Конески: Кажувања (4)

26.10.2009 14:32
martinoski_3.jpg

За читањето

Во гимназија, се разбира, јас почнав повеќе да читам. Се сеќавам кога првпат ми дојдоа до рака сините книги на Српска книжевна задруга. Тоа беше во распустот, пред да се запишам во гимназијата. Значи, по завршувањето на основното училиште. Од некаде ги добив песните од Стеван Бешевиќ и романот „Црвене магле” од Драгиша Васиќ. Јас ги прочитав тие книги. Мислам дека слабо ја разбирав содржината, меѓутоа мојот интерес беше голем при тоа читање. Дури можам да кажам, што се однесува до поезијата, дека особено ме привлекуваа некои стихови, што тешко можев да ги разберам. Еден од тиа стихови подоцна често пати си го повторував ... „несреќнога Едгар Поа”. Јасно, за мене не беше разбирливо на кого се однесува тој текст, но нешто сугестивно носеше тој стих за мене и нешто ме привлекуваше. Исто така ја чувствувам, ја паметам, атмосферата на таа проза „Црвене магле”. Сега не би можел фабулата да ја реконструирам, но остана нешто, што можеме да го наречеме, како некаква емоционална подлога на текстот. И во случајот со песните, и во случајот со таа проза, како јас да сетив еден подлабински слој во литературата и што допира до нас, до нашето сфаќање, до нашето разбирање, макар дури и да не ја следиме како што треба содржината или пораката.
Во Прилеп имаше многу малку книги. И дома ние имавме малку книги. И училишната библиотека беше скромна. Сепак, можеше да се најде, кога се интересира човек, нешто за читање. Мојот татко обрнуваше уште од почеток внимание на тоа јас да бидам колку што е можно снабден со литература. Тој дури и ми набави еден мал рафт за редење на книгите, за чување на мојата лична библиотека. А исто така и една масичка, на која можев да работам, да пишувам. Јас своите малубројни книги ги чував љубоморно и се однесував со големо внимание спрема нив. Ги редев на рафтот, ги заведував во регистар, им ставав броеви, така што мојата збирка личеше навистина по форма на една вистинска библиотека. Голем настан беше кога татко ми ми купи „Свезнање”. Тоа беше кратка енциклопедија, излезена во Белград. Мислам дека издавачкото претпријатие се викаше и тогаш „Просвета”. Јас се служев многу со таа книга. Читав различни единици во лексиконот. А најмногу во почетокот ме привлекуваа оние фотографии на соработниците и податоците за нив. Тоа беа, во голем број, универзитетски професори. Ми се чинеше дека тоа се луѓе што спаѓаат во некој недостижен Пантеон за мене, па после се случи и јас да станам професор, колку да видам дека и таа работа е обична.

Јас бев доста пристрасен кон читањето, со голема желба читав. Дури се сеќавам и која книга прво ја позајмив од школската библиотека. Тоа беше „Низ пустињата и прашумата” од Хенрик Сенкјевич. Покрај овие книги, се разбира, ние читавме и стрипови или приказни за Индијанците. Тогаш се издаваше таква евтина литература. Ете, не било сè со високи вредности. Дури, и се занесувавме, делевме меѓу себе улоги, земајќи имиња на некои индијански главатари, на пример - Соколово Око, Орлова Канџа... Измислувавме тајни азбуки за да се допишуваме. Сето тоа влегуваше во поширокиот круг и на нашите игри.

Предметите на училиште лесно ми одеа. Секогаш се истакнував, а тоа значеше нешто за мене, бидејќи јас, инаку бев секогаш најмлад во класот, најмал, малку потиштен. А се разбира, ова беше извесна компензација психолошка. Можам да ви кажам дека во целата нижа гимназија јас немав помала оценка од петка од сите предмети, иако имаше разлика во тоа како ми одеа и како ме привлекуваа извесни предмети. На пример, не чувствував наклоност спрема математиката. После, во вишата гимназија тоа дојде и до поголем израз, тој однос спрема математиката, па и спрема некои други науки од областа на егзактните дисциплини.


