Лижење чизми

23.05.2013 13:59
Лижење чизми

Кога структурите ќе ги постават линиите, први што газат преку нив се уметниците. Структурите ги сакаат ѕидовите. Уметниците ја сакаат слободата и ги уриваат ѕидовите за да му дадат на творештвото простор да се движи, воздух да дише.

Затоа, структурите од памтивек создаваат послушници токму меѓу уметниците. Кабинетите на моќниците не може да се замислат без уметници кои го свиткале својот `рбет и се согласиле да ја играат улогата на дворски шутови. Секогаш се на услуга да го забавуваат својот господар.

Уметниците-дворски шутови се и вредни апологети и создаваат дела со кои се поддржува политиката и го јакнат имиџот на господарите. За возврат, господарите владеат со нивното тело, дух и душа.

Зошто? За храна, облека и живеалиште. Некој ќе рече и за позиција во општеството, титули и влијание. Се сомневам во тоа. Уметниците сами по себе имаат позиција во општеството, титули им се безвременоста и бесконечноста, а влијанието еманира од нивните дела и личности.

Меѓу дворските шутови има и креативни, вредни луѓе, чие мајсторство предизвикува возбуда и восхит. Но нивната апологија на бескрупулозните моќници остава горчлив вкус во устата и ги девалвира делата кои ги создаваат. Салвадор Дали е прекрасен уметник, но засекогаш ќе остане и дворски шут на оној гад, Франко. Зошто? За пари.

„Уметниците имаат потреба да творат, но и да бидат неутрални, да виреат надвор од политичките збиднувања и процеси.“ Одлична стапица. Значи, не мора да бидат ни дворски шутови, а уредно да ја играат истата улога, но со помалку пари или бесплатно.

Уметниците не смеат да имаат став за сиромаштијата и насилството, не би требало да се мешаат во теми како човекови права и слободи, мир и ненасилство. Нема зошто уметниците да се произнесуваат за убиството на човечките вредности, достоинството, убавината. Тие треба мирно и во тишина да творат дела кои се плод на нивната имагинација и таленти. Политички затвореници, националистичка хистерија, гушење на слободата на говорот, безмилосна експлоатација, дискриминација – со тоа треба да се занимаваат луѓе кои се повикани за тоа, луѓе со мускули, а не уметниците.

За уметниците се резервирани страниците и рубриките за култура. Таква рубрика секогаш и секаде има. Да, може да има и повеќе. Барем малку повеќе. Па, за спорт и забава има толку простор, зошто барем малку повеќе да не се посвети внимание на културата? Заслужуваат уметниците! Да, тука почнува и завршува „бунтот“ на уметниците – во „битката“ за десетина секунди повеќе во просторот кој го зафаќаат популарните рубрики во медиумите. Не се мешаат во политичката порнографија, освен кога се повикани да ја воспеваат. Тие се неутрални и аполитични. Покрај тоа, никогаш не се знае, можеби на нив ќе падне милозливиот поглед на Структурата.

Гладни за вниманието на Структурата, дворските шутови се пресреќни кога ќе им фрлат некоја коска со малку мевце. Тие тогаш се чувствуваат „избрани“. Нивниот рефлекс тогаш е да се испружат пред своите господари и понизно да почнат со лижење на нивните чизми. Меѓу два сочни потега со нивните јазици по површината на чизмата на господарот, додека земаат здив, изговараат ласкави зборови. Потоа се „исправаат“ на своите колена и уредно се заблагодаруваат за вниманието и коската. Коската која господарот и неговите кучиња ја изглодале, а секако ја грабнале од народот. Да, дворските шутови и тие што се туркаат тоа да станат, се заблагодаруваат на погрешна адреса, бидејќи и месото и коските се на народот. Поточно, месото и коските се самиот народ.

Уметниците го заслужиле вниманието веќе со тоа што својата креативност, своите идеи и визии ги преточиле во уметнички дела. Нивните животи и нивните дела се запчаниците на цивилизацијата. Колку и да изгледа неверојатно во овие и ваквите времиња, уметниците се супстанцијата на бунтот, смислата на општеството. А тие што се ничкосале пред чизмите на каприциозните узурпатори, се помочале на сопствените дела и станале соучесници во грабежот.

Извор: kolumni.sakam.info
Слики: Хорхе Берлато