Синдикален лидер дал оставка поради премалку организирани екскурзии и излети

05.06.2013 12:35
Синдикален лидер дал оставка поради премалку организирани екскурзии и излети

Скопје, 5 јуни 2013

Лидерот на ССМ (Синдикални сеирџи на Македонија) Трајко Трајков - Трале, поднесе оставка, по притисоците од страна на членството кои уследија откако се испостави дека тој не ја исполнил минималната квота на организирани екскурзии и излети.

Според информациите до кои дојде екипата на Пара вести, Трајков испуштил неколку атрактивни термини за прошетка на членството затоа што во тоа време организирал симболични протести пред институциите надлежни за подобрување на работничките права.

„Кај членството се појави револт уште кога четворица членови наместо ветените четири, добија три и пол плескавици на првомајскиот излет на Водно. А и сите пива не беа подеднакво ладни. Дали Трајко се залага за еднакви права на работниците и каде одат парите од членарината“, прашува синдикалецот Перо Ждеров, кој додава дека е бесмислено заради некакви протести да бидат одложени екскурзиите и прошетките.

Заменикот на Трајко Трајков ќе биде избран откако синдикатот претходно ќе се консултира со владата и новиот министер за труд и социјална политика.