Први обиди за пишување

Во основното училиште воопшто не сум имал некаква претстава за тоа. Почнав да пишувам песнички во први клас гимназија. А поводот беше доста интересен. Немавме извесно време наставник за српски јазик и на еден час дојде како замена математичарот Ламбро Тозијевиќ. Тој беше ресенчанец, чичко на покојниот Драги Тозија. Во гимназијата се плашеа од него. Тој нам не ни предаваше... Воопшто, имаше еден страв од него, бидејќи беше доста строг и знаеше да мава, да тепа. Ламбро дојде и нè праша: „Дали знаете бре вие како се пишуваат песни?” Ние, се разбира, не знаевме. И, тој вели: „Ќе земете и ќе гледате во секој ред да има подеднаков број слогови”. Тоа мене страшно ме заинтересира. Направив проверка дома. Навистина беше така. Направив проверка на некои песнички во учебниците, во читанките. Тоа ме заинтересира повеќе како еден вид игра, како решавање на некаква енигматска задача. Јас имам и до денеска наклоност кон енигматиката. Едно време дури, во вишата гимназија, и сум соработувал со свои енигматски состави во списанието „Укрштеница”, што излегуваше во Белград. Тоа се едни од моите први објавени работи, тие енигматски состави. Да, да. Под мој потпис имаше. Се случуваше и на насловната страна да излезе мој прилог. Од различен вид беа тие прилози: крстозбори, шаради, ребуси и така натака.

Се сеќавам дека една крстословка направив за писателот Бранимир Ќосиќ. Тие беа тематски. Ете, таа беше од областа на литературата. Но, сега да се вратам на овој почеток на пишување на песните. Значи, сум имал можеби неполни десет години. И, кога го добив тој „клуч” со броењето на слоговите во редот, јас самиот се обидов да направам еден таков состав. Се сеќавам и за првите стихови „петлови певају у рану зору”. Се разбира, пишував на српскохрватски јазик. Тоа беше нашиот писмен јазик, тогаш што го владеевме. И продолжив натаму, следејќи го ритмичкото чувство, без да бројам баш во секој ред колку ќе дојдат слогови. На крајот излезе дека сите стихови ми се согласуваат по бројот на слоговите, освен првите два. А тие излегоа пократки за два слога. И барајќи решение за тоа, јас се сетив дека во српскохрватскиот јазик има ијекавски изговор. И го употребив тој изговор. Така што првите два стиха во новата верзија гласеа „пијетлови пијевају у рану зору”, и така натака.

Јас толку се занесов со таа игра, со пишување на песнички за зимата, за пролетта, за сцени од животот, за цвеќињата, за птиците, што немаше ден, буквално. да помине, а јас да не напишам барем една песничка. Понекогаш и повеќе пишував. Првпат една таква своја творба пласирав во својата тетратка за краснопис. Тоа беше во втори клас гимназија (сегашно шесто одделение). И тоа не остана незабележано, бидејќи нашиот професот за цртање и краснопис, Велебит Рендиќ, го прочитал текстот, го заинтересирало чиј е составот. Ме праша и јас изјавив дека самиот сум ја напишал песничката. И, тој ме охрабри.


Професорот Рендиќ

Тој е, мислам, необично заслужен човек за развивање на културните дејности во градот Прилеп. Тој му е син на познатиот хрватски скулптор Иван Рендиќ. Тие се Далматинци. Од островите некаде дојдени. Беше заслужен за развивањето на културните дејности не само во гимназијата, ами и во градот. Тој ги анимираше оние претстави, аматерски театарски претстави, изложби. Особено беше заслужен во својата потесна област, во областа на ликовната уметност. Тој создаде и некаков аматерски кружок од млади, талентирани луѓе, што сакаа да бидат упатени во сликарството. Мое лично уверение е дека од таа негова акија произлегува резултатот што од Прилеп, еден таков голем број на уметници, сликари и скулптории се појавија. Можам да го споменам тука како аматер, после сецело предаден на графиката, Ачески. Борко Лазески исто беше негов ученик, и некои други. Добро би било некогаш малку да се напише за тоа нешто, да се види кои сè луѓе биле опфатени во тие самостојни дејности. Кругот е далеку поширок.


