Започна бунтот против режимот на Ердоган

01.06.2013 23:13
Започна бунтот против режимот на Ердоган

Започна бунтот против режимот на Ердоган: ескалацијата на антивладините протести во Истанбул и Турција

 

Уште на почетокот на оваа недела, односно во понеделникот, започнаа протестите во Истанбул на просторот на градскиот парк Гези, против градежните планови и девастацијата. Имено, властите планираат на овој простор да изградат нов трговски центар. Но во текот на последните неколку денови, овие мали протести прераснаа во нешто многу поголемо – во бунт против актуелната власт кој сè повеќе се засилува.

Вчера во Истанбул избија жестоки судири помеѓу демонстрантите и полицијата, додека во истиот момент се ширеа информациите дека демонстрантите се мобилизираат во повеќе градови ширум земјата – во Измир, Анкара, Адана итн.

Во текот на вчерашните судири кои траеја во текот на целата вечер, беа повредени поголем број лица, меѓу кои и туристи кои случајно се нашле таму. Информациите велат дека ова е досега најжестоката реакција на полицијата против актуелните антивладини протести кои се сè помасовни.

Судирите започнаа истото утро кога полицијата ги нападна демонстрантите кои кампуваа во паркот. Сведоците истакнуваат дека полицијата употребила големи количини солзавец. На улиците настанала општа паника – децата од основните училишта трчале расплакани низ улиците откако полицијата ја заземала целата територија. Во меѓувреме настрадале и туристите кои се обидувале да се вратат назад во своите хотели.

„Ние немаме Влада, ние го имаме Ердоган... Дури и членовите на АКП (владејачката партија) тврдат дека го изгубил разумот, дека веќе никој не слуша, вели професорот Корај Цалискан од Босфорскиот Универзитет, кој исто така присуствувал на актуелните протести. „Ова е почетокот на летото на немирите“, вели тој.

Овој месец избувнаа повеќе немири во Турција. Првиот поголем антивладин судир со полицијата се случи за време на прославата на Први мај. Следната конфронтација беше за време на масовниот протест во градот Рејханли каде што на почетокот на месецот имаше неколку теористички напади.

Ситуацијата во Сирија секако е еден од клучните фактори поради кои избувнаа големите антивладини протести, но постојат и многу други причини, меѓу кои посебно се истакнуваат и новите рестрикции во однос на забраната на продажбата на алкохол и слично. Од Amnesty Interational истакнуваат дека се загрижени поради употребата на прекумерна сила против мирните демонстранти.

Вчера околу пладне полицијата постави барикади, по што започна масовно да ги претресува луѓето, беа поставувани полициски пунктови, а на улиците можеа да се забележат и тешки оклопни возила. По неколку часа, дури 12 лица беа тешко повредени со удари во главата, додека стотици се жалеа на проблеми со дишењето поради прекумерното количество на солзавец. Еден египетски турист (34) кој случајно се нашол во центарот на градот за време на судирите бил итно опериран по удар во главата. Еден член на опозициската партија „Мир и Демократија“ се наоѓа во болница и е во сериозна состојба.

До 17:00 часот, ситуацијата значајно ескалираше и имаше повеќе судири во блиската подземна железница. Полицијата ги туркаше луѓето на земја, фрлајќи гранати со солзавец на влезовите во метрото. Наскоро полицијата започна да употребува и водени млазови и гумени пендреци, особено во кавртот Харбије. Сведоците истакнуваат дека во хаосот имало и многу стари луѓе и деца.

Инаку, во средата водачот на опозицијата Кемал Киличдароглу, од Републиканската Народна Партија ги посети демонстрантите кои го подигнаа кампот во паркот, и рече дека неговата партија ќе ги поддржи демонстрантите кои тогаш се обидуваа да ги спречат булдожерите.

Партијата „Мир и Демократија“ ја опиша полициската интервенција како „државен терор“.

Турските медиуми настојуваа што е можно помалку да известуваат за ескалацијата на антивладините протести, но вестите многу брзо се ширеа по социјалните мрежи, а особено на Твитер. За само неколку часа протестот за одбраната на паркот Гези прерасна во отворен бунт против режимот на Ердоган.

„Тука веќе не се работи за дрвјата, туку за притисокот кој го трпиме од страна на владата. Доста ни е, не ни се допаѓа правецот кој го следи нашата земја“, вели еден студент на протестот, кој излегол на улица откако слушнал дека полицијата ги напаѓа демонстрантите со солзавец.

Наскоро избувнаа протести и во Анкара каде што полицијата исто така ги нападна демонстрантите со солзавец. Тие настојуваа да се пробијат до седиштето на владејачката партија АКП. На улиците излегоа во знак на поддршка на бунтот кој избувна во Истанбул.

До вечерта протестите се проширија и во другите градови. До 3 часот наутро протетстите го зафатија цел Истанбул – немаше дел од градот во кој луѓето не излегоа на улиците, удирајќи во садовите, свирејќи во автомобилите. По градот се слушаа извиците: „Ердоган поднеси си оставка!“

Ситуацијата се влошуваше со секоја измината минута и наскоро на демонстрантите на плоштадот Таксим им се придружија и фудбалските навивачи. Сведоците истакнуваат дека вакво нешто никогаш не се случило во Турција.

Доаѓањето на овој ден веќе подолго време се очекуваше и се чини дека ова е почетокот на вистинската побуна против владата на Ердоган. Поддржувачите на исламистичката партија АКП тврдат дека во времето на Ердоган Турција нагло напреднала во економска смисла. Статистички гледано, тоа е вистина, но статистиката не се занимава со разликите помеѓу богатите и сиромашните, со човековите права и со другите важни теми кои го предизвикаа овој бунт.

Турција има богата традиција како секуларна држава и народот е подготвен да ги брани тие тенденции од исламизацијата на општеството под водството на АКП и на премиерот Ердоган. Пред сè, тука е и конфликтот со Сирија – поголемиот дел од турското население жестоко ја одбива политиката на Анкара во однос на соседната држава Сирија. Турција не ја нападна отворено Сирија, но слободно може да се рече дека владата на Ердоган стана агресор и дека на тој начин директно им помогна на сите екстремни милитанти кои преку територијата на Турција влегоа во Сирија. Така таа ја компромитираше безбедноста на сопствената земја и никакви економски податоци не се оправдување за тоа.

Не сме сведоци на будењето на турскиот народ, бидејќи тој е буден веќе подолго време – сетете се на масовните демонстрации против вмешувањето во сирискиот судир, кои се одиграа на улиците на Истанбул. Оваа фаза следува по будењето, ова е конкретна акција чија цел е одбрана на земјата од авторитативната власт која народот сака да ја отфрли. Ова е борба против полтронската политика која ја претвори Турција во сателит на империјалистичките сили.

Ердоган премногу долго се залагаше и работеше за „смената на режимот“ во соседството, а сега е време и тој самиот да го искуси тој процес, но со една разлика: она што сега се случува на улиците низ Турција секако не е поттикнато „однадвор“, како во случајот со Сирија, туку е дел од еден автентичен народен отпор.

Дали ова е почетокот на крајот на мегаломанското владеење на Ердоган во чии рамки веќе со години се спроведуваат масовни апсења, политички угнетувања, прогони на новинарите и безрезервно приспособување кон идеите на ММФ, САД и на реакционерните движења од типот на Муслиманските Браќа? Падот на режимот на Ердоган би бил важен фактор за стабилизација на целиот регион – сега сè е во рацете на турскиот народ.

Извор: advance.hr

ОкоБоли главаВицФото