на пеењето и музиката и на соодветните барања за беспрекорни мускули. Но само една личност умеела на уметноста на џез импровизацијата и на сензуалноста на субкултурниот губитник да им ја додаде трагичната длабочина и да пее така што од меланхолијата ќе направи антиотров против депресијата: Били Холидеј.

Родена во 1915 година во Балтимор, Били Холидеј од татко и’ гитарист и виртуоз на бенџо, Кларенс, ги научила основните импровизации и како млада девојка ја почнала кариерата со плоча уште во 1933. Работела со многу познати џез музичари на епохава и одела на турнеи со познати оркестри, кои ги воделе Каунт Бејси и Арти Шо. Но нејзиниот вистински успех се сместува во четириесеттите години кога пеела по различни клубови во Њујорк и ги снимила своите најпознати плочи. Нејзиниот прекар „Lady Das” остана со неа означувајќи извесен субкултурен аристократизам, отмена осаменост, која извирала од нејзината појава и нејзиното пеење. Начинот на пеење на Били Холидеј, иако, најблизок до болниот блуз вклучуваше виртуозни импровизации, непогрешливо чувство за ритам (свинг) и изразена иновативност. Од љубовно лелекање до шепот, еротичноста на нејзиното пеење и искрената посветеност на слушателот ја чинат Били Холидеј дури и денес, речиси половина век од нејзината смрт, најпопуларна дама на џезот. Нејзини идоли биле Беси Смит и Луис Армстронг од кои научила дека спомениците на џезот и старите традиции можат да се обновуваат со нови значења и нови техники. Били Холидеј секогаш пее за еден слушател, за мене. Нејзиното пеење е осамено, издвоено, песна на другиот. Како ни една друга џез пејачка, Били Холидеј со своето пеење го испишува текстот на културата и нејзината манипулација. Црното тело, телото на страдањето, е „делегирано” од белата култура да ги изрази оние состојби и оние чувства во кои белото тело, поради своите идеолошки и други ограничувања, се чувствува цензурирано и ограничено од срамот. Кога црното тело ги изразува тие чувства во висока уметничка форма, фрустрациите на белото тело се јавуваат како уживање. Уживањето во овој крајно двосмислен однос е поделено; барем така би сакала да го претстави белата култура.

Просторот на уметничката слобода би требало да го задоволи и копнежот за слобода воопшто, почитувањето на уметноста би требало да го надомести почитувањето на еднаквоста. Црниот џез уметник, меѓу привилегиите што ги ужива во доминантната бела култура и видливата социјална беда и неправда во која живее дел од општеството што го смета за „свој”, треба учтиво да молчи, или уметнички да го „транспонира” својот поглед на светот, така што нема да загрозува ниту една страна на светот, ниту себе меѓу нив. Тој вид траума често се „преведува” со субкултурните практики какви што се дрогата и алкохолот. Били Холидеј го сретна своето проклетство, хероинот, во често неизвесни животни ситуации во падовите и подемите, во очигледната борба да се одржи како независен творец и во постојаниот судир меѓу субкултурната парадигма што мораше да ја зачува и суро-вите правила на капитализмот.

Били Холидеј од својата смрт е икона за секој што ги сака џезот, автентичната сензибилност и присуството на „душа” во гласот. Станала значајна за жените и новата црна политичка култура дури дваесетина години по смртта кога нејзината кариера и нејзиниот животен пат се разбрани како типски урнек на лабилниот однос на искористувањето и пермисивноста меѓу расно одредените култури на Америка. Нејзината автобиографија Дамата пее блуз, стана еден од многу цитираните споменици на црнечкото колективно паметење и се појави и во филмски холивудски облик. Денес иконата на црната пејачка го отвора подрачјето на новите толкувања на културата и полот, бидејќи „деградирањето” на автентичните емоции се појавува како една од основните стратегии на општествената конструкција на половоста. Доминантната култура, машка и бела (иако не нужно), за себе го чува подрачјето на ритуалот на хипокризијата бидејќи и’ се потребни за зачувување на моќта. За тоа да биде помалку видливо, доминантната култура за себе отвора подрачје во кое другиот пол, другата раса И другата култура ќе имаат подрачје за изразување и во него ќе извршуваат двострана функција – снабдување на доминантната култура со задоволства и снабдување со самосвест за пермисивноста. Во груби облици, самиот простор се организира така што субкултурата има свое место на кое „се оди”: црнечките делови на Њу Орлеанс сè до пред неколку децении (денес топографијата на градот е високопрофесионализирана), циганските кафеани во Европа и слично. За потребите на модерниот туризам таквите простори денес повторно се измислуваат како Плака во Атина, предградијата на Гранада и Севилја и слично.

Во посуптилни но неспоредливо пораспространети облици, за жените во општеството се резервира простор за изразување на емоциите, кои за мажот се општествено сомнителни: солзите, чувствителноста, слабоста. Тоа истовремено значи и ограничување на обемот на женското општествено влијание, периферизација на жената во општеството, стереотипизација на половите улоги и манипулирање со нив. Тоа што жените ја прифаќаат играта е само доказ за притисокот на историјата и обичаите, на улогите што се веќе кодифицирани, а да не зборуваме за отсуството на гласот на жената и женската политика.
Неспоредливиот глас на Били Холидеј, затоа, е вокална икона на женската и расната изолираност, на тагувањето за неостварената еднаквост и заедништво, протест против манипулацијата со улогите. Нејзиниот глас се извива од затворот на социјалната, класната и половата неправда, но тоа сигурно не е сè. Кога ги слушаме God bless the child, Lover Man и повеќе од класичниот Night and Day, среќата и жалоста на човечкото тело се евоцираат во потсетување на смртноста. Кога би го одредувале блузот како тип на текст односно жанр, веројатно би се задржале на истото јадро на значење. Потсетете ме на смртта за повеќе да уживам. Не е потребно да се нагласува колку овој став се опира на основите на христијанскиот морал и на правилата според кои некои би сакале да живееме и денес. Кога ќе ви се причини дека премногу ве притиснале, затворете се, наточете си го омилениот пијалак и пуштете ја Били Холидеј. Ќе излезете поинакви.

Од Светлана Слапшак можете да ги прочитате и овие текстови:

Феминистка

Женските нозе

Чоколадо

Филмската хероина на триесеттите

Читајте го Персеполис

Кичот

Bad

Женските ликови на Волт Дизни

Валентина Терјешкова

Европскиот претседател

Слични содржини

Култура / Историја
Филм / Историја
Балкан / Историја
Музика / Историја
Историја

ОкоБоли главаВицФото