Интерес за списанија

Тогаш очевидно веќе сум достигнал извесно ниво во своето образование литерарно и одеднаш многу строго ги оценив тие свои работи, како детински работи што не треба ни да бидат достапни некому и не дај боже некој да дојде до нив. Затоа јас се решив да ги уништам. Тогаш ги уништив, ги изгорев сите тие свои творби. Во истото време се јави кај мене и интерес за уредување на списание. За нас беше многу интересна детската страница на „Политика” и со нетрпение секој четврток чекавме да дојде весникот. Заправо, таа ни даваше и некаков поим за тоа како треба да биде уредувана една интересна публикација за децата. Имаше и други списанија што доаѓаа тогаш до нас, на пример познатиот „Венец” на Јеремија Живановиќ, наменет за младината. Тоа беше списание што објавуваше почетници. Јас самиот сакав да работам во таа насока и прво сам за себеси го уредував, за кратко време, во неколку броја, хумористичкото списание, пишувано на рака, под наслов „Домус”, што е турски збор, значи „Свиња”. Тука правев шеги за сметка на својот многу добар пријател Ибраим. Имаше мали раскази, мали песнички, имаше ребуси и тематиката беше сврзана со Турците. Меѓутоа, многу посериозно беше тоа кога јас дадов иницијатива да уредуваме групно едно такво списание, само, сега не можам да се сетам за неговиот наслов. Тоа беше со една група деца, другарчиња мои. Бевме пет-шест души и меѓу нив посебно го изделувам Борка Талески, со кого јас се спријателив во втори клас гимназија. Врсник мој, да. Тој седеше во втори клас заедно со мене во клупата. Веројатно и подоцна. Тој во моето детство и во мојата младост ми беше, така да кажам, како некаков идол. Тој изврши на мене значително влијание, така што би требало и натаму во разговорите да го споменеме. Ние пак зедовме углед од „Политика”. Дури насловната страна така ја правевме, што еден беше директор. За директор го зедов оној што најслабо пишуваше, а пак други уредници и така натака. Имавме состаноци редакциски, се договаравме какви ќе бидат нашите броеви. Меѓу другото, за тоа се сеќавам, предвидувавме одење на терен, на Марку Куле или на некоја од соседните планини, каде што има спили тешки за јазење. И, Борка, како физички посилен да се јази, а некои што имаа дарба за цртање, таа сцена да ја фатат, за да може нашето списание да има и илустрации. Ете, така се будеше нашиот интерес за литературата. Го препишувавме тоа списание исто на рака во два-три примероци, што се делеа меѓу нас. Сето тоа беа иницијативи доста краткотрајни, но беа доста интересни. За нас тоа беше игра, но ние тоа го правевме со амбиција, подражувајќи на нешто што ни беше многу сериозно, импресивно. Од друга страна, и тоа е еден податок како се живеело во еден град во Македонија пред војната, во Прилеп, и со што сè младата генерација се занимавала, за што се интересирала и како растела.


Крај на учењето во Прилеп

Андреевски: Кога ги завршивте првите четири класа, зошто школувањето не го продолживте во Прилеп, нели имаше полна гимназија?

Конески: Не, немаше. Таа беше укината една година пред ние да тргнеме в гимназија, а после се обновуваше откако ние заминавме. Кога ја завршив нижата гимназија немаше можност, требаше да се оди на друго место да се продолжи школувањето.

Андреевски: А кои беа причините да се укине?

Конески: Тоа е цела една акција по диктатурата дваесет и деветтата година. Не само во Прилеп. Во многу места во Македонија беа укинати вишите гимназии и учителските школи.

Андреевски: Значи, со извесна цел, да не се создава тука интелигенција, да нема пообразовани луѓе. Или пак да бидат присилени да одат во други краишта на државата. Со еден збор, образованието да стане недостапно.

Конески: Очевидно дека идејата била во извесна мера интернатски начин на школување на деца од Македонија да се спроведе. А некои викаат дека тоа бил некој обид за реформа, да се оди повеќе на граѓански, на занаетчиски школи. Во секој случај ја зеле Македонија како терен за експеримент.

Андреевски: Ја завршивте малата матура. Имаше некаков специјален испит?

Конески: Се полагаше. Само, јас бев ослободен. Сите одлични. Другите ја полагаа малата матура. Токму од тоа време, еве, се сетив за еден настан, што е сврзан со Борка Талески. Тој беше бујно дете и многу смел, отворен. И, тој пројави интерес да научиме да пукаме. Од некаде беше нашол некаков стар пиштол. Пиштолот се полнеше со прачка откај дувлото, со барут, со крпи. И знам дека првпат сум пукал на лозје кај него. Под планината Селечка тие имаа лозје. Таму појдовме и ставивме весник подалеку од нас и пробите успеаја. Пукавме. Тој и јас.

Андреевски: Сте имале тринаесет-четиринесет години.

Конески: Да, да.

Андреевски: Потоа значи, кога ги завршивте четирите години во нижата гимназија - имаше дилеми дали да продолжите со школувањето; каде, како?

Конески: Не, немаше никакви дилеми.


Во гимназија во Крагуевац. Во интернат.

Се разбира, татко ми реши јас да продолжам и заедно со татко му на Борка Талески се договориле во Битола ние да продолжиме. Знам дека најдовме и соба кајшто требаше да живееме. Во меѓувремето, дојде известување дека јас сум примен за стипендијант во интернатот при гимназијата во Крагуевац... Имаше околу четириесет души во интернатот, од различни места од Македонија. Имавме режим интернатски. Наутро одевме групно, во строј, на училиште. Гимназијата беше малце подалеку... Учев таму и матурирав триесет и деветтата година. За разлика од нижата гимназија, вишата гимназија ми одеше потешко. Секогаш се одликував со учењето, но бев само многу добар. Не одличен. Во тоа време почнаа да ме интересираат многу работи. Читав доста. Играв многу шах. А многу малку внимание посветував на предметите. Ретко се случуваше да работам домашни задачи. Обично препишував од повредните другари и во секој случај еден пад се почувствува во учењето кај мене...


Интерес за литературата во новата средина

Можам да ви кажам дека веднаш се вклучив во литературниот живот во гимназијата. Тоа беше за мене многу важно. Имав неколку песни нови, напишани по уништувањето на творештвото пред тоа. Настапив наскоро, веројатно истата есен, пред литературната дружина. Таа работеше многу активно. Бев одушевено примен. Тоа е еден од моите најголеми успеси во животот, настапот како поет, мислам. Настапив со две песни. Едната имаше наслов „Лебед”, а втората, се сеќавам за рефренот „оздола идат сејмени”. Инаку, на српскохрватски јазик пишувана. Меѓутоа, рефренот беше од македонската народна песна „Оздола идат сејмени”. Веднаш критичарите гимназиски рекоа дека ете, се родил поет. При литературната дружина имавме списанија... Јас бев и во редакцијата. Таму се објавени моите први песни на српскохрватски јазик... Кога ние го уредувавме во Крагуевац списанието „Подмладок” тогаш добивавме прилози и од Битоа. Еве го тој контакт меѓу нас. Објавивме една работа од Борка Талески, за која мислам дека е единствена печатена работа од него. Се однесуваше за географскиот фактор во развитокот на човештвото. Добивме и еден расказ од Владо Малески. Тој учеше тогаш во Битола... И сега се сеќавам за содржината на тој расказ. Се опишуваше животот на печалбарско семејство во Скадар. То е, заправо, автобиографски расказ, бидејќи семејството на Малески, татко му мислам, како фурнаџија работел во Скадар.

Во Крагуевац јас почнав да пишувам и на македонски јазик. По моите нотеси се гледа дека во почетокот на 1939 година јас веше сум пишувал на македонски јазик. Негде со осми или деветти март триесет и деветтата година е датирана мојата песна „Писмо до една мајка”, на македоски јазик. Таа преведена, уште истата година беше објавена на српски во Јагодина, во списанието на учителската школа „Гачка узданица”... Појавата, особено на песните на Кочо Рацин, не во збирка уште, во одделни списанија, беше за нас многу значаен стимул да преминеме и ние на пишување на поезија, на литература, на својот мајчин јазик. Јас сум ги читал тие први објавени творби на Рацин во списанија. Сум имал достап и до други работи македонски, од други автори. Но за првиот момент, за мене барем што се однесува, големо било угледувањето на примерот на Рацин, со таа негова поезија на македонски јазик. Јас, ако го сметаме тој текст за прв „Писмо до една мајка”, прв мој текст на македонски јазик, можам да кажам, дека тоа е текст пишуван по угледување на Есенин, на неговата песна до мајката. Но мојата песна беше веќе писмо до една македонска мајка. Таа работи тутун, сите реалии се земени од македонскиот живот. Во тоа време многу читав. Пишував доста ретко. Тогаш се запознав со творештвото на Толстој, Достоевски. Дури, ги имав нивните дела во својата библиотека. Ги купивме заедно со Ристо Џунов - избор на Толстој и Достоевски, како што беше тогаш излезен и после ги делевме. Ги делевме - половина Толстој кај него, половина кај мене. Исто и Достоевски. Страшно многу читав.


Созревање

Инаку, можам да ви кажам дека за нас веќе тогаш настапи еден период на формирање како личности. Мислам на наионалното и политичкото определување. Воопшто, на еден свесен пристап кон животот и проблемите. Многу важни беа оние периоди на распусти. Контактот не се губеше со Прилеп, со моите другари. А и во Крагуевац ние бевме во сиитуација поволна во тој поглед, што како деца од различни краишта од Македонија можевме да се почувствуваме како еден колектив. И, така да кажав, врските се умножуваа. Сето тоа спомагаше и за нашето созревање, на нашето освестување... Така што, навистина, надвор и од тоа што можело да се чувствува како присуство на една официјална политика, ние, заправо, живеевме во една средина што беше обележана со изразито напредни тенденции. Крагуевац е познат како таков. Позната е историјата на Крагуевац. И сето тоа помагаше за нашето развивање. Ние навистина, многу блиски пријателства создадовме таму и некои од тие пријателства траат и до денеска.


Контакти со родниот крај

Веќе спомнав дека ние не губевме контакти со средината од каде што бевме дојдени, а едновремено меѓу себе развивавме пријателство и контакти, како деца од различни краишта на Македонија. На пример, кога се враќав јас во Прилеп, тогаш истото наше друштво се активираше во летните месеци. Но промената беше таа што веќе почнаа да се одржуваат некои кружоци. Веќе се почувствува дека има една инклинација кон марксизмот. Натаму, дека се буди интересот за националното прашање. Раководител на тие кружоци за нас беше Борка Талески. Јас можам да Ви кажам дека првпат од него сум чул за Гоце Делчев и за Илинденското востание. Се разбира, за тоа во училиштето никакви податоци не сме добивале.. Јас мислам дека тоа треба да било, ако не уште во четвртиот клас, значи во нижата гимназија, но секако во петтиот клас, во вишата гимназија биле тие разговори со Борка Талески. Јас, се разбира, во својата фамилијарна традиција, знаев дека Крушево горело. Знаев и тоа дека наши луѓе и од нашата куќа, биле таму. До востанието нашата куќа соработувала со организацијата. Меѓутоа, сето тоа беше една, да кажам, селска интерпретација на настаните. Јас историската смисла никако не можев да ја разберам од тие раскажувања, историската смисла на тој астан. По востанието нашето село и некои други околни села инклинираат кон српската пропаганда. И, за тој пресврт е заслужен еден братучед на мојот татко, војводата Глигор Соколовиќ. Тој е познат како раководител на српска чета... Пред востанието сите биле заедно, а тогаш почнале тие делења. Е, сега, иако ситуацијата била таква, јас дома никакво воспитание не сум добивал во национална смисла, дека треба да се чувствувам како Србин. Тоа не постоело. Просто, јас колку што можев да разберам, говореа луѓето за Србите, за Бугарите, повеќе за некаква српска партија, бугарска партија. Нас не нè воспитуваа во национална смисла така, како што можеби се претполагало, ако се земе предвид тој настан, таа инклнација кон српската пропаганда на овие села наши и на селата во Порече, по востанието. Така што јас откако сум свесен за себеси, јас се сметам за Македонец. Немало кај мене никакви тука... нити тешкотија во тоа осознавање, нити дилема. Јас мислам дека тоа важи и за целата моја генераија, за сите тие млади луѓе што се собираа во тие кружоци да читаат литература, да се упатуваат во марксизмот, да разбираат нешто за своето национално минато, во тие кружои што меѓу нас особено ги создаваше Борка Талески.


Разговори на национални теми

Во самиот Крагуевац ние ги дискутиравме истите прашања. И таа литература ја читавме по стимул веќе на оние пунктови таму, во Крагуевац. А се сеќавам дека водевме разговори и на национални теми. И, како сега ми е во умот една вечер, кога ние во спалната, десетина души, пред спиење, разговаравме за тоа како Македонија треба да се ослободи, македонскиот народ да се ослободи, дека треба да имаме држава. А јас прашав: а што ќе правиме со јазикот? А еден одговори: Тоа не е важно. Ние прво треба да се ослободиме, па лесно ќе се реши прашањето за јазикот. Секако, јазикот требаше да биде македонски. Ама, каков да биде? Ние не замислувавме друг јазик. Но, каков да биде. Јас можам да кажам дека не останав сосема задоволен во себе од таа реакција. Јас мислев дека сепак треба да бидеме поначисто со тоа каков ќе биде нашиот јазик...

Ние, воопшто, стапувавме во животот како свесни субјекти, како една македонска генерација. И, природно беше постепено да ги освојуваме одделните области на нашето дејствување, вклучувајќи го и нашиот мајчин јазик. Но, тоа е еден широк процес. Се разбира, на таа наша возраст, многу моменти од тој процес избегнувале од нашето внимание... Во секој случај ние веќе бевме упатени во тоа дека треба на свој јазик да пишуваме. Таа смена на јазикот, при пишувањето на поезија, кај мене се изврши во Крагуевац.


Играње шах до премора

Да, многу игравме. Шахот го научив од својот другар од Злетово, Трајко Ников. Се пристрастив многу кон шахот. Почнав да читам и шаховска литература. Имав два прирачника на германски јазик. И, единствената полза, така да кажам, од таа моја занесеност беше тоа што доста свикнав со читање на германски јазик, интересирајќи се за шахот. И во Прилеп, кај мене дома летото беше едно постојано отворено шаховско поприште. Одевме и кај други мои другари. Имавме турнири. Секидневни. Ги бележевме партиите. Водевме табели - кој го зел првото место, кој второто и така натака. Интересно е дека еден нотес со забележани партии се зачувал кај мене и тој е депониран овде во Академијата, во архивот, и може да се види какво било нивото на нашиот шах во тоа време. Но, она што е особено важно, таму се нотирани партии на мои другари, загинати во војната. И, можам да кажам, дека можеби тоа се, речиси, единствени траги од нивното мислење. Таков е случајот со Круме Јаскоски. Има во тој нотес партии што тој ги играл. Во Прилеп и во чаршијата јас се поврзав со шахистите прилепски. Имавме и меѓуградски натпреварувања, мечови со Битола. Еднаш одевме ние во Битола, еднаш тие дојдоа, и јас играв на првата табла. Со успех ги бранев боите на Прилеп. За тоа споменувам во својот есеј за сликарот Цане Секулоски. - Нашата забава во Прилеп, преку денот, беше тоа играње шах до премора. Знам, навечер кога ќе легнев, сè оние коњи, бели, црни пред да заспијам пред очите ми се меткаат. Попладне се собиравме околу таа берберница на Тутета. Одевме на корзо. Старото корзо во Прилеп, тоа излегува на она таканаречено Брдо, каде што е сега Могилата на непобедените. Во составот на тоа шеталиште, беше и Брдото. Тоа беше еден градски парк. Младината тука се среќаваше, комуницираше. Исто се среќававме на тие кружоци, еднаш кај еден, другпат кај друг. Тоа беа кружоци за марксистичко образование. А понекогаш имавме состаноци и на излети. Тука се мешаа студентите и ние гимназијалците. Сето тоа беше еден начин на наше вклучување, во помала или поголема мера, и во политичкиот живот на градот.

Слики: Никола Мартиноски

Другите делови од „Кажувањата“ можете да ги прочитате на следниве линкови:

Конески: Кажувања (1)

Конески: Кажувања (2)

Конески: Кажувања (3)